За принципот на усогласеност со европската надворешна политика како услов за добивање европски пари
Искуствата со кои се соочи Македонија изминатите години покажаа дека дури и да постои стоотстотна усогласеност на надворешната политика на земјата со онаа на ЕУ, тоа не е гаранција дека таа ќе напредува на европскиот пат. Затоа многу од земјите кандидати продолжија да се држат до сопствената надворешна политика и сопствените интереси, па од тие причини ЕУ сака да ги услови со парите од т.н. План за раст. Пораката што може да се прочита меѓу редови, предупредуваат соговорниците, е повеќе од јасна, односно дека „под усогласување на надворешната политика во голем дел ќе се подразбира исклучиво она што Брисел го наложува, дури и надвор од утврдените стандарди и критериуми“
Еден од клучните критериуми по кој се оценува подготвеноста на секоја земја за пристапување во Европската Унија е нејзината усогласеност со европската надворешна политика и од тоа зависи колку брзо таа ќе напредува на патот кон полноправно членство.
Во тој поглед, Македонија не само што ја има највисоката оценка, туку до толку ја има усогласено сопствената надворешна политика со онаа на Унијата, што на моменти се добива впечаток дека се работи за земја што е промотор на европските политики, а не кандидат што повеќе од 20 години чмае во европската чекалница.
Дилемата пред која во последно време се исправени македонските граѓани е дали вредеше слепата послушност кон европските политики кога за возврат земјата не доби ништо, туку е предмет на постојани нови условувања и уцени од земји членки што и самите ја немаат доволно усогласено сопствената надворешна политика со онаа на ЕУ.
Без спроведување на европските директиви нема европски пари!
Со намера уште повеќе да ги држи под контрола земјите кандидати, официјален Брисел неодамна најави План за раст за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и за Македонија, но од друга страна, секоја земја ако сака да добие дел од европските пари ќе мора да се изјасни околу нејзините намери за усогласување на својата надворешна политика со политиките на ЕУ, или едноставно кажано, да играат според нотите од Брисел.
– Усогласувањето со заедничката надворешна политика на ЕУ е вклучено, како специфична цел, во контекст на реформските агенди. Тоа значи дека земјите во реформските агенди ќе треба да објаснат како очекуваат овие мерки и мерките што планираат да ги преземат да придонесат за прогресивно и континуирано усогласување кога станува збор за надворешната политика – изјави неодамна портпаролката на комисијата, Ана Писонеро.
Иако европските челници тврдат дека усогласувањето не е предуслов за добивање пари од Планот за раст, сепак повеќе од извесно е дека станува збор за еден вид мека уцена, односно или секоја земја ќе ги спроведува целосно европските директиви во делот на надворешната политика или, пак, нема да ги добие парите. Моментот со реформската агенда се користи само како параван за вистинските намери на официјален Брисел, секоја земја строго да се придржува до европската надворешна политика.
Од друга страна, искуствата со кои се соочи Македонија изминатите години покажаа дека дури и да постои стоотстотна усогласеност на надворешната политика на земјата со онаа на ЕУ, тоа не е гаранција дека таа ќе напредува на европскиот пат. Затоа многу од земјите кандидати продолжија да се држат до сопствената надворешна политика и сопствените интереси, па од тие причини ЕУ сака да ги услови со парите од Планот за раст.
Пораката што може да се прочита меѓу редови е повеќе од јасна, дека под усогласување на надворешната политика ќе се подразбира исклучиво она што е во интерес на ЕУ, без право на земјите кандидати сами да одлучуваат какви надворешните врски ќе градат, се разбира доколку сакаат да бидат дел од европските финансиски планови.
Македонија има дури „слепо“ усогласена надворешна политика со онаа на ЕУ
И додека Македонија целосно ја има усогласено надворешната политика со ЕУ, многу земји членки на Унијата водат независна надворешна политика, која во добар дел е спротивна со официјална европска надворешна политика, само затоа што нивните процени се дека тоа е во интерес на земјата.
