ДИРЕКТОРОВИОТ НОВ КОСТУМ

Антиупатства за лична употреба

Еден млад човек, благодарение на својата работливост, бистрина и партиска книшка, доби место на директор на една многу важна културна установа во државата. Со право беше горд на својата нова висока функција, која ја беше заслужил со вистинските чекори во кариерата, и веднаш помисли дека треба адекватно да се облече, па така, раскрилувајќи го орманот забележа дека нема соодветен костум: единствениот што вредеше, летниот од лен, не беше за постудените сезони, а нашиот јунак имаше сериозна намера да си го задржи работното место што е можно подолго. И, нормално, да напредува сѐ повисоко и повисоко, па еден ден и министер да биде, а сепак си помисли ленот се тутка, особено кога долго се седи, а и бојата со времето му избледува. Не, ќе си одбере поцврст материјал, на пример, квалитетен полиестер и, задолжително, со црна боја. Црната е елегантна по дефиниција, не можеш да згрешиш со неа.

Го однесе штофот кај Апостоловски, кој долги децении важеше за најдобар кројач во градот – и нарача не еден, туку два костума.

„Службава ми е особено важна“, си кажа, и веднаш откажа да се вози со градски превоз, што и инаку ретко го користеше. Двокатниот автобус број 15 беше преполн со бесни ученици и заморни пензионери – широка палета на животот!, но тој сега беше директор со нови испеглани костуми, кои во таа испотена турканица можеа да се истуткаат и извалкаат. „Јас имам благородна, но одговорна служба“, си кажа, „освен тоа, моите заслуги бараат соодветен автомобил“, па некако веднаш собра пари да си купи „бе-ем-ве“. Се подразбира, тој имаше свој службен „мерцедес“ со шофер, но тоа си одеше во рок на службата. „Бе-ем-ве-то“ навистина беше сосема погодена машина за еден директор. Но кога ја паркираше пред зградата во Н. Лисиче во која живееше во двособен стан, директорот, сакал не сакал, помисли дека е време да си „изгради гнездо какво што заслужува“. Одговорните го известија дека на располагање имаат живеалиште токму за него, четворособно, во зградичка на падините на Водно. Се всели директорот во новиот стан, широк, комфорен, близу центарот, од чија голема тераса, додека го пиеше утринското кафе, се отвораше, како на дланка, панорамата на Скопје. Стан каков што и му доликува на еден носител на висока функција.

Сепак, нешто како да му фалеше. „Е, сега ми треба еден пес, да ми го чува станот додека сум на службени патувања“. Зашто, со новата функција нараснаа и обврските. Како директор на особено важна државна институција беше обврзан постојано да патува за да ги продлабочи контактите со директорите на соодветните културни институции во странство. Набави расно волчјаче, му даде име Арнолд, нарача дрвена колипка за него на терасата, во текот на викендите џогираше со него по водњанските патеки.

Ама пак нешто му фалеше. А што е тоа „нешто“ се сети токму џогирајќи со Арнолд. Авенија! Вистински широка асфалтна авенија по која, без непотребни заобиколувања и чекања, ќе може човек (односно тој во дадениот случај!) за кусо време да стигне дома и обратно, од дома да се префрли на своето работно место. Како што ѝ доликува на една модерна урбана средина, на една метропола, што непотребните провинцијални куќички и сокаци со некои стари дрвја од кои се фаќа алергија, треба итно да ги замени со современи висококатници, молови и авении! Го изложи планот пред одговорните во штабот, нормално инсистирајќи на генералните развојни перспективи на престолнината. Неговиот план беше сослушан со внимание, со мали забелешки поради евентуалната ерозија на планинскиот терен. Но поддршката беше јасна – мора да се гради, за доброто на градот! Авенијата можеше да почне да се трасира – се подразбира.

Не помина ни половина од неговиот мандат, кога една неделна вечер, враќајќи се дома со „бе-ем-ве-то“, по уште еден важен состанок во централниот партиски штаб, расположен зашто беше повторно пофален за своите заложби од луѓето од самиот врв, сѐ уште среден како што треба, во едно од своите девет костуми, тој пред долните семафори на Водњанска, низ левиот подотворен прозорец на автомобилот, го здогледа Миле, другар му од херојската партиска младост, со кого заедно лепеа плакати и носеа транспаренти по митинзите. Миле беше на велосипед, сѐ уште со качкетот од она време, на кој, иако избледена, се читаше пораката „Македонија за сите граѓани“.
– Милеее! – му викна – Еј, Милеее!
Овој се сврте, го погледна бело, како да не го препозна.
– Јас сум, Перо. Другар ти.
Миле ништо не одговори. На семафорот се смени светлото. Миле ги притисна педалите и заврте во првата уличка.