Кога пријателите се собираат и разговараат за одредена тема, тие често откриваат дека на социјалните мрежи наскоро се појавуваат реклами поврзани со тој приватен разговор. Оваа често повторувана ситуација доведе до шпекулации дека мобилните телефони слушаат разговори за да го персонализираат рекламирањето. Експертите на „Касперски“ ја отфрлаат оваа идеја и нудат совети како да ја заштитите вашата приватност ако се чувствувате непријатно поради ситуацијата.
Впечатокот што го имаат многу луѓе дека нивниот мобилен телефон ги слуша разговорите и потоа ги приспособува рекламите на интернет на нив, првенствено се должи на два фактора – следење на навиките на интернет и споделување преференции помеѓу уредите во близината. Следењето на онлајн навиките се врши континуирано додека корисниците се поврзани на интернет. Тоа ги вклучува веб-локациите што ги посетуваат, производите што ги гледаат и купуваат, пребарувањата што ги вршат, содржината што им се допаѓа на социјалните мрежи, па дури и локацијата снимена преку џипиесот на нивниот уред. Оваа информација им овозможува на компаниите да дознаат повеќе за интересите и преференциите на корисниците и да им даваат персонализирани препораки.
Сепак, вистинскиот виновник зад митот дека мобилните телефони ги шпионираат разговорите е можноста за споделување преференции помеѓу уредите во близина. Со други зборови, паметните телефони имаат функција што им овозможува едни со други да споделуваат информации за навиките за купување. Како што луѓето споделуваат информации кога зборуваат, така и уредите го прават тоа, за да ја подобрат персонализацијата на онлајн понудите.
Вреди да се напомене дека оваа размена не е поврзана со сопственикот на мобилниот телефон, туку со интернет-регистарскиот број (IP) на уредот. Тоа значи дека личните податоци не „протекуваат“. Технички гледано, она што се пренесува се „метаподатоци“ што не дозволуваат идентификација на инволвираните лица.
– Секој ден прелистуваме или читаме онлајн содржини, а оваа размена меѓу уредите се случува постојано. Сепак, тоа не го забележуваме кога станува збор за општи теми бидејќи претпоставуваме дека тоа е само масовно рекламирање. Сепак, ова ни го привлекува вниманието кога разговараме за одредена тема, како на пример патување во необична земја или за одреден производ или услуга, а потоа гледаме реклами за тоа. Овие специфични случаи создаваат перцепција дека мобилниот телефон го слушал разговорот – објаснува Леандро Куоцо, безбедносен аналитичар за Латинска Америка во „Касперски“.
Тој препорачува мониторинг-апликации што активно го следат однесувањето или интеракциите на користење интернет. За да го направите тоа, едноставно проверете ги дозволите за секоја апликација и оневозможете ги функциите што се сметаат за инвазивни. Ако сакате да го ограничите споделувањето лични податоци, можете да ги проверите поставките на телефонот за да спречите апликациите да пристапуваат (и да споделуваат со трети страни) податоци за вашата историја на прелистување или навиките за купување.