Фото: Здружение „Роднокрајци“ - Кавадарци

Трета година по ред, Здружението на љубители на уметноста и културата „Роднокрајци“ од Кавадарци ја организира својата годишна изложба, која синоќа беше отворена во двата изложбени салони на музеј-галеријата. Имавме можност да видиме 50 дела на десетмина автори. Беа изложени пејзажите на Киро Јосифов, портретите на Горан Боев, делата со рачно изработена хартија на Ива Јосифова Даневски, булките на Лазар Дојчинов, уметничките фотографии на Тони Коцев, како и мртвата природа и апстракциите на Драгица Чекорова. Тука беа и инвентивните дела на младите графичари: Никола Ивановски, Мартин Камчев и Јован Колев и уметницата Тодорка Пејовска. Со присуството и промоцијата на младите автори здружението ја потврди својата определба да биде отворено за сите љубители на уметноста. Отворањето на изложбата беше проследено со настап на оркестарот на традиционални инструменти при ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ под раководствон Горан Јанев.

Во своето обраќање кустос историчар на уметноста Елизабета Ристова подвелече дека оваа изложба дава уникатна можност да се истражи разновидноста на уметничките изрази во регионот, прикажувајќи широк спектр на стилови, техники и перспективи.

– Секое дело ја одразува личната визија на уметникот , но заедно тие создаваат колективен наратив за нашата заедничка историја и пределите кои не опкружуваа. За Ристова изложбата всушност е потсетник за тоа како уметноста има моќ да не поврзува со нашите корени, со нашиот роден крај и меѓусебно, и не потсетува на убавината, предизвиците и соништата на заедницаа – посочи Ристова.

Здружението „Роднокрајци“ има цел да ја нагласи тенденцијата за негување на слободниот ликовен израз на кавадаречите автори, кои преферираат традиционални ликовни форми, но отворено е и за автори кои внесуваат современи тенденции во ликовното творештво. Во овој контекст здуржението „Роднокрајци“, Цветанка Тодоровска Митрева го поистоветува со носталгијата за старата кавадаречка чаршија: „ Ех чаршијата… улиците лепливи од гроздовиот сок кој се цеди низ кошевите на штотуку набраното грозје. Трагите не водат до казанот каде се вари ракијата, да има за претстојната зима. И афионот го беревме, го собиравме за лек.“

– Богатството од идеи, теми и мотиви кои ги нуди родниот крај овие уметници ги преточуваат во дела. Многу од нив денес се ноѓаат во различни држави во светот и практично се амбасадори кои го промовираат не само уметникот туку и нашиот крај, Тиквешијата заедно со богатата историја и традиција и прекрасните топли пејзажи. Досега здружението има реализирано повеќе групни изложби како на пример изложбата со наслов „Реализам наспроти апстракција“ во Велес, Демир Капија и Неготино и еве вече третата годишна изложба со што нивниот опус станува се побогат и поразновиден – рече во своето обраќање Цветанка Тодоровска Митрева.