Фото: ЕПА

КНИЖЕВЕН СКАНДАЛ

Нобеловката Алис Манро, која почина во мај годинава на 92-годишна возраст, има објавено повеќе од десет збирки раскази и ја доби Нобеловата награда за литература во 2013 година. Нејзините приказни ги истражуваат сексот, копнежот, незадоволството, стареењето, моралните конфликти и други теми од руралната средина во Онтарио, каде што живеела и била добропозната. Неодамна, постхумно, е откриено дека Манро знаела дека нејзиниот втор сопруг ја малтретирал нејзината деветгодишна ќерка од првиот брак и останала со него и покрај тоа.

Зошто Алис Манро не го оставила сопругот и не го заштитила сопственото дете? Зошто не побегнала од тој човек? Зошто таткото на нејзината ќерка не реагирал? Само Манро ги има одговорите на овие прашања и само таа има право на нив. И дали тоа треба да значи дека литературата на Алис Манро треба да се укине или да се чита само во сенката на овој приватен семеен скандал? Ова се некои од прашањата што провејуваат во книжевните кругови.

Последниве недели светската јавност ја потресе овој скандал околу канадската нобеловка, авторка на одлични раскази за жените и женското искуство, која беше обвинета од нејзината ќерка дека не ја заштитила од нејзиниот очув насилник, дури и го бранела. Пред некое време менаџерката на „Манрос букс“ ја напушти својата работа откако беше објавен есејот на Андреа Скинер во кој таа детално опишува дека била жртва на злоупотреба од страна на нејзиниот очув, на што нејзината мајка, Алис Манро, една од книжевните икони на светот, молчела и не направила ништо за нејзина заштита.

Сега во јавноста се отвори широка дискусија за валоризацијата на нејзините книжевни дела, особено како да се читаат по овој скандал, затоа што таа користела елементи од реалниот живот во некои приказни. Многу обожаватели се згрозени бидејќи тоа не го очекувале од својата омилена авторка, која пишуваше и за заробеништво на девојки во патријархални рамки.

Многумина пишуваат дека Манро била лицемерка и дека не ја заштитила сопствената ќерка и, најлошо од сѐ, дека токму за „таквите“ тајни пишувала во текот на животот. Други, пак, сметаат дека не треба да очекуваме ништо повеќе од писателите отколку од другите луѓе и дека, на крајот на краиштата, можеби Алис Манро била лоша личност, но сепак одлична писателка, наведувајќи примери како Достоевски, кој наводно бил коцкар, Езра Паунд, кој им се восхитувал на Мусолини и на фашистите, Мартин Хајдегер, кој им останал верен на нацистите до крајот на својот живот, Брехт, кој наводно бил сексуален предатор, Фердинанд Селин, кој бил отворен антисемитист…

Често споредувана со Антон Чехов, Џон Чивер и неколку други писатели на кратки раскази, Манро постигна редок растеж за уметничката форма традиционално поставена под романот. Таа беше првата Канаѓанка што ја доби Нобеловата награда и првата добитничка на наградата исклучиво за кратка проза. Повторувајќи го мислењето на многумина претходно, Шведската академија ја прогласи за „господарка на современиот краток расказ“, кој може „да ја смести целата епска сложеност на романот во само неколку кратки страници“.

Манро, малку позната надвор од Канада до доцните 1930-ти години, стана и една од ретките писатели на раскази со постојан комерцијален успех. Продажбата само во Северна Америка надмина еден милион примероци, а Нобеловата награда го крена „Мил живот“ на врвот на листата на бестселери на „Њујорк тајмс“. Други нејзини популарни книги се „Премногу среќа“, „Поглед од Касл Рок“ и „Љубовта на добра жена“. В.Д.