Отворено 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Една е Битола, градот на конзулите, клавирите и на филмот. Еден е фестивалот „Манаки“, кој секоја година ја прави Битола еден од најважните филмски центри во светот, беше речено на свеченото отворање на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, на кое присуствуваа голем број претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, филмски работници, актери и кинематографери од земјава и од странство, како и голем број вљубеници во филмската уметност.
– Оваа година наши учесници и гости на фестивалот се мајстори на филмската фотографија што заедно имаат освоено осум „оскари“, 16 номинации за „оскар“, 12 награди БАФТА и уште 19 номинации за истата награда, 11 награди од Американското друштво на кинематографери, осум награди од Британското друштво на кинематографери, шест награди на Канскиот филмски фестивал, една награда во Венеција, три награди во Берлин, шест награди „еми“, еден „азиски оскар“… Сите овие луѓе годинава ќе шетаат по улиците на Битола. Ќе шетаат по Широк сокак. Ете затоа еден е „Манаки“ и една е Битола, како голем центар на филмската уметност – рече во своето обраќање директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, кој подвлече дека е сигурен дека и ова издание уште еднаш ќе покаже и докаже зошто Битола е епицентар на уметноста и културата, особено на филмската уметност.

Дамевски соопшти дека фестивалот годинава му доделува почесна „златна камера 300“ за животно дело на Јанаки Манаки, бидејќи досега вакво признание му било доделено само на неговиот брат Милтон.
– Првпат мојот татко ја прими наградата „златна камера 300“ во името на неговиот татко, Милтон Манаки. Фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатен фестивал. Еден од малкуте фестивали што ги слават кинематограферите. Голема чест, задоволство и благодарност од семејството, кое ја прима оваа награда – рече на неговиот внук, Милтон, кој ја прими наградата.

Беше соопштено и дека се почнати преговори за изработка на споменик на Јанаки Манаки.

Премиерот Христијан Мицкоски му ја додели наградата „златна камера 300“ за животно дело на францускиот кинематографер Бруно Делбонел.
– Голема благодарност до фестивалот. Кога Симеон ме повика, реков, нема шанса да дојдам, сѐ уште не сум се пензионирал. Им се восхитувам на досегашните добитници на ова признание, како Свен Никвист, Ед Лакман, Виторио Стораро, Питер Бижу, Џон Сил… Тоа се луѓе од кои многу сум научил и многу им должам. Сега се обидувам да му го дадам на киното она што киното ми го даде мене – рече Делбонел.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја врачи наградата „специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Годинашна добитничка на наградата е полската кинематограферка Јоланта Дилевска
– Оваа награда за мене и полската кинематографија претставува голема чест и задоволство. Денеска во моите мисли се сите режисери со кои сум работела, сите членови на техничкиот тим и оваа награда ни припаѓа на сите нас. Мислам и на браќата Манаки. Нивната страст и љубовта кон камерата се причината зошто јас денеска стојам овде. Милтон и Јанаки ви благодарам, Македонија ти благодарам! – рече Дилевска.

Градоначалникот во своето обраќање подвлече дека ИФФК „Браќа Манаки“ е првиот и најстар фестивал во светот посветен на кинематограферите.
– Битола продолжува да биде креативен центар за најдобрите светски директори на фотографијата, откривајќи низ времето многу таленти, кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија. Фестивалот е место на слободната мисла на филмските работници, вечно зачувувајќи го споменот на браќата Манаки – рече Коњановски, посакувајќи успешно издание на фестивалот.

Секоја година ДФРМ ја доделува наградата „голема ѕвезда на македонскиот филм“, а од името на друштвото се обрати претседателот Игор Иванов, кој го најави годинашниот лауреат, Димитар Грбевски, филмски и телевизиски монтажер. Наградата ја додели Владимир Павловски, студент на Грбевски.
– Јас како филмски монтажер, исто како годинашниот лауреат, мојот професор Димитар Грбевски, кога работам сум во заднина. На сцена излегуваме по завршено филмско дело, но денес сум овде поради еден посветен професор, докажан филмски монтажер и прекрасна личност. Неговите студенти со своите филмови се амбасадори на македонската култура на најголемите фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Санденс, вклучувајќи го и нашиот најуспешен филм, „Медена земја“, со две номинации за „оскар“ – рече Павловски.

Грбевски, заблагодарувајќи му се на ДФРМ, им посака на младите да го следат патот на филмските дејци.

Покровител на фестивалот е претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Таа во своето видеообраќање рече дека за неа е голема чест да се биде покровителка на еден од најреномираните и најпрестижни културни манифестации во земјава.
– Не се сомневам дека сите што сте во Битола имате ретка и исклучителна прилика да се дружите со великаните на светската кинематографија, да уживате во извонредните филмови, чие сликање на животот многупати знае да биде подлабоко и поемотивно и од самиот живот. Со право важниот и чудесен настан „Браќа Манаки“ ги слави кинематограферите како волшебници што од приказната прават слика и филм – рече Силјановска-Давкова, која го отвори фестивалот.

На отворањето на јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, публиката имаше можност да го проследи филмот „Партенопе“, во режија на Паоло Сорентино, а кинематограферка е Дариа Д’Антонио.


Промоција на „Костимот во Македонија“

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ ќе биде промовирана денеска, во 18 часот, во КЦ „Магаза“ во Битола. Настанот е во рамките на „Олабај“ – офф-програмата на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Промоторка на книгата ќе биде Наде Геневска-Брачиќ, етнолог и кустос-советничка во НУ Завод и музеј – Битола, наедно и авторка на едниот предговор во книгата, а модераторка ќе биде уредничката Бисера Бендевска. „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“ и е поддржано од Министерството за култура, како дело од национален интерес.

Ова е второ претставување на „Костимот во Македонија“, по промоцијата во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, во март оваа година. Книгата ги сублимира сознанијата и знаењата добиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмска и музејска костимографка. Повикувајќи се на големите студии на Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.