ПРОЕКЦИЈА ВО КИНОТЕКАТА

Проекција на 10 уметнички видеодела на македонската уметница Тања Балаќ, по повод 10 години создавање на полето на видеоуметноста, ќе се одржи во Кинотеката на Македонија, утревечер, во 20 часот. Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот. Имено, кон крајот на првата деценија на 21 век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста. Овие дела ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера на интерес како уметник е човекот, кој ѝ е бескрајна инспирација.

Почетоците во видеото како медиум Балаќ ги прави со видеоинсталациите „Граѓани 1“ (2014 г.) и „Граѓани 2“ (2015 г.) Првата, во времетраење од 4,5 минути, дава поглед на општествено-ангажираната уметност во јавниот простор и го отвора и прашањето дали екранот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може наедно да биде и средство за уметничко изразување. Експерименталниот филм „Граѓани“ влезе во официјалната селекција на фестивалот „Интернешнал арт експо – фјучр ајдентитис – Бодис. Плејсис. Спејсис.“ во Венеција. И вториот дел со идентичен наслов – „Граѓани 2“, се занимава со истата проблематика. Наредната година го создава видеото „Без приватност“ (2016 г.), кое е експериментално видео и обид да се допре една тема што нѐ засега сите, а која укажува на комплицираноста да се мапира просторот на новонастанатата интернет-дистопија и прашањето за недостиг од приватност. Веднаш потоа и „Раѓањето на нацијата“ (2016 г.), кое директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеото „Црвена земја“ (2017 г.) има минималистички пристап како свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот што нѐ опкружува самите туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него.

Следува,,Извртена перцепција“ (2018 г.), кое може да се поврзе со почетоците на големата бегалска криза, по што го создава видеото „Меморабилија“ (2019 г.), кое ја доби наградата за најдобро експериментално дело истата година од „Вест Вирџинија маунтениер фестивал“, фестивал за краток филм во САД, беше селектирано за учество уште на два големи фестивала, на Фирентинското биенале и на фестивал во Јужна Кореја. Веќе наредната година се појавува филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.), кој е селектиран на португалскиот филмски фестивал „Анархи филм фестивал“ што ги обединува најдобрите филмови создадени од таленти низ целиот свет и ги прикажува пред меѓународната публика. За видеопроектот „Следна генерација“, Балаќ освои гран при на 20. „Зимски салон“ (2024 г.), кој традиционално го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Видеоинсталација „Вкрстени знаци“ (2023 г.) е оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов. Филмот беше селектиран од огромниот број пристигнати дела од страна на стручното жири во рамките на 13. издание на интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седумминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт“.

Филмот „Луцидни соништа“ (2024 г.), кој е со најнов датум, претставува заокружување или своевиден сублимат на целокупната ангажираност на уметницата во сферата на видеоуметноста и нејзината активна улога во истражувањето на полето на новите медиуми (инсталации, експериментални, документарни филмови, видеоарт…). Анимацијата и монтажата се на младиот Емил Пачковски, со кого и претходно работеа, а музиката за ова видео е во соработка со познатиот холандски музичар Рутгер Зујдервелт. В.Д.