Фото: Собрание на РМ

Повеќе од очигледно е дека претседателката на албанското собрание води многу повеќе сметка за состојбите во македонската внатрешна политика, но, што е уште пострашно, си зема за слобода да коментира какви одлуки треба да донесат македонските институции. Ако станува збор за некаков нејзин личен став и мислење, донекаде е и разбирливо, но ако станува збор за пренесен став на официјалната албанска политика, тогаш тоа претставува грубо мешање во внатрешните работи на една суверена држава

Пораките од претседателката на Собранието на Албанија во Скопје се грубо мешање во внатрешните работи

Грубото мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на соседите продолжува со несмален интензитет, кои без никаква задршка или дипломатски манири се дрзнуваат да кажуваат што треба, а што не треба да имплементираат македонските власти и институции.
Бугарија си зема за право да наложува впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во македонскиот устав, да отвора клубови именувани според контроверзни личности, како и да бара оставки од македонски министри и политичари. Грција го прави истото тоа, така што откако најпрво издејствува промена на името на државата, сега кажува што друго треба да спроведе земјава во насока на имплементација на Преспанската спогодба, иако самата како држава потписник нема спроведено ниту една запирка од истиот договор.
Ниту Албанија не заостанува во мешањето во внатрешните работи на земјава, а со своите постапки во добар дел придонесе државата и македонскиот народ да се најдат во дополнителна деликатна ситуација по притисокот од грчка и бугарска страна.

Албанија не се откажува од обидите за креирање политики во Македонија

Имено, албанскиот премиер Еди Рама беше тој што пред неколку години ја подготви таканаречената Тиранска платформа, која значеше инсталирање подобна влада во Македонија што ќе се согласи на сите отстапки пред официјална Атина и Софија. Очигледно оваа платформа ја постигна целта откако беа спроведени сите планови однадвор, а земјава и по сите ирационални отстапки што ги направи, повторно е заглавена во евроинтегративниот процес и сега се соочува со дополнителни асимилаторски напади врз македонскиот народ од страна на источниот сосед.
Потврда дека Албанија нема намера да се откаже од креирањето на политиките во земјава што се во полза исклучиво на една малцинска заедница се неодамнешните изјави дадени од страна на претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали. Имено, претседателката на албанскиот парламент среде Скопје порача дека се надева оти иницијативата за балансерот нема да помине.
– Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, заснована и на оваа геополитичка реалност на регионот и во заемниот интерес, ќе продолжи во согласност со современите демократски стандарди на мултиетничкото општество – рече Спиропали.
Таа уште порача и оти се надева дека Законот за употреба на јазиците ќе биде целосно имплементиран.
– Ова е еден од условите што ги гарантираат напорите за изградба на функционално мултиетничко општество, засновано на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Исто како што сме заинтересирани, очекуваме со доверба и надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран. Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот тој има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото прекршување во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение во согласност со духот што го диктира Охридскиот рамковен договор – истакна Спиропали.
Претседателката на Собранието на Албанија изрази жалење што уставните измени што треба да се донесат под притисок на Бугарија останале заглавени.
Повеќе од очигледно е дека претседателката на албанското собрание води многу повеќе сметка за состојбите во македонската внатрешна политика, но, што е уште пострашно, си зема за слобода да коментира какви одлуки треба да донесат македонските институции. Ако станува збор за некаков нејзин личен став и мислење, донекаде е и разбирливо, но ако станува збор за пренесен став на официјалната албанска политика, тогаш тоа претставува грубо мешање во внатрешните работи на една суверена држава.

Лицемерно однесување од Албанија кога станува збор за тамошното македонско малцинство

Крајно лицемерно е од една страна Албанија да дозволи целосна асимилација на македонското малцинство на нејзина територија преку пописниот инженеринг, а од друга страна да си зема за слобода да ја креира македонската внатрешна политика и да кажува како да одлучуваат Уставниот суд, Собранието, министрите и другите државни функционери.
– Проблемот е што политичарите од страна се навикнаа на сервилните политики на претходните две македонски влади, кои беспоговорно прифаќаа сѐ на штета на македонските национални интереси, и мислат дека можат да продолжат да се однесуваат така, односно да се мешаат во нашите внатрешни работи и да ни кажуваат што треба да правиме. На сите треба да им биде јасно, па и на соседите, дека тоа време помина и дека во земјава има нова политичка состојба. Спиропали нека се грижи за состојбите во Албанија, нека одговори каде потфрли албанската држава за време на пописот кога бугарски емисари им шетаа низ земјата и вршеа притисок врз македонското малцинство да се попише како бугарско. Не успеаја да го заштитат македонското малцинство, а тука држат предавања за малцинствата. Тоа требаше да ѝ го предочат и македонските политичари со кои се сретна во земјава, дека Македонија е суверена држава и носи одлуки што се во најдобар интерес за сите нејзини граѓани, без оглед на етничката припадност. Тирански, софиски, приштински, атински и секои други идни платформи нека си ги чуваат дома, тука има македонска платформа, која значи просперитет и напредок на државата Македонија и граѓаните сакаат да се спроведуваат македонски, а не туѓи политики – велат аналитичарите.
Со слична реакција се јави и Светскиот македонски конгрес (СМК), од каде што порачаа Албанија да престане да се меша во внатрешните работи на Македонија.
– Светскиот македонски конгрес ја поздравува посетата на претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, на Собранието на Македонија, меѓутоа пораките „за тоа како Македонија треба да се грижи за Албанците, бидејќи се работи за ист народ во три држави“, ги оценува за грубо мешање во внатрешните работи на Македонија. Посебно за „правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата…“ и „имплементацијата на Законот за употреба на јазиците“, што е во спротивност од намерите на македонската влада за укинување на балансерот и оцената на уставноста на Законот за употреба на јазиците од Уставниот суд на Македонија – се наведува во реакцијата на СМК.
Од СМК ја поздравуваат иницијативата за историско македонско-албанско помирување и склучување договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Албанија, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
– СМК предлага склучување меѓудржавен договор за положбата и правата на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија – што за Албанците во Македонија, тоа и за Македонците во Албанија, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните.
СМК го отфрла предлогот помеѓу претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за меѓународен надзор за почитувањето на правата на Албанците во Македонија. СМК изразува жалење што во разговорите со претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, од македонска страна ништо не е спомнато за унапредувањето на положбата и правата на Македонците што ги има и во Албанија и во Косово – се наведува во реакцијата на СМК.