Став на Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград
Државното име нема никаква правна релација со историјата! Државното име не влијае врз историските интерпретации и обратно, ниту врз територијалните права и обврски на својата или други држави! Ниту една држава во светот нема монопол на толкувањето на историјата! Секој, ама буквално секој има право произволно да дава сопствено толкување на кој било период од историјата, чија било и да е! За жал, историчарите направија огромна штета за таканаречениот „спор за името“ со самото тоа што се обидоа да ја поврзат историјата со името на државата! Историјата и името на државата во светот на правната наука се категоријално различни сфери. За државното име Македонија, сега нелегално „решено“, не потпирајте се врз историјата! Историјата секогаш ја пишуваат посилните и победниците и ја интерпретираат како што сакаат! Историјата како алиби за името на државата, во услови на нерамноправни односи, е слепа улица!
Игор Јанев
Ниту една држава во светот нема монопол на толкувањето на историјата! Секој, ама буквално секој има право произволно да дава сопствено толкување на кој било период од историјата, чија било и да е!
И да е грчко, како што не е, сонцето од Кутлеш, никој не може да ограничува некого да објавува и да позира со туѓи знамиња и симболи! Никогаш и никаде!
Ако насекаде се објавуваат и се поставуваат американското знаме, знамето на НАТО, знамето на ЕУ, неретко и руското знаме и други, тогаш легитимно се поставува прашањето кој може да забрани објавување и поставување знаме со сонцето од Кутлеш?
Ако, пак, некој се обврзал со договор на забрана или ограничување на употребата на сонцето од Кутлеш или да се именуваме за Македонци или државата да не ја нарекуваме Македонија, таков антиидентитетски договор со рестрикции врз правото на самоопределување е нелегален акт!
И затоа, поуки од меѓународното право за сите што се мешаат и кои измешаа сѐ со името на државата Македонија!
Државното име нема никаква правна релација со историјата! Државното име не влијае врз историските интерпретации и обратно, ниту врз територијалните права и обврски на својата или други држави!
Ниту една држава во светот нема монопол на толкувањето на историјата! Секој, ама буквално секој има право произволно да дава сопствено толкување на кој било период од историјата, чија било и да е!
За жал, историчарите направија огромна штета за таканаречениот „спор за името“ со самото тоа што се обидоа да ја поврзат историјата со името на државата! Историјата и името на државата во светот на правната наука се категоријално различни сфери.
За државното име Македонија, сега нелегално „решено“, не потпирајте се врз историјата! Историјата секогаш ја пишуваат посилните и победниците и ја интерпретираат како што сакаат! Историјата како алиби за името на државата, во услови на нерамноправни односи, е слепа улица!
За државните имиња важат прецизно дефинирани правила!
(1) Државите немаат ексклузивни права на државните имиња! Република Македонија е правен идентитет на држава со дефинирани граници, иако Македонија е и име на поширок географски регион! Впрочем, не смее да се заборави, токму европската Бадинтерова комисија, составена од претседателите на уставните судови на пет земји членки на Европската Унија, своевремено утврди дека името на државата Македонија не имплицира територијални претензии кон соседите, како одговор на обвинувањата од Атина, иако во Балканските војни 1912-1913 година Атина изврши окупација врз Македонија – егејскиот дел на Македонија и геноцид врз македонскиот народ!
(2) Државните имиња не влијаат врз територијалните права и обврски на својата, како и на туѓа и друга држава! Државното име во меѓународното право не се толкува како територијални претензии или иредентизам на една држава кон друга!
(3) За државното име како правен идентитет, како елемент од меѓународноправниот субјективитет не е релевантна историјата или потеклото на народот, како ни физичките и популациските карактеристики на територијата за чијашто држава станува збор!
(4) Спорови меѓу државите за државните имиња не постојат! Не може во ова суверено право, на која и да е држава, да се врши „легално“ вмешување од Организацијата на Обединетите нации или нејзина членка, ниту непризнавањето од една држава на друга поради какви и да е причини, да се толкува како спор или разлика (како поблага форма на спор во дипломатскиот жаргон).
Во случајот со приемот на Македонија во членство на ООН е направена замена на тези и едно билатерално непризнавање е преформулирано како разлика или спор. Инаку, ваков спор од Меѓународниот суд не би бил прифатен, туку отфрлен! Затоа Атина и нејзините спонзори го одбраа Советот за безбедност, како привлечна инстанца за да го формулираат билатералното непризнавање и да го поткренат на ниво на спор.
Имајќи предвид дека државното име како државно-правен идентитет е правна категорија, која претставува есенцијален елемент на правната личност, а ова е супстанцијален елемент на државноста (со суверена власт, територија и популација), произлегува дека надлежните органи на ООН при приемот на Македонија во членство ги пречекориле своите овластувања!
Елементи на државност во меѓународното право се: 1. суверена власт; 2. територија; и 3. популација, односно народ, кој остварува јурисдикција врз територијата што ја владее и поседува.
Елементот суверена власт го вклучува и правниот субјективитет, а овој како основен елемент го содржи правниот идентитет, односно името (правниот идентитет е исто што и името)!
Заклучок од целата оваа нелегална и нелегитимна постапка со промената на името на државата Македонија е дека таквите преговори и спогодбата помеѓу Димитров и Коѕијас од 17 јуни 2018 година за името се беспредметни! Спор е всушност замена на теза: постои непризнавање на државата Македонија од само една држава – државата со главен град Атина!
Суверенитетот на државата Македонија се однесува не само на правно дефинирана територија (територијална јурисдикција) туку и на народот односно, граѓаните што живеат на таа територија и се под јурисдикција на државата Република Македонија! Историските присвојувања и подметнувања не се и не можат да бидат предмет на спор!
Решението на ова грубо кршење на домашното и меѓународното право, особено на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, е многу едноставно! Претседателот, премиерот или министерот за надворешни работи испраќа нота до Владата во Атина и генералниот секретар на ООН, која гласи: „Со оваа нота, која стапува во сила веднаш, Ве известуваме дека, врз основа на членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорното право од 23 мај 1969 година, спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година се смета за раскината! Членството во ООН, Македонија го продолжува како Македонија!“