Мастеркласови на 45. „Браќа Манаки“
Неколку мастеркласови и работилници се одржаа деновиве во рамките на тековниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Еден од гостите на фестивалот, Кжиштоф Влодарчик, кој работеше на полскиот филм „Зона на интерес“, на Џонатан Глејзер, прикажан во главната селекција на фестивалот, во киното „Манаки“ во Битола презентираше што се случувало зад сцената, како и во периодот на подготовки пред да започне снимањето на овој извонреден филм.
– Да се биде техничар на дигитална слика e уникатно искуство. Да се работи на целата таа подготовката пред да се снима филмот е тешко, но импресивно. Би го направил истото пак, но сигурен сум дека нема да биде толку предизвикувачки и фасцинантно во исто време како ова искуство. Режисерот сакаше целиот филм да се снима со природна светлина, односно да се користи природната светлина што ја има ноќе и онаа прекуден. Во еден ваков проект важно е каков избор на опрема ќе направите. Избравме десет камери „сони венис“, ни требаа повеќе камери. Во куќата во која снимавме, знаевме дека имаме ограничен простор за камерите, за екипата што работи на снимање на филмот, па моравме да обезбедиме мали камери – рече Влодарчик.
Важно било камерите да се што е можно помали, за полесно да можат да бидат скриени, со цел да не ги дефокусираат актерите. Идејата на режисерот на филмот не била да се сечат кадри и да се повторуваат сцени. Затоа на крајот имало многу снимен материјал. Тој прикажа фотографии од снимањето на филмот на кои се гледа како на автомобил се монтирани неколку камери подготвени за снимање сет, а тоа е можно бидејќи се мали и може да се монтираат и употребат на исто место наеднаш.
Инаку, директор на фотографија на филмот „Зона на интерес“ е Лукаш Жал, полски кинематографер, познат по филмот „Студена војна“ (2018), кој му донесе номинација за „оскар“, награда на Американското здружение на кинематографи за извонредни достигнувања во кинематографијата во театарски изданија и номинација за БАФТА. Покрај овој филм, тој е автор и на филмот „Ида“ (2014, номинација за „оскар“).
Конференција за печат одржа и Јоланта Дилевска, годинашна добитничка на наградата „специјална камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Филмот „Тулпан“, чија кинематограферка е токму Дилевска, беше прикажан на „Браќа Манаки“, а таа говореше за нејзиното фокусирање на лицата на луѓето и животните и зошто тоа е толку многу важно за неа, за жените кинематографери, но се осврна и на значењето на наградата, која ѝ беше врачена на свеченото отворање.
– Би сакала да истакнам дека јас и Михал Димек дипломиравме на Полската национална академија за филм. Кога дојдов да студирам на Академијата никој не веруваше дека е можно жена да биде кинематографер. Само еден професор, кој е познат полски кинематографер, Јержи Војчик, веруваше во мене и создадовме силна конекција како ученик и професор. Тој имаше холистички пристап и нѐ учеше дека камерата го снима и она што се гледа и она што не се гледа. Му приоѓам на лицето како на огледало низ кое минува времето. Мислам дека најинтересно нешто е лицето пред камерата, без оглед дали станува збор за документарен или играм филм – рече Дилевска.
Марко Брдар, кинематограферот на филмот „Безбедно место“, пак, на средбата со новинарите проговори за темата што ја обработува филмот, со оглед на тоа што станува збор за мошне вознемирувачки филм – интимна приказна што говори за самоубиството на авторот на сценариото на филмот.
– Режисерот го знаев само како братот на Јаков, но кога дознав дека сака да снима филм за оваа приказна, веднаш се вклучив и поминав две години со него работејќи на филмот – рече Брдар.
На „ИМАГО мастерчат со мајсторите“ зборуваа големите кинематограферски имиња: Данте Спиноти, Џон Сил и Кристијан Бергер, кои споделија искуства за почетоците на нивната кариера, но и случки од филмски сетови.
– Започнав да учам во Австралија, во 1960-тите. Не знаев што правам тогаш. Ја гледав камерата и си велев, зарем не е ова една извонредна машина, која умее да го снима животот? Продуцентите во Австралија во тоа време имаа пари. Имавме иновативни режисери што имаа слобода. Поминаа многу години додека станав директор на фотографија. Филмот мора да ти е снимен во главата уште пред да биде вистински снимен. Мора да знаеш во умот дека секоја сцена ќе биде покриена и добра. Суштината на правењето филм е да ја натераш публиката да заплаче, а тоа го прави или сценариото или фотографијата или сето тоа заедно – рече австралискиот кинематографер Џон Сил, добитник на многубројни награди и признанија, вклучувајќи ја и наградата БАФТА.
Италијанскиот кинематографер Данте Спиноти сподели со публиката дека уште кога бил дете сакал да фотографира и да развива фотографии.
– На моите фотографии од фудбалски натпревари долу одеше „Фото: Спиноти“. Сè започна оттаму. Пред да почнеш да правиш филм мора да имаш многу предзнаења за тоа како да се направи филмот. Ние од нашата генерација поминавме низ интересен дел од филмската индустрија кога и немаше толку развиена технологија како денес. Како се употребува камерата, како се осветлува сцената на сет, сето тоа е дел од идејата за правење филм – рече Спиноти, познат по соработката со режисерите Мајкл Ман, Мајкл Аптед, Ермано Олми, Брус Бересфорд, Куртис Хенсон и Брет Ратнер.
Дел од разговорот беше и австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, кој истакна дека атмосферата во сцената зависи од осветлувањето и дека светлото е многу важно за филмот. Тој зборуваше за тоа како чекор по чекор во развојот на неговата кариера дошол до неколку телевизии во кои работел, но работел независно, за да може да продуцира свои филмови со свои другари, бидејќи немал буџет.
– Во дискусиите пред снимање, лесно е да се каже дека се сфаќа сè. Но во текот на снимањето сè е различно. Некои веруваат повеќе во текстот, други во она што го гледаат. Јас го претпочитам второто – рече Бергер. В.Д.