Франција, Полска, Италија, Германија, Унгарија, Словачка, Грција, Бугарија се земјите што паралелно си водат сопствени надворешни политики различни од претходно усогласената европска надворешна политика, бидејќи се соочија со сериозни закани по нивните економии, но влијаат и врз политичките врски што им се важни во светлината на новите геостратегиски прегрупирања.
И додека сите тие водат некоја своја надворешна политика, што е суверено право на секоја самостојна држава, од Македонија и од другите држави кандидати се бара да се држат исклучиво до европската надворешна политика, дури и тогаш кога таа е спротивна на нивните интереси.
Усогласената надворешна политика со онаа на ЕУ, за возврат на земјава ѝ донесе промена на уставното име спротивно на волјата на граѓаните, како и нова блокада со барање да се промени Уставот на земјата и во него да се вметнат македонските граѓани со бугарска самосвест, без оглед што државата ги исполнува сите малцински права на сите заедници, без оглед дали се наведени или не во највисокиот правен акт.
Како „благодарност“ за усогласената надворешна политика, Македонија доби неевропска преговарачка рамка во која се ставени услови што задираат во македонскиот идентитет, јазик и историја, преседан што не ѝ е направен на ниту една земја, што создаде револт и огорченост кај граѓаните, кои со право прашуваат што доби земјата од таквата слепа послушност кон Европа и нејзините надворешни политики.
Македонија да не го загуби компасот да се води од сопствените интереси и да си гради таква надворешна политика
Поранешни дипломати, аналитичари и припадници на невладиниот сектор поврзани со евроинтеграциите сметаат дека Македонија со најдобра намера ја усогласувала сопствената надворешна политика во согласност со европските препораки, надевајќи се дека на тој начин ќе го забрза патот кон ЕУ, но за возврат не добила ништо.
– ЕК сега го условува доделувањето на средствата од Планот за раст наменет за Западен Балкан со усогласеност на земјите со европската надворешна политика. Ако усогласеноста е главен критериум, тогаш Македонија треба да добие 90 отсто од средствата, оти нашата надворешна политика со години е на иста линија со европската. И што добивме за возврат? Ништо. Оние земји што се бореа за своите интереси, што пркосеа и се спротивставуваа на европската надворешна политика, повторно се пред нас, повторно ЕУ ним им посветува повеќе внимание, а ние сме турнати на маргините. Ниту почнавме преговори, иако го сменивме името, а со актуелната преговарачка рамка никогаш и нема да ги завршиме пристапните преговори, со оглед дека главен контролор ни е Бугарија, која и самата води некоја двојна надворешна политика, спротивна на европската. Впечатокот што оправдано е присутен кај најголем дел од македонските граѓани е дека нашата сервилност нѐ направи некредибилен партнер и затоа ЕУ се чувствува комотно кога станува збор за Македонија, постојано нешто да бара од неа, а за возврат ништо да не нуди. Сега ветуваат средства и кредити за земјите од Западен Балкан, а ни воведуваат визи од ноември и такса од по седум евра. Не само што не ни помагаат, туку и заработуваат врз нашиот грб и нашата сиромаштија, условувајќи нѐ со усогласеност на надворешната политика. Македонија треба да се води од сопствените интереси и да си гради таква надворешна политика. ЕУ е наша стратегиска цел, но по пат што ние ќе си го градиме, а не што некој друг ќе ни го наметнува и кој повторно води во некоја европска чекалница – заклучуваат соговорниците, притоа уште додавајќи дека ЕУ не може ниту на своите членки да им наложи единствена надворешна политика, а не, пак, на оние што се надвор.
Еден од оние што е на мислење дека Унијата се води исклучиво од сопствените интереси е и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој смета дека крајно време е Македонија да почне да се води од сопствените интереси.
– ЕУ никогаш не оди на штета на своите интереси… или на штета на своите водечки членки. А ние имавме политичари што гледаа само да им угодат на европските политичари, дури и на штета на македонските. Велат усогласена политика, а истовремено тие соработуваат со Русија и продолжуваат да купуваат многу работи од неа. Секогаш и единствено првенствено треба да се гледа само интересот на Македонија – констатира Пекевски.