Забележано алармантно намалување на популацијата
Последниот попис на населението во Грција, во 2021 година, покажа намалување од 3,1 отсто на целокупното население за десет години, на помалку од 10,5 милиони луѓе. Таа деценија во голема мера се совпаѓа со економската криза низ која помина земјата, која го поттикна егзодусот на околу половина милион Грци, особено меѓу младите и образованите слоеви од населението
Празни села, разочарани млади работници и владини функционери што се борат за решенија: ова е жестоката реалност што „Евроњуз“ ја откри во Грција, каде што земјата се справува со голем колапс на бројноста на населението поттикнат од падот на бројот на раѓања, масовната емиграција и ниските стапки на плодност.
Шест години откако Грција излезе од програмите за финансиска помош, означувајќи го официјалниот крај на болната економска криза, земјата сега се соочува со нов вид вонредна состојба што може да влијае на нејзината социјална и економска структура: намалување на населението. Проекциите сугерираат дека до 2070 година населението на Грција би можело да се намали дури за 25 отсто, што е многу над просекот на ЕУ од четири отсто.
Во 2022 година земјата забележа помалку од 77 илјади раѓања, што е најниска бројка во речиси еден век, додека смртните случаи речиси се двојно поголеми, достигнувајќи 140 илјади.
– Демографскиот колапс буквално станува егзистенцијален предизвик за нашата иднина – предупреди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Последниот попис на населението, во 2021 година, покажа намалување од 3,1 отсто на целокупното население за десет години, на помалку од 10,5 милиони луѓе. Таа деценија во голема мера се совпаѓа со економската криза низ која помина земјата, која го поттикна егзодусот на околу половина милион Грци, особено меѓу младите и образованите слоеви од населението.
Оние што останаа во земјата сè уште се соочуваат со тешко закрепнување на пазарот на трудот, карактеризирано со висока невработеност и ниски плати, што го прави уште поголем предизвикот да се градат стабилни кариери и семејства.
Согледувајќи ја итноста на прашањето, грчката влада го основа своето прво министерство посветено на справување со демографскиот предизвик во 2023 година. Предводено од Софија Захараки, министерството воведе низа мерки, вклучувајќи даночни олеснувања и зголемени државни додатоци за новороденчињата, со надеж за поттикнување повисоки стапки на наталитет.