Режија: Осгуд Перкинс
Сценарио: Осгуд Перкинс
Улоги: Маика Монро, Николас Кејџ, Блер Андервуд
По долги месеци исчекување, конечно дојде на ред и „Лонглегс“. Еден од најагресивно најавуваните хорор-филмови во последнава деценија во режија на Осгуд Перкинс. Таквиот маркетинг му овозможи заработка од 22,6 милиони долари, наспроти неговата вредност од 10 милиони долари.
Колегите на ФБИ ја опишуваат младата агентка Ли Харкер (Мајка Монро) како „многу интуитивна“. И ако терминот звучи како код на федералната агенција за нешто застрашувачко и малку злобно, тоа е затоа што е навистина така. На Харкер можеби ѝ недостигаат социјални вештини. Таа е тивка девојка, по малку збунета и често тешко се разбира со луѓето околу себе. Но наспроти тоа, таа има чудни инстинкти кога се работи за злосторство. Тоа е подарок што е селективен и периодичен. Но, како што забележува нејзиниот постар дружељубив колега, агентот Картер (Блер Андервуд): „Полупсихичкиот е подобар отколку воопшто да не е психички“. Картер е алтруистички настроен карактер, особено ако неговата чаша е полна со виски. Тој ја регрутира Харкер да работи на збунувачки случај затскриен зад мрачни окултистички загатки, кои таа се обидува да ги одгатне на свој начин, надевајќи се дека нејзините способности ќе помогнат да се поттикне истрагата повторно. Она што тој не можеше да го предвиди е фактот дека нејзиното присуство влијае како катализатор, привлекувајќи ја засенчената фигура позната како Лонглегс (крајно застрашувачки сериски убиец толкуван од легендарниот Николас Кејџ) – гротескен, гла-рок „вампир“, опседнат со духови на луѓе што се вмешани во серија масовни убиства што опфаќаат децении.
„Лонглегс“ се расплетува во раните 1990-ти, ера впечатлива за својата матност и нерасчистеност во врска со сериските убиства и окултистичките групи низ САД. Кинематограферот Андрес Арочи и продукцискиот дизајнер Дени Вермет го придвижуваат филмот со бавен спуст, фрлајќи го главниот лик во длабока и мрачна бездна. Таа има задача да разгледа серија убиства за уништување на семејството, случаи во кои татко ги убил сопругата и децата, а потоа и себеси. Овие случаи се мистериозно поврзани со белешки напишани во шифра пронајдени на секое место на злосторството. Шефот на Ли, Картер (Блер Андервуд), е желен да ја разбере врската помеѓу неа и убиецот.
И така, полека но сигурно, сценскиот заплет е поставен. Мрачна атмосферска процедура на ФБИ со окултни призвук е сѐ погласна. Картер ја принудува да се дружи со него, влечејќи ја Харкер од крвавиот црвен тепих ширејќи ги индициите за случајот. Нејзиниот фокус се исплати. Со мала помош од пријател, таа ги пробива кодираните пораки на убиецот и идентификува шема за смртта, мапирајќи ги на превртен триаголник, симбол со окултно значење.
Ликот на Лонглегс не е спектакуларно груб или страшен. Тој повеќе е одвратен и морничав. Тој е еден од оние типови сериски убијци што изгледаат дека знаат сѐ, се потсмеваат на полицијата и се сѐ само не прототип на сериски убиец. Неговите отечени усни и нос и пепелавата бела кожа прават да изгледа како да е многу нездрав или неодамна починат. Не го гледате целото лице на Лонглегс во прологот, но Кејџ и така ја застрашува публиката. Со секое свое ново појавување, тој ни нуди нов вознемирувачки детаљ на ликот, без разлика дали тоа беше дел од неговото збрчкано лице, неговата искривена фигура или неумесен глас за пеење, кој со својот фалсет иритира и предизвикува морници.
По неколку легендарни филмски улоги во младоста, Николас Кејџ како да се загуби во вителот на популарноста, па тој го однесе во некои сосема непрепознатливи и за него потценувачки филмски улоги. По подолга пауза, тој повторно како да се пронајде во еден нов и за него сосема неочекуван глумечки жанр. Појавувајќи се во филмот „Манди“ од 2018 година, па до „Лонглегс“, неговите улоги се на граница меѓу бизарни и генијални. Заедничката точка е што во сите нив тој е екстремно тривијален. На 60-годишна возраст, Кејџ изгради втор идентитет како аматерски едукатор по уметност, давајќи интервјуа во кои ја брани сопствената работа на начини што прават да биде безбедно за гледачите да уживаат во изведбите што не се стремат да бидат суптилни, реалистични, „натуралистички“ или спектакуларни.
Кејџ, исто така, го искористи своето акумулирано искуство и познавање за да биде влијателен кон помлади актери. Покрај сите акциски и криминални филмови што ги снимил (главно за да ги отплати долговите), плус повремените појавувања во холивудските блокбастери, тој има направено фасцинантни лични филмови со понизок буџет, сосема непознати за категоријата, толку многу што стана уникатен вид етикета за обезбедување квалитет – онаа што вели: „Што и да мислите за овој филм, ќе си одите мислејќи дека Николас Кејџ е интересен во него“. Притоа, тој доби нова и благодарна публика помеѓу поновата генерација филмски љубители.
Од друга страна, пак, Монро, глумејќи во „Тоа ве следи“ и „Гледач“, е меѓу ретките актери што можат да ѝ парираат на новата хорор-кралица Миа Гот. Двете заедно се во редот на најдобрите жанровски изведувачи на оваа генерација.
Да бидеме фер кон Кејџ и Монро, но „Лонглегс“ изгледа како да е создаден да постои како серија од исечени моменти, расфрлани низ морето од „мимови“. Кејџ е само уште еден дел од таа равенка и неговата задача да обезбеди некаква интернетска виралност.
„Лонглегс“ не е во истата лига со ремек-делата од типот на „Седум“ на Дејвид Финчер. Но, сепак, има многу да се восхитуваме во овој загадочен хорор-трилер. Филмот изобилува со фасцинантна фотографија и мрачна естетика, доловувајќи ја така потребната атмосфера во која гледачот комплетно би ја доживеал тежината на дејството. Карактерот на ликовите е одлично изработен. Нивната градација го достигнува посакуваното ниво во вистинско време. Сепак, да го парафразирам Картер, можеби полуодлично е подобро отколку воопшто да не е одлично.
Како и да е, по гледањето на „Лонглегс“ главен впечаток е дека има нешто што недостига. Приказната како да не е докрај разработена и остава доза недореченост. Додека крајот е малку несмасен и безидеен. Се чини дека режисерот премногу време и енергија посветил на естетиката отколку на дејствата во филмот, па крајот останал недоработен.
Сепак, „Лонглегс“ е најголема жртва на сопствениот фантастичен маркетинг. Тој може да биде и благослов, но и клетва.
„Лонглегс“ од многу реномирани медиумски субјекти беше претставуван како „ремек-дело“, „најдобар хорор-филм во последната декада“ и најдобар трилер по легендарниот филм „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Преголемата возбуда и очекувања поттикнати од таквиот маркетинг делумно ги разочара гледачите, па неретки се коментарите дека филмот ги разочарал и ги надминал нивните очекувања во негативна смисла. Сепак, потребно е да се намалат очекувањата, па дури и дека „Лонглегс“ е обичен просечен, медиокритетски трилер-хорор што не успеал да го оправда потенцијалот.
Во секој случај, „Лонглегс“ е стилски, но празен, мошне претчувствителен филм, кој освен визуелната катарза нема да остане предолго во вашите сеќавања.