Фото: Приватна архива

Времеплов – Кога бев ученик: Горјан Петревски

Денес, навраќајќи се кон детството, многу нешта ме потсетуваат на тие години, а тоа значи имало игри и доживувања, први љубови, нешто што останало потајно да вознемирува. А тој немир можеби е предизвик сето тоа да се запише во книгите – раскази и романи – и на тој начин да ми остане засекогаш. Веројатно необичните доживувања биле пресудни да се определам да ѝ се посветам токму на литературата за деца како духовна определба, вели Петревски

Горјан Петревски со години е прогласуван за најчитан писател во училишните и во градските библиотеки во земјава. Неговите романи доживуваат високи тиражи и поради големиот интерес кај младата читателска публика постојано се преиздаваат, а често самите ученици прават фотокопии и ги умножуваат неговите романи.
Во овој број на „Колибри“ ќе ви откриеме какво детство имал нашиот познат писател за деца и млади, кои биле неговите преокупации и кога почнал да ги пишува и објавува своите први литературни творби. Секако ќе ни каже нешто и за неговата прва љубов…

Која Ви е првата помисла на детството?
– Денес, навраќајќи се кон детството, многу нешта ме потсетуваат на тие години, а тоа значи имало игри и доживувања, први љубови, нешто што останало потајно да вознемирува. А тој немир можеби е предизвик сето тоа да се запише во книгите – раскази и романи – и на тој начин да ми остане засекогаш. Веројатно необичните доживувања биле пресудни да се определам да ѝ се посветам токму на литературата за деца како духовна определба. Барем во почетокот на моето појавување во македонската книжевност. Сакав „чудесното волшепство“ да го забележувам, да го запишам, во прв ред, предизвикан од желбата детството да не остане само мое, туку да им го пренесам и на другите што доаѓаат по мене, ама и да си ја искажам непомирливоста што тоа ме напуштило.

Како ги помните првите училишни денови?
– Кога станува збор за раните години, со нив неминовно е врзано и училиштето како заеднички збир на сѐ што се случувало дома, надвор од домот, но и во училиштето. Мојот прв училиштен ден, можам да речам, беше „спектакуларен“. Дотогаш бев многу немирен и незауздан, но тој „историски“ прв ден не можев да сфатам зошто кај многумина од моите врсници – девојчиња и момчиња гледав солзи во очите и противење да бидат одвоени од мајките. Јас го направив тоа со трчање и сам одбивајќи ја придружбата на мајка ми и прв стигнав во училишниот двор, кој беше оддалечен околу 500 метри од нашата куќа. Само за да докажам дека сум похрабар од другите.

Кој Ви беше најдрагиот учител?
– Мојот прв учител беше Милан Јолевски. Каков педагог беше тоа! Поради него го засакав и учењето. Тој знаеше кога да те пофали, но кога и да те прекори. Засекогаш го има моето почитување. Не се фалам ако речам дека станав најдобар ученик. А секоја пофалба од учителот и од родителите ме влечеше напред. Казните кај мене имаа спротивен ефект. Успеваа само пофалбите. Три години ме учеше тој. Во летниот период ми одредуваше „задолжителна лектира“, давајќи ми книги од скромната училишна библиотека. Така, на пример, во летото меѓу второ и трето одделение прочитав 20 книги. И денес го чувам списокот со насловите: „Баш челик“, „Василиса Прекрасна“, „Биберче“, „Халифатот штрк“, „Оле успивалко“…, на тој начин ги засакав книгите, но и самиот посакав да можам да напишам барем една таква! А кога стигнав до четврто, бев тажен кога мојот прв учител нѐ напушти и си замина од кај нас. На негово место дојде младиот учител Чедомир Ристевски, кој исто така внесе нешто ново во нашиот детски свет и на прекрасен начин само ја продолжи веќе почнатата приказна…

Освен што бевте одличен ученик, имавте ли некои други таленти?
– Ако до четврто одделение учев во моето родно село Мренога, од петто до осмо секој ден моравме да пешачиме четири километри во еден правец и уште толку назад до соседното село Вирово. Имало дождови, имало снегови… Мора да се стигне на часови, навреме се разбира. Секој ден така, секое утро по истиот пат. Но подоцна со носталгија се навраќав и на тие години. Зашто, сепак, имало прекрасни пролети и сонце, возбудливи снегови… Сме биле поголеми, патем имало задевање со девојчињата, топли доживувања, први заљубени погледи… Бев меѓу најдобрите ученици, но исто така и најдобар фудбалер, најбрз во трчање, во скок во височина и далечина. Тоа беа оние нешта преку кои сакав да се истакнувам. Во седмо одделение бев прогласен за најдобар ученик во моето училиште, а со тоа се стекнав со право да летувам петнаесетина дена во одморалиштето во Претор, на Преспанско Езеро, заедно со најдобрите ученици од Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар, од целиот Пелагониски Регион. Беше тоа убаво лето. Тие доживувања ги има во моите книги, а конкретниве што ги наведувам во повеста „Споменка“.

Кога почнавте да пишувате?
– Тоа го правев уште во трето одделение, а особено се истакнав во четврто, во времето кога немаше радио, а не пак телевизија, немаше ни толку весници во селото… Но дознав од мојот постар брат Благоја, преку кого исто така многу ја засакав литературата, затоа што и тој прекрасно пишуваше, но не се обидуваше да се реализира на тој план, за конкурс за најубаво детско писмо. И на задачата да се напише писмо до некого, јас им се обратив на моите другарчиња од Конго и Алжир, каде што во тој момент се војуваше. Учителот беше изненаден, но и јас од мојата „храброст“… Така почнав. А тие подвизи ги преповторував и од петто до осмо одделение, се обидував да го пресоздадам мојот внатрешен свет, кој чувствував дека го имам. Сакав да станам писател, но и фудбалер.

Кои беа Вашите први објавени творби?
– Првата творба „Легенда за моето село“ ја објавив како четвртоодделенец во списанието „Развигор“ во 1962 година, а првиот расказ „Старата црешна“ во јануари 1970 г. во истото списание. Тогаш „Развигор“ го уредуваше писателот Глигор Поповски. Само три години подоцна, во 1973 година, излезе и мојата прва книга „Гороцвет“, а ми ја објави писателот Видое Подгорец. Така почнав, а и останав во литературата за деца и за млади засекогаш или барем досега.

Се сеќавате ли на првата љубов?
– Првата љубов – како и секоја – помислуваш дека е прва, а со тоа и последна, една единствена, неповторлива. Со неа сѐ почнува и сѐ завршува. А всушност не е така. Првата љубов е и треба да биде само почеток, но убав и незаборавен. Еден ден најтажните први љубови стануваат најсмешни, па затоа… главата горе! Вистинските љубови доаѓаат подоцна. Својата прва љубов ја искажав во романите „Споменка“, „Спомените на Споменка“ и „Сонот на Споменка“. Тоа е приказна во три дела со истите ликови, но и секоја од нив самата за себе е целосна приказна. И уште една книга со ликот на девојчето – што значи прва љубов – „Задоцнети писма на Споменка“.