Видеотека

Инспирирани од многубројните успеси на ТВ-сериите, филмските режисери сѐ повеќе се одлучуваат да режираат дела од ваков формат. Големиот успех на серијата „Твин Пикс – Враќање“, потоа „Егзодус на Кралството“ на Ларс фон Трир, како и маестралната серија „Ирма Веп“ на Оливие Асајас, им дадоа ветер во грб на сѐ повеќе режисери да експериментираат. Николас Виндинг Рефн го стори тоа и претходно, претставувајќи им ја на гледачите својата извонредна серија „Премногу стар за да умре млад“ за Прајм видео во 2019 година. Режисерот на „Драјв“ и „Само боговите простуваат“ овој пат ги префрли своите безмалку митолошки филмски херои на стримингот на мегапопуларниот Нетфликс. ТВ-проектот на Рефн, „Копенхаген каубој“ од 2022-2023 година, кој содржи шест епизоди, е првиот негов проект на дански јазик, по трилогијата „Пушер“ од 2005 година.

Се работи за неоноар-трилер исполнет со фетишизам, насилни мажи, мафија, свињи и една чудна жена во тренирки. Проткаена од сомнамбулозни нишки потопени во неонски светла, лесниот наратив во секоја епизода посебно ни ги доловува фолклорот и мистицизмот на различни култури, меѓу кои, балканската, кинеската и, секако, скандинавската. Збунувачкиот заплет во сите шест епизоди безмалку не нуди никаков расплет и навистина е тешко да се обидувате да најдете каква било тематска анализа или смисла во дејствијата. Некој би рекол дека сето ова би можело лесно да се прикаже во 90 минути, но Рефн е мајстор за долгометражни проекти што немаат смисла, но сепак се маестрални во својата изведба. Оној што би ја мразел серијава, исто така би го мразел и филмот.

„Копенхаген каубој“ започнува со продажба на Миу (гореспоменатата ситна жена во тренирки) на жена што има подземен бордел во кој доминира насилство. Во текот на авантурите на Миу низ подземјето на Копенхаген, Рефн ги доловува основните инстинкти на човекот, честопати споредувајќи ги со животни.

Гледајќи го „Копенхаген каубој“ можеме да забележиме дека Рефн го користи архетипот од неговите стари дела, избегнувајќи да ги развива идеите и да трага во иднината. Тие се чини дека се недоволно развиени, а Рефн повеќе повторува отколку што измислува.

Имитирајќи ги „Неон демон“ и „Драјв“, Рефн го обојува „каубојот“ во жестоки неонски бои. Извонредниот колоритен спектар ја збогатува оваа серија правејќи ја стилски и естетски брилијантна. Техничката способност во режијата, кинематографијата и партитурата навистина не може да се негираат, дури и ако тоа не е по сечиј вкус. Секој актер е возбудлив на свој начин, особено Ангела Бундаловиќ, која како енигматична Миу испорачува трогателно минималистичка, влијателна и извонредно физичка изведба и покрај нејзината минијатурна величина.

Ангела Бундаловиќ во голема мера дава една мистериозна нота. Таа е херој со камено лице. Не зборува многу, не се насмевнува многу и не прави многу. Всушност, Рефн е задоволен што голем дел од дејствијата на „Копенхаген каубој“ се задржуваат само на нејзиното лице без израз додека работите се случуваат околу неа. Нејзиниот лик се проширува како што се бара подоцна во серијата од приказната, но таа е „празен лист“ толку долго што ја исцрпува секоја потенцијална динамика. Рефн и писателите Сара Изабела Џонсон, Јохане Алгрен и Мона Масри дури ѝ даваат на сината хероина малку натприродна нијанса бидејќи е претставена буквално како магиска амајлија за среќа.

Освен неколку борбени сцени, Миу постои на различен план од она што се случува околу неа, таа е смел наративен лик далеку од секоја реалност. Не би требало да ве изненади ако Миу едноставно исчезне во сцена или пука со ласери од нејзините згаснати очи. Ликот на Миу нема никаков внатрешен монолог. Таа е таму за да постои, но и така сосема успешно го носи целиот товар на серијата. Тоа за неа не изгледа ни малку исцрпувачки, но за гледачот може да биде.

За среќа, „Копенхаген каубој“ има само шест епизоди, кои се прекрасни за гледање. Секој што е запознаен со опусот на режисерот ќе знае што да очекува, но тој сепак успева да внесе нешто свежо во секоја епизода користејќи ја камерата во само нему препознатлив шмекерски стил. Снимањето на бавните кадри особено е допадлив. Користејќи ја камерата од 360 степени; стилски ги доловуваше разговорите, опкружувањата и специфичните настани со „мазност“ што ве поттикна да се синхронизирате со темпото на серијата.

Фасцинантната продукција, која бара мала доза упорност од гледачот, е подготвена да ви прикаже многу прецизно снимена приказна, за која е потребно помалку или повеќе време за целосно да биде сфатена.

Темпото е бавно во секој аспект: во дијалогот, во развојот на заплетот и во кинематографијата. Глумата е многу минималистичка и издржана и совршено се топи со начинот на кој се одвиваат сцените. Сепак, визуелното искуство има предност пред важноста на приказната.

Сакајте го или мразете го, но „Копенхаген каубој“ на Николас Виндинг Рефн е извонредно метафизичко доживување што буквално ве вшмукува пред мониторот. Тоа е стил над суштината. Во голема мера стилот ја надвладува самата содржина, па така, јасно е дека доколку овој светлечко-неонски ефект не допира до вашите сетила, оваа серија нема да ви се допадне. Заклучокот е дека оваа серија би можел да им ја препорачам само на неколку луѓе, кои би биле одредена група на филмски фанови. Со сигурност дека тие луѓе би уживале максимално во ова мало ремек-дело.