Бугарија со своите поведенија постојано го крши правото на ЕУ

Бугарската влада е обвинета дека незаконски го блокира извозот на инсулин и антибиотици и покрај тоа што има доволно резерви, при што од Европската комисија беше побарано да интервенира.
Бугарија во октомври минатата година првпат воведе рестрикции за извозот на инсулин, додека во април годинава го забрани извозот на антибиотици за деца. Оттогаш, забраните периодично се обновуваат поради проблеми со снабдувањето, главно поради недоволната достапност на инсулините „фиасп“, „тресиба“ и „ксултофи“. Имаше и проблеми со некои од вообичаените антибиотици за деца.
– Постојаното продолжување на забраната за извоз на инсулин и антибиотици го прекршува правото на ЕУ. Ова го упативме до Европската комисија. И преку нашето здружение и преку Достапни лекови – Европа – изјави за „Еурактив“ Борјана Маринкова, извршна директорка на Бугарската асоцијација за развој на паралелна трговија со лекови (БАМПТД).
Здружението ѝ предочи на Европската комисија дека забраната е несразмерна мерка што е во спротивност со основните принципи на договорите на ЕУ, како што се слободното движење на стоки и промовирањето на конкуренцијата. „Еурактив“ не доби одговори на барањата за изјаснување од бугарското Министерство за здравство.

До кога ќе се толерираат противправните поведенија на Бугарија?!

Ограничувањата на извозот на лекови се дозволени според бугарскиот закон кога постои реален ризик за јавниот интерес. Податоците од Бугарската агенција за лекови (БДА) покажуваат дека заклучно со 24 јули, во земјата имало речиси 320.000 пакувања инсулин и 50.000 единици раствор за инјектирање семаглутид („оземпик“). Податоците беа доставени до БАМПТД според Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Овие количества се доволни за задоволување на потребите на бугарските пациенти за пет месеци и се седум пати над границата по која може да се забрани извозот. Бугарија исто така го забрани извозот на „Оземпик“, иако има резерви од половина година.
– Ако во овој момент некоја земја членка на ЕУ има недостиг од инсулин и антибиотици, а ние имаме резерви, стопирањето на извозот е во спротивност со политиката и принципите на ЕУ – рече Маринкова.
Таа не може да објасни зошто Бугарија продолжува да воведува забрани и покрај тоа што има големи резерви.
– Лековите се критично важни производи. Европската комисија е цврсто против складирање на какви било резерви – рече Маринкова.
Бугарските магацини исто така се преполни со антибиотици. Заклучно со 24 јули имале 754.000 пакувања со детски антибиотици од групата лекови на кои им е забранет извозот. Ова количество одговара на околу 200.000 деца до шестгодишна возраст на кои им се пропишуваат овие лекови