Златна погребна маска од 6 век п.н.е., откриена во гробот во Требенишката некропола - Фото: Simin

Знаменитостите на Македонија

Според проф. д-р Наде Проева, во архајскиот период Пајонија има ист култ на мртвите, инхумација во камени цисти, како Пелагонија (во која од 7 век пред нашата ера го нема тумулот, но културниот континуитет останува, што укажува на еден автохтон пајонско-пелагониски етнички агломерат, кој е потврден и во наративните извори). Од претставите заслужува да се спомене онаа од Стоби со посвета на демоните на племето Антанои, која претставува interpretatio graeca на локалното божество (Дијалоис) преку ликот на Дионис. Во овој контекст спаѓа и раширеноста на култот на автохтоната мајка на боговите (многубројни манумисии од Левкопетра) и на кападокиската божица Mа (над 30 манумисии во Едеса-Воден, а во Грција непосведочена), чија распространетост била овозможена поради идентификувањето со некое македонско божество, чие име сѐ уште не го знаеме, особено ако се има предвид конзервативноста на Македонците во однос на туѓите култови. Така, на пример, и во римско време во Македонија малку ги има малоазиските и египетските култови за разлика од другите провинции

Култ кон Сонцето

Теракотна копија од керамичка чаша со античко-македонски симбол сонцеѕвезда со 16 зраци од 3 век п.н.е. ископана во Самуиловата тврдина во 2002 година во Охрид. Фото – Vbb-sk-mk 

Култот кон Сонцето бил најважен и најраширен култ кај Македонците. Овој култ во хеленското толкување наликувал на култот на Хелиј, а не на Аполон. Најстариот податок за овој култ кај Македонците се сретнува кај Херодот. Максим од Тир запишал дека кај пајонските племиња бил раширен култот кон Сонцето. Тој вели дека Пајонците го слават Хелиј носејќи лик на пајонскиот Хелиј во вид на мал диск ставен на долга мотка.

Соларната симболика не е одлика за Хелените, меѓутоа кај Старите Македонци сончевата розета е еден од најчестите симболи. Оваа розета се сретнува на македонскиот штит. Розетата ја има на многу други предмети, како што се накитот и оружјето. Најран приказ на сончева розета е прикажан на една бронзена дијадема од 9 век пред нашата ера најдена во некрополата во Кутлеш. Сончевата розета ја има и кај пајонските племиња на нивните монети од 6 век пред нашата ера. Розетата е прикажана и на саркофагот на Филип Втори Македонски. Шематизирани прикази на розета се среќаваат на македонските штитови, честопати придружувани со ѕвезди или полумесечина. Розетата се сретнува и на надгробните споменици од римско време, најчесто по средното течение на реката Вардар, во некогашната Пајонија. Некои историчари заклучуваат дека задржувањето на култот на Сонцето во Македонија сѐ до крајот на антиката е специфичност на македонската религија, а сончевата розета е македонски симбол.

Култ кон змијата

Шарка (Vipera berus) – Фото: Марек Шчепанек

Овој култ е посведочен во Пелагонија, Пајонија и во Вергина, каде што се најдени теракоти од змии. Змијата во античкиот период била симбол на постојано раѓање и умирање, односно реинкарнација и бесмртност. Змијата честопати е прикажана на македонскиот накит и надгробните споменици, како симбол на покојник што е хероизиран.

Погребен култ

Златна погребна маска од 6 век п.н.е., откриена во гробот во Требенишката некропола – Фото: Simin

Особена одлика за погребниот македонски култ се златните погребни маски. Вакви погребни предмети се најдени во Требениште, Охрид, Синдос и во други места во Македонија. Начинот на изработка и карактерот на златните маски не се карактеристика за Хелада. На една маска од Требениште е прикажана пчела. Според верувањата од претхеленскиот приод, пчелата била душата на починатиот. За култот на мртвите се граделе т.н. хероони (храмови). Во Пидна е пронајден хероонот што го изградил Филип Втори за погребниот култ на својот татко Аминта Трети. Македонскиот крал Александар Втори изградил гроб за својот татко, но и храм за неговиот култ. За починатите биле изработувани и статуи што биле посветени на некое божество.

Култ кон водата

Реката Вардар – Фото: Ivka20

Кај Македонците бил практикуван култ кон водата, слично како и кај Бригите (Фригите). Реките биле почитувани како божества и им се принесувале жртви. На обичните луѓе им се давале имиња на обожавани реки. На натписите во Македонија се посведочени имиња дадени според македонски реки – Стримон, Нестос, Местос, а се посведочени и имиња од фригиските Марсија и Халис. Во Македонија реката секогаш се претставувала антропоморфно на монетите, за разлика од монетите во Хелада, каде што речните божества секогаш биле прикажани како бикови. На монетите од Амфипол од римско време, Стримон е прикажан како е испружен врз камења или неговата глава е со венец. На монетите од Хераклеја Синтиска (позната како Хераклеја Стримонска) и македонската колонија Павталија приказот е ист. На бронзените монети од Стоби, ковени во времето на римскиот цар Трајан, се прикажани полулегнати персонификации на две реки, Аксиј и Еригон.

Херодот запишал една легенда од која се гледа дека култот на водата бил многу стар во Македонија и бил поврзан со првата македонска кралска куќа. Според легендата, кога Пердика, Аероп и Гаван ја минале реката, таа надошла толку многу што потерата што била испратена по нив не можела да ја мине реката. Македонците ѝ пренесувале жртва на реката како на спасителка. Д.Ст.