Хезболах денеска објави дека бројот на загинати од експлозијата на пејџери во јужен Либан се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, пишува „Тајмс оф Израел“.
Од октомври минатата година, израелските сили убиле 453 членови на Хезболах во вооружени судири, соопшти Хезболах.
Најмалку девет лица загинаа, а речиси три илјади беа ранети вчера кога пејџерите користени од членовите на Хезболах експлодираа истовремено низ Либан.
Претходно, агенциите објавија дека во таа прилика загинале најмалку 11 лица, но либанските здравствени власти оттогаш објавија дека бројот на загинати е девет.
Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад на прес-конференција рече дека во експлозиите загинале девет лица, а 2.750 луѓе се повредени, од кои околу 200 се во критична состојба.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотиците пејџери во Либан, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.
Во разговор со неговиот либански колега Абдала Бу Хабиб, Арагчи изрази сочувство и поддршка за Бејрут. Иранскиот амбасадор во Либан, исто така, бил повреден во експлозијата на пејџер, но неговата состојба не е критична, според иранските медиуми.
Либанската група „Хезболах“ го обвини Израел за нападот и вети одмазда, потсетува ДПА.
Ирак објави дека испраќа медицински тимови за помош на Либан, кој беше погоден од синхронизирани експлозии на пејџери, кои ги користеле членови на „Хезболах“. Владиниот портпарол Басем ал Авади ја нарече оваа акција „ционистички кибер напад“.
Ирачкиот премиер Мохамед Шија ас Судани нареди испраќање на медицински тимови во Либан, за да обезбедат итна помош за повредените цивили. Според владините изјави, „постојаните агресии од Израел и заканите за поширока војна бараат итна меѓународна интервенција“.
Министерот за образование на Либан, Абас Ах Халаби, повика сите училишта и универзитети во земјата да останат затворени во текот на денешниот ден како знак на протест против експлозиите на пејџери, кои ги нарече „злосторство извршено од израелскиот непријател“.
Пејџерите, кои се претходници на мобилните телефони, се користат од „Хезболах“ затоа што не можат да бидат искористени за лоцирање, што го отежнува нивното следење, посочува ДПА.
Си-ен-ен објави дека дознава дека експлозиите биле резултат на заедничка операција помеѓу израелската разузнавачка служба Мосад и израелската војска. Иако израелската војска изјави дека нема да коментира за експлозиите, и Либан и Хезболах го обвинија Израел за нападот. Иран, исто така, обвини, нарекувајќи го „израелски тероризам“.
Шпекулациите се зголемуваат околу тоа како нискотехнолошките безжични комуникациски уреди може да биле искористени. „Њујорк Тајмс“ вчера објави дека Израел сокрил експлозиви во серија пејџери нарачани од тајванскиот производител „Голд Аполон“ и наменети за Хезболах. Додаден бил прекинувач за нивно далечинско детонирање, се наведува во медиумскиот извештај.
Основачот и претседателот на „Голд Аполон“ изјави денеска пред новинарите дека пејџерите користени во нападот биле направени од европски дистрибутер. Су Чинг-куанг рече дека неговата фирма потпишала договор со дистрибутерот за користење на брендот „Голд Аполон“.
Видеа што кружат на социјалните мрежи и новински агенции покажуваат моќни експлозии на различни локации низ Либан. Во едно видео од безбедносна камера, се гледа како човек избира овошје во супермаркет кога експлозијата му ја кине торбата на парчиња. Сведоците бегаат откако го слушаат ударот, додека човекот паѓа на земја, држејќи се за долниот дел од стомакот. По неколку секунди, се слуша како стенка од болка.