Антиупатства за лична употреба
По земјотресот, со дедо му Павле заминаа во Охрид. Татко му остана во Скопје, со групата свои градежници, во една прикрпена барака, да го расчистува настраданиот град. Мајка му, се подразбира, реши да биде со него.
Во Охрид ги распределија во едно од синдикалните одморалишта покрај градот што по земјотресот беа приспособени за прифатилишта на скопските дечиња со кошмарни сништа во придружба на некој повозрасен од семејството.
Собите беа тесни, со два споени кревета, еден орман и мијалник. Заедничка бања на катот. Но, за среќа, од прозорецот на нивното сопче, од височинката на ридот каде што се наоѓаше одморалиштето, погледот пукаше на езерото – чисто, распослано, со мрешкави бранови.
Децата се будеа растреперени од окрепувачката согласност на воздухот и водата и веќе трчаа по земјеното плато пред прифатилиштето со неколку посеани ниски грмушки, додека под нивните растрчани боси стапала се поткреваше златен прав.
– Можно ли е да е ова истото место? – се запраша додека од балконот на третиот кат на хотелот „Панорама“ се ширеше, соодветно на името, панорамски видик врз туристички „средената“ околина со низа хотели со плажи уредно начичкани со капачи на лежалки, под чадори за сонце. Во плиткиот дел од езерото можеа да се видат мноштво деца како се плискаат, во подлабокото, по езерската шир, се влечеа катамарани, преполни со туристи, Турци или Срби, и со прегласна музика што ечеше низ просторот.
Се врати во собата што по големината, долгите зелени завеси и опременоста повеќе личеше на апартман. Пред огледалото со тенки дрвени рамки, малку ја накриви сламената шапка врз побелената сѐ уште бујна коса и пешки, не со лифт, се симна до рецепцијата на хотелот
– На прошетка? – му се насмевна рецепционерот на гостинот во шарена кошула со куси ракави, три-четврт тегет панталони и со накривена шапка.
– Да, жешко ми е за на плажа – одговори со насмевка, па потоа по добро уредената пешачка патека се упати кон градот.
По појадокот, кога во дисциплиниран ред децата и возрасните чекаа млеко во метални чаши и парче леб со маст, посолено со алева пиперка, со дедо Павле ќе се симнеа до плажата, заедно со возрасните, кои возбудено, со драматичен трепет, говореа за скопската катастрофа, и со децата, кои ги побрзуваа да одат до водата. Таму, на брегот, возрасните им помагаа да ги соблечат маиците и панталоните, а јадранките, оние што ги имаа, ги задржуваа да се заштитат од драсканици поради ситните камчиња. Потоа, со заруменети образи, децата ќе се стрчаа кон водата, некои со викање, тој молчејќи затоа што и дедо му Павле така влегуваше во езерото кога се капеше, и тоа никогаш наутро, туку пред зајдисонце, кога сами, без придружба, се симнуваа до плажата, и седеа, искапени, еден крај друг, и тогаш дедо му ќе му ја ставеше раката преку рамото.
Иако пладнето штотуку помина, странските и домашните туристи и понекој охриѓанец шетаа по крајбрежната патека без брзање.
Цел ден, среде овие комфорни хотели, пренатрупани плажи и олабавени шетачи, ми доаѓаат слики од нешто што ми се случило пред шеесет години, си помисли, но не мораше да се праша „зошто“.