Од печат излезе уште еден превод на книга од Капка Касабова, во издание на „Или-или“. По одличниот прием на „Кон езерото“, овој пат од англиски на македонски јазик, во превод на Бранислав Мирчевски, излегува книгата „Граница“. Објавувањето е поддржано од Фондот за Централна и Источна Европа во Амстердам и Министерството за култура на Македонија.
Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и книгите од балканската трилогија „Граница“ (2017), „Кон езерото“ (2020) и „Еликсир“ (2023). Таа е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на aнглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска.
– Оваа книга ја раскажува приказната за луѓето од последната граница во Европа. Онаму каде што Бугарија, Грција и Турција се доближуваат и оддалечуваат, а границите се токму тоа што се. Тоа е местото каде што Европа почнува, а нешто друго што не е сосема Азија завршува. Така е географски, но картата ќе те одведе само до одредена точка, a ќе се најдеш во гора од оставината што врие од сенки и живее надвор од времето. Таму завршив и јас. Веројатно сите погранични земји вибрираат со фреквенциите на несвесното; конечно, границите се место каде што материјата се лити. Сепак, оваа погранична област вибрира со еден особенo привлечен тон и е посебна од три причини. Прво, поради незавршените работи од Студената војна; второ, бидејќи оваа област е една од големите дивини на Европа; трето, бидејќи овде се спојуваат континентите уште откако постојат континенти. Мојата генерација во Источна Европа созреа со падот на Берлинскиот ѕид. Во сенката на оваа граница поминаа моите детски години во Бугарија, во времето на последната фаза на „социјализмот со човечки лик“, како што гласеше несреќниот слоган од тоа време. Па така, природно беше патувањето околу границата целосно да ме обземе. Кога си блиску до некаква граница, невозможно е да не бидеш обземен, да не посакаш да ја преминеш или пречекориш. Со самото тоа што си таму, ја добиваш поканата. Ајде, шепоти таа, премини преку линијата. Ако се осмелиш. Преминувањето на линијата, дење или под закрилата на ноќта, е страв и надеж истовремено. Некаде те очекува чамџија чие лице не можеш да го видиш. Луѓе умираат преминувајќи граници, а понекогаш и само кога се на чекор до нив. Оние среќните, пак, одново се раѓаат на другата страна – вели таа за книгата.
Книгата на Касабова е добитник на многу меѓународни награди и досега преведена на повеќе од 20 јазици.