Кир Стармер - Фото: ЕПА

Пристапот на новиот британски премиер предизвикува недоумица во ЕУ

Официјални претставници и дипломати на ЕУ велат дека новиот премиер на Обединетото Кралство е многу сличен на ториевците во однос на ставовите за Европа

Кир Стармер вели дека сака да ги „ресетира“ односите на Велика Британија со Европа. Но по два месеца од неговиот премиерски мандат, ЕУ почнува да се прашува дали тој навистина го мисли тоа. Официјални претставници и дипломати на ЕУ во изјава за „Политико“ рекоа дека сѐ повеќе се сомневаат дека новиот премиер на Обединетото Кралство сака да се повлече од брегзит, и покрај неговата реторика.

Брзото отфрлање на приоритетите на ЕУ од страна на Стармер, како што се воспоставување шема за младинска мобилност и повторно приклучување кон програмата „Еразмус“, наиде на лош прием во европските метрополи и влијае на раниот оптимизам за новата британска влада. Надежите на Стариот Континент беа големи дека новиот премиер ќе има поинаков пристап од неговите претходници – ториевците. А во однос на реториката, новиот пристап на Обединетото Кралство е „релативно позитивен“, изјави за „Политико“ висок функционер на ЕУ.
„Проблемот, сепак, е што луѓето почнуваат да мислат дека тоа помалку е ’фасада‘ затоа што кога се префрлате на одредени прашања – без разлика дали тоа е мобилноста на младите или ’Еразмус‘ – одговорот е секогаш ’не‘“.

Дипломат на ЕУ, кој исто така доби анонимност за да зборува слободно, рече дека незаинтересираноста на новата влада за повторно приклучување кон програмата „Еразмус“ особено „се регистрира во Брисел“ и меѓу земјите членки на ЕУ. Повторното влегување во програмата за студентска соработка, во Брисел се смета за остварлива цел по која се очекува проевропската британска влада да посегне. Официјалните лица рекоа дека биле „изненадени“ од одбивањето, првпат објавено од „Политико“.
– Конструктивната реторика е многу убава, но сè додека ништо не се менува во позицијата на Обединетото Кралство, не гледам ни како се менува статус квото – рече вториот дипломат.

„Црвените линии“ на Стармер исклучуваат блиски односи со ЕУ

Брисел отсекогаш бил свесен дека „црвените линии“ на Стармер – нема единствен пазар, царинска унија или слободно движење – исклучуваат вистински блиски односи со Британија во стилот на Норвешка или Исланд. Но надежта беше дека во рамките на тие мошне рестриктивни граници, утврдени за да се изолираат лабуристите од критиките, бидејќи се спротивставуваат на резултатот од референдумот од 2016 година, може да се постигне максимум. Наместо тоа, откако стапи на функцијата, се чини дека ставовите на Стармер стануваат уште построги.

Претходна изјава дадена годинава дека лабуристите „немаат планови“ за шема за младинска мобилност еволуираше во „исклучително негативно“ мислење за таквата политика на заткулисните состаноци, рече дипломатот на ЕУ. Официјалните претставници на ЕУ беа толку збунети од негативната реакција на лабуристите на идејата – според која на лицата на возраст од 18 до 30 години им се даваат поволни визи за да живеат во странство до четири години – што мислеа дека мора да постои „извесен степен на конфузија“ кај британската страна околу предлогот.

Кога се соочи со притисок во врска со шемата за младинска мобилност, Стармер ја спореди со идејата за враќање на слободата на движење, на која тој се противи. Но свесен дека лидерот на лабуристите е претпазлив да се потпише на сѐ што може да ја зајакне Реформската партија, која забележа пораст на поддршката во традиционалните упоришта на лабуристите, европските престолнини сега повторно го разгледуваат планот на комисијата со надеж дека ќе можат да изнајдат нешто со што би можел да се согласи британскиот премиер.
– Имавме многу позитивен ангажман во нашите рани разговори, додека работиме на ресетирање на односите со нашите европски пријатели за да ги зајакнеме врските, да обезбедиме широк безбедносен пакт и да се справиме со бариерите за трговијата – изјави портпарол на британската влада.

Што сака Брисел?

Навистина, Стармер има и други свои приоритети и обврски што би го доближиле Обединетото Кралство до ЕУ. Тој сака ветеринарен договор за намалување на граничната бирократија на границата во Довер, заемно признавање на професионалните квалификации за да му се помогне на британскиот сектор на услуги да работи во странство и помалку ограничувања за британските уметници што патуваат низ континентот.

Од другата страна на каналот Ла Манш, сепак, постои загриженост дека премиерот не забележал оти Европската Унија има свои приоритети. Од нив, мобилноста на младите се издвојува како најголем. Откако ги обиколи главните градови на ЕУ од Берлин до Даблин за да ја пренесе пораката за „ресетирање“, Стармер веројатно не се надеваше на ваков почеток. Дури и самите овие посети поттикнаа сомневања во Брисел дека Лондон можеби се обидува да најде начини за да ја заобиколи Европската комисија со директно одење во националните престолнини, што е постојана грижа на ЕУ кога има работа со британските лидери.

Еден функционер на ЕУ ја опиша идејата дека Брисел може да се заобиколи како „целосно неточна и законски погрешна“ и предупреди дека влијанието на земјите членки ќе биде „речиси никакво“ со оглед на веќе поставениот преговарачки мандат.
Стармер допрва треба да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која сè уште е зафатена со составувањето на новата комисија, која Европскиот парламент веројатно нема да ја одобри до декември. Плановите двајцата лидери да се состанат во август или во септември беа одложени до подоцна наесен или дури и за претстојната зима, поради згуснатиот распоред во Брисел.

Неволја на повидок?

Ананд Менон, директор од аналитичкиот центар „Европа што се менува“, рече дека Брисел треба да почека да започнат преговорите пред да донесе пресуда за тоа што ќе прифати или што нема да прифати Велика Британија.
– Велика Британија нема со кого да преговара додека не се формира нова комисија – изјави тој за „Политико“.

Менон вели дека функционерите „веројатно треба малку да стивнат“ и „можеби да назначат некого“ со кој Владата на Обединетото Кралство може да разговара. Во јавноста, расположението околу ресетирањето сè уште е позитивно, при што министрите на Велика Британија се подготвуваат за повеќе патувања на Стариот Континент во наредните месеци. Но претходно може да има проблеми „доколку овие наративи не се претворат во дејства кога преминуваме од реторика на бизнис“, предупреди висок претставник на ЕУ. Ако не се случи тоа, ресетирањето на Стармер би можело повеќе да наликува на реприза од последните осум години.