Македонија и производството на нуклеарна енергија
Дека Македонците не биле нуклеарно боси може да се види од проектите во кои земјава била вклучена уште во бивша Југославија, кога имало планови за изградба на неколку нуклеарни централи, една и во Македонија. Изминаа многу години, многу проекти и одржлива стратегија беа направени (на пример како онаа на „Вестингхаус“, како и понудата од Кина), па заборавени. Но сега, како некогаш порано, нуклеарната енергија како одржлива алтернатива ни се враќа на голема врата како опција за енергетска самостојност
Пред околу 30 години слушнав една од најчудните приказни во Македонија и веднаш ја ставив во графата „теории на заговор“. Мојот пријател, повратник од Германија, инаку вработен за ИБМ, ми тврдеше дека имаме готов проект за изградба на една „атомка“ (нуклеарна постројка), зад кој, ни помалку ни повеќе, стои и светскиот гигант во таа област, американски „Вестингхаус“. Тој тврдеше дека планот е да се изгради една нуклеарка во Мариовско, со моќност од 200 мегавати, по принципот на концесија за период од 30 години. Доколку се оствареше тој проект, сега ќе ја имавме како наша, а во меѓувреме „Вестингхаус“ требаше да изгради уште една со идентична моќност. Дали е ова вистинска приказна за Мариово или е приказна? И новинарски опсервации ја потврдија оваа информација, иако не се наоѓаат многу податоци за овој извонреден и во тоа време напреден проект.
Проектот за македонска нуклеарка: две историски фази
Овој проект има две историски фази – едната е во периодот од СФР Југославија, а втората е од осамостојувањето, кога Македонија имала извонредна можност да ги удри „нуклеарните“ темели на енергетската самостојност!
Зошто не се влегло во овој проект? Ех, многу фактори!
1. За проектот „Вестингхаус“ во колумна пишуваше и Ивица Боцевски: „Во текот на 1980-тите години македонските енергетичари планирале изградба на нуклеарна централа во Мариово, која би ги користела водите од вештачкото езеро на реката Црна (по изградбата на хидроцентралата ’Чебрен’). Тоа не биле само сништа на залудени визионери туку државен план на тогашната Социјалистичка Република Македонија, за што се стапило и во преговори со познатата американска компанија ’Вестингхаус’ од Питсбург и се влегло во почетната фаза на реализација. Како тогаш дојдовме до оваа очајна состојба во 2024 година лично премиерот на државата (Димитар Ковачевски – н.з.) да тврди дека Македонија немала капацитет самата да изгради хидроцентрала или гасна централа, и тоа само 40 години по почнатиот проект за македонска нуклеарка?!
Одговорот на ова прашање треба да се побара во феноменот наречен корупција и во откажувањето од каква било одговорност на една македонска политичка врхушка. Македонија уште долго ќе закрепнува од декадата на 1990-тите и од криминалната приватизација, која ја однесе земјата години наназад“.
2. Натаму, одговорот на прашањето „Проект нуклеарка“ е, секако, многу покомплексен, затоа што тој во себе содржи и еден југословенски шмек на градење големи системи што трошеа многу енергија, а неа ја немаше доволно барем во Македонија. Тогашна Македонија имаше огромни системи (некои поддржани и со компјутерските системи на ИБМ, што значи не бевме заостанати, напротив), и се потпираше на своето енергетско срце РЕК Битола и хидроцентралите, а подршката од косовски Обилиќ не дојде. Нуклеарката секако дека ќе нѐ спасеше и најверојатно ќе придонесеше за поголем и побрз развој. Но за проектот за нуклеарна централа во Мариово се побунија и Грците, кои на цел глас викаа дека ќе сме ги затруеле со радиоактивен отпад.
Професорот Константин Димитров ни открива дека проектите поврзани со нуклеарната енергија се од постар датум и нѐ враќа на плановите од бивша Југославија.
– Тогаш се развиваше една стратегија Запад-Исток за изградба на електроцентрали: две од по 600 мегавати во Словенија и Хрватска и три од по 200 мегавати во Србија, Војводина и Македонија – вели Димитров.
Од тој план јасно е дека се изгради само Кршко. Но за тогашната држава беше важно што постоеше и центар за развој на нуклеарната енергија во Винча, каде што имаше и македонски кадар, кај нас е познат професорот Томе Бошевски.
АВТЕНТИЧНИ СТУДИИ И ПРОЕКТИ СО ВИЗИЈА
Значи, Македонците и тогаш не беа боси во однос на познавањата и информациите за нуклеарната енергија, а доказ за тоа се повеќето студии што се правени во тоа време. Според Димитров, тогаш Александар Ношпал подготвил магистерски труд со пресметки за тоа колку вода е потребно за ладењето на нуклеарните постројки во Мариово, а Ѓорѓи Филипов како студент изработил труд за мини-нуклеарка сместена во два вагона, која можела да се транспортира по железница. Сега таквиот тип нуклеарки се наречени компактни и се идеални за мали земји како Македонија. Македонските планови биле изградба на „атомка“ со моќност од 300 мегавати. А, зошто Мариово?
– Сите пресметки покажаа дека таму е најдобрата локација. Вардар има најмногу вода, но подрачјето низ неговиот тек е земјотресно, а ист е случајот и со теренот од Гостивар кон Дебар. Мариово излезе идеална локација – вели Димитров.
Каде е сега енергетската стратегија откако протекоа многу води и низ нив отидоа многу проекти, па и тие за нуклеарна централа?
Во МАНУ еднаш имаше стратегија во која беше вклучена и нуклеарната енергија (според неа, во наредната 2025 година требаше да имаме наша нуклеарна централа), а потоа ја снема. Сега, откако на глобално ниво се постигна согласност дека нуклеарната енергија е зелена, се отвора патот за нуклеарни проекти, а тоа за Македонија е можност покрај сегашниот потенцијал, да го надгради енергетскиот систем барем со две мали нуклеарни централи.
ОЖИВУВА ЛИ ПРОЕКТОТ „ВЕСТИНГХАУС“?
Постојат сериозни размислувања дека во земјава се оди кон градење цврст консензус за влез во нуклеарна ера. Тоа е еден огромен и позитивен квантен скок на земјата кон иднината.
Деновиве во јавноста беше публикувана информацијата за средба на македонскиот премиер Мицкоски со високи претставници на американската администрација, на која меѓу другото се дискутирало и за можноста за производство на електрична енергија во Македонија – од нуклеарна централа. Имено, според некои медиуми, таа средба „била во насока на идејата да почнат поинтензивно да се собираат информации од кредибилни партнери за учество на САД во стратегиски проекти, како што е и изградба на нуклеарна централа“. Дали ова е враќање на стариот проект „Вестингхаус“ или нешто сосема ново – не е најважно. Технологијата е сериозно напредната и на пазарот има мали компактни нуклеарни постројки, кои ги произведуваат САД, Кина и Русија, кои се доминантни. Од нас зависи за што ќе се определиме. Дали тоа ќе биде во партнерство со некоја друга земја, како на пример со Америка, или ќе тргнеме сами со наши пари да направиме свој нуклеарен потенцијал. Со потсетување дека секогаш кога ќе се влезе со некого во партнерство, тоа значи дека се создаваат заеднички односи на повисоко и поцврсто ниво и заемен респект. И тука некаде може да се дефинира што е тоа вистинско стратегиско партнерство.
Инаку, да потсетиме дека проект не ни понудија само Американците туку имаше сериозна понуда и за влез во Белене, па дури македонската влада и добро се загреа за една таква дебела инвестиција. Но во 2016 година од Далечниот Исток, од официјален Пекинг, тогашната кинеска амбасадорка Хуо Јуџен, специјална претставничка на секретаријатот на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа, најави дека Кина ја истражува можноста за изградба на триесет мини-нуклеарни централи до 2023 година, а во истиот пакет и нуклеарна централа во Македонија. Па, и Кинезите се во игра.
Лимитирани водни ресурси
На Македонија ѝ е потребна нуклеарна централа бидејќи има ограничени извори за производство на електрична енергија, изјави пред десетина години докторот по географија Илија Башески од Прилеп. Според него, ресурсите на вода и на лигнит се лимитирани.
– Во земјава има малку врнежи и струјата од вода е скапа. Годишно паѓаат просечно околу 500 милилитри дожд, што е малку за производство на струја на долг рок и за поголеми инвестиции за изградба на хидроцентрали. Ако се акумулираат сите хидропотенцијали, Македонија ќе собере максимум околу три милијарди киловат-часа, а за скоро време се потребни 10 милијарди – рече тој. Х.И.
Наша нуклеарка, наш кадар
Во врска со изградбата на нуклеарна централа во Македонија, професорот Константин Димитров истакнува дека има соодветна локација во рамките на акумулациите како Тиквеш, Чебрен и Галиште на Црна Река. Но, сепак, тој повторно акцентира дека ако се гради нуклеарна централа или, пак, каква било централа на овие реки, државата треба да биде доминантен сопственик со 51 процент!
– За да изградиме нуклеарна централа со моќност од 300 мегавати, прво ни треба закон, а секако и вода во Мариово. За да го добиеме тоа езеро, ќе ни требаат шест-седум години. За да се испорачаат нуклеарните постројки во контејнери, ќе требаат околу пет години. Секако, во тој период ќе треба да создадеме и свој кадар – ни изјави професорот Димитров. Х.И.