Фото: ЕПА

Претставен новиот состав на Европската комисија

Претседателката на Европската комисија во својот краток говор само еднаш експлицитно го спомна зборот „проширување“, а тоа беше кога ја претстави комесарката предложена да се занимава со таа област – словенечката дипломатка Марта Кос, која беше вовлечена во скандал како амбасадорка во Германија, а Јанез Јанша ја обвинува дека работела за УДБА

По неколкунеделни преговори и внатрешни конфликти за клучните позиции, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, конечно го претстави новиот состав на извршното тело на Европската Унија. Меѓу 26-те кандидати, кои треба да бидат одобрени по расправата, има и пет поранешни премиери, четворица поранешни министри за надворешни работи и пет поранешни министри за финансии. Она што е јасно на прв поглед е дека најдобро поминаа балтичките држави и Полска, кои добија некои од најважните позиции во Европската комисија.

Поранешната естонска премиерка Каја Калас е номинирана за висок претставник за надворешна политика и заменик-претседател на Комисијата, поранешниот летонски премиер Валдис Домбровскис за комесар за економија и продуктивност, додека поранешниот премиер на Литванија, Андриус Кубилиус, е номиниран за комесар за одбрана и вселена, кој ќе работи на развојот на европската одбранбена унија. Во исто време, полскиот дипломат од кариера Пјотр Серафин ќе се занимава со буџетот и јавната администрација.
– Целиот колеџ е посветен на конкурентноста, зајакнувањето на нашиот технолошки суверенитет, безбедност и демократија, како и изградба на конкурентна, декарбонизирана и кружна економија, со фер транзиција за сите. Неопходно е да се дизајнираат храбри индустриски стратегии со иновации и инвестиции во зајакнување на европската кохезија – порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при претставувањето на кандидатите за еврокомесари.

Таа во својот краток говор само еднаш експлицитно го спомна зборот „проширување“, а тоа беше кога ја претстави комесарката предложена да се занимава со таа област – словенечката дипломатка Марта Кос, која доколку биде прифатена нејзината кандидатура, ќе биде задолжена и за источното соседство.

Токму нејзината кандидатура е на климави нозе. Кос беше номинирана во последен момент, откако Фон дер Лајен изврши притисок врз словенечката влада да ја предложи за комесар. Иако нејзините ингеренции изгледаат ветувачки, таа најверојатно ќе се соочи со прашања за нејзината компетентност, пишува „Политико“. Кос поднесе оставка од функцијата амбасадор во Германија и Швајцарија во 2020 година, по обвинувањата за лошо управување и истрага на словенечкото МНР, а нејзините врски со една од најголемите светски лоби-компании нема да се сметаат како плус.

Во исто време, политичките противници ја обвинуваат дека работела за службата за безбедност на поранешна Југославија. Коментирајќи ја нејзината кандидатура, поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша ја обвини Марта Кос дека работела за УДБА, додавајќи дека Европската Унија е „жалосна“, а дека „се среќни балканските пријатели на градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, и на господинот Путин“.

Сето ова доведува до прашањето каков ќе биде односот на Европската комисија кон процесот на проширување во новиот петгодишен мандат, кој стагнира во последните години, како поради недостигот од реформи во земјите кандидати така и поради недостигот од посветеност на земјите членки за проширувањето на Европската Унија. Иако поддршката за проширувањето на Унијата е зголемена во голем број земји членки, делумно поради војната во Украина, која доби статус на кандидат, во двете најважни европски земји – Германија и Франција – бројот на оние што поддржуваат прифаќање нови членови е 42, односно 35 отсто.

БАЛТИКОТ НЕ ГЛЕДА БЛАГОНАКЛОНЕТО НА СРБИЈА

Во писмото упатено до Марта Кос, Фон дер Лајен наведе дека понатамошното „комплетирање на нашата Унија е стратегиски, економски и морален императив“, нагласувајќи дека процесот на проширување останува врз основа на исполнети услови и дека секоја земја кандидат мора да се оценува на основа на сопствениот напредок кон исполнување на сите критериуми.
– Ќе работите на постепена интеграција на земјите кандидати додека тие работат кон пристапување во Унијата. Особено ќе се потпрете на инструментите пред проширувањето, инвестициите и реформите во Планот за раст за Западен Балкан и Украина. Заедно со динамично усогласување со правото на ЕУ, ова ќе им помогне на земјите да се интегрираат во делови од единствениот пазар и да воведат пристап до фондовите на ЕУ – напиша Фон дер Лајен.

Балтикот ги зазема најважните позиции во Европската комисија, што сепак не е добра вест за Србија. Како земја што „не се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“, односно не воведе санкции кон Русија, официјалните лица во трите поранешни советски републики не гледаат љубезно на потенцијалниот влез на Србија во Европската Унија, сомневајќи се дека е во сојуз со Москва.

Конкретно, односот на Естонија кон Србија можеше јасно да се види по неодамнешната средба на двајцата министри за надворешни работи Маргус Чакна и Марко Ѓуриќ.
– Се очекува Србија како земја кандидат за членство во Европската Унија да ја почитува заедничката надворешна и безбедносна политика – рече Чакна и додаде дека го поддржува дијалогот меѓу Србија и Косово на патот кон воспоставување мир.

Дополнителен проблем кога станува збор за процесот на проширување е тоа што прашањето падна на листата на приоритети на Брисел, со оглед на војната во Украина и на Блискиот Исток, растот на десницата во многу европски земји, но и поради потребната консолидација на економијата на континентот. Преговорите за проширување во самата Унија нема да бидат лесни, а европските медиуми пишуваат дека Фон дер Лајен ќе има сериозни пречки на тоа поле, бидејќи во својот нов мандат истовремено ќе треба да се погрижи Европската Унија да остане релевантна на неколку фронта, од кои еден вклучува проширување на блокот, што подразбира подготовка на буџетот на Унијата за такво нешто.

ЗАОСТРУВАЊЕ НА ОДНОСИТЕ СО РУСИЈА

Она што исто така нема да оди во прилог на Србија е антируското расположение во повеќето европски земји, кое ќе се засили откако Балтикот и Полска ќе преземат важни позиции во Европската комисија. Тоа значи дека во овој поглед може да се очекува влошување на ситуацијата и дополнително влошување на односите меѓу Брисел и Москва.

Откако Фон дер Лајен ги претстави кандидатите за европски комесари, „Политико“ напиша: „Ако на Москва ѝ требаше потсетник дека Брисел сè уште стои зад Киев, тоа го доби денеска“, бидејќи балтичките земји се познати како најжестоки поддржувачи на Украина од избувнувањето на војната во февруари 2022 година.

Кога францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на годината најави дека европските трупи може да се појават на територијата на Украина, токму новата шефица на дипломатијата на Европската Унија, а тогашна премиерка на Естонија, Каја Калас, беше меѓу првите што кажаа дека „сите опции се на маса, нагласувајќи дека европските лидери треба да разговараат што друго може да се направи за да му се помогне на Киев“.
– Ова е и сигналот што ѝ го испраќаме на Русија – дека не исклучуваме различни опции, бидејќи сите земји разбраа дека мора да направиме сѐ за Украина да победи и Русија да ја загуби оваа војна – рече Калас.

Сето ова укажува дека тие ќе инсистираат Србија да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, особено кога станува збор за односот со Русија, што подразбира воведување санкции. Сепак, иако санкциите ќе останат барање, за Брисел и Вашингтон е поважно Србија да продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на Украина во ОН, но и да продолжи со испораките на муниција, што индиректно го прави со години. Според „Фајненшл тајмс“, Србија од почетокот на војната индиректно, преку други земји, во Украина извезла муниција во вредност од околу 800 милиони евра.

КАНДИДАТИТЕ НА ТАПЕТ

Сепак, составот на новата Европска комисија не е комплетен додека не заврши расправата, што значи дека некои од кандидатите би можеле да останат без функцијата. Претходните години, по сослушувањето, не бил примен барем еден кандидат, а најмногу такви случаи имало во 2019 година, кога дури тројца кандидати останале без највисоките позиции во Европската комисија. Годинава, покрај Словенката Марта Кос, во незгодна позиција се уште неколку кандидати на Фон дер Лајен.

Еден од нив е поранешниот комесар за проширување Оливер Вархеји, кој сега е предложен за комесар за здравство. Тој веќе се соочи со критики од бриселските власти за помек став кон земјите кандидати што имаат проблеми со владеењето на правото и демократијата. Сепак, иако Будимпешта најверојатно има план Б, во Европскиот парламент се стравува дека гласањето против Вархеји ќе му овозможи на унгарскиот премиер Виктор Орбан да го држи Брисел во „заложништво“ со тоа што нема да предложи негова замена, пишува „Политико“.

На листата потенцијално би можела да се најде и Хаџа Лабиб, номинирана за комесар за управување со кризи и еднаквост, која ќе биде испрашувана за нејзиното политичко минато, особено кога станува збор за патувањето на Крим финансирано од Русија додека работела како новинарка, како и во врска со издавањето визи на ирански функционери, што за малку ќе ја оставело без работа.

Не е сигурно ниту назначувањето на поранешната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која е предложена за функцијата комесар за истражување и номинации. Во 2018 година Захариева беше фатена во скандал поврзан со продажба на бугарски државјанства, откако службеник за имиграција ја обвини дека се согласила на измама како министерка за правда. Таа ги негираше обвинувањата, а не беше поведена правна постапка.

Малтежанецот Глен Микалеф, кој е номиниран за комесар за млади, култура и спорт, исто така би можел да се соочи со отпор во Европскиот парламент со оглед на неговиот недостиг од искуство во улога што обично ја има поранешен премиер или друг висок функционер. Микалеф беше шеф на кабинетот на премиерот Роберт Абела, но тој добро го познава Брисел бидејќи го предводеше одделот задолжен за координација со Европската Унија, што значи дека неговата кандидатура ќе се сведе на тоа дали европратениците сметаат дека неговата биографија е соодветна за позицијата за која тој е номиниран.

И покрај постоењето на кандидати чии номинации се потенцијално неизвесни, сепак се очекува дека Европскиот парламент ќе продолжи со брзо завршување на процесот на именување комесари за да може Европската комисија да започне со работа, што значи дека европратениците би можеле да се воздржат од „размена на оган“ за да се избегне ситуација во која потенцијално една неуспешна номинација би го довела целиот процес во ќор-сокак.