„Портрети“, завршна белешка

„Портрети“, кои овие месеци се усогласуваат во најнова книга на Прокопиев, може да се поднасловат и како „животни фрагменти од субјективен агол“, зашто авторот ги прифаќа како речиси фактографски случувања што ги памети до детали. Од таа страна, оваа збирка прозни парчиња е лично доживеана и тука, во книгата, нивното регистрирање е текстуално. Стварноста постои како таква, а писателот е оној што ја осознава за себе, според својот талент за препознавање. А ако тука го достигне посакуваниот висок степен на умеење, тогаш сѐ за што тој пишува токму така и се случило.
Поголемиот број „Портрети“ се објавени во ЛИК, додатокот за култура во весникот „Нова Македонија“, како и во „Ајфелов мост“, познатиот книжевен портал на Миљенко Јерговиќ, оттаму пријателска благодарност до Весна Дамчевска и до Ана и Миљенко за нивната долгогодишна подршка.
Сепак би кажал уште нешто за „Портрети“, но не за она што е предвидливо – за растечката возбуда од почетната замисла кон обликувањето и распоредот на наративното ткиво во книга и за скромната желба дека оваа проза ќе има поддршка од добри читатели. Туку, во завршната фаза, да не ги дополнувам портретите со смислување необични додатоци, туку да ги оставам (со сосема мали преправки) во онаа форма во која беа запишани. На почетокот тие доаѓаа визуелно, како фотографии или, подобро, како краток документарен или игран филм, па потоа, кога требаше да се опишат со зборови, вратата на имагинацијата беше подотворена. Тие и така, според начинот на кој се забележани, им припаѓаат на антиупатствата.
Но да не дојде до застој пред самото финале, би требало, уште еднаш, да ги распоредам точно.

Условно, на 4 групи портрети:
1. Семејни
2. Од животот + книжевни
3. Белградски студентски
4. Оние меѓу сонот и јавето
Важно е кои портрети ќе бидат врзивни, од едната кон друга група.
Епилогот на конкретниот случај, на книгата „Портрети“, ќе следува за неколку месеци и потоа авторот ќе може да им се посвети на следните портретни соживувања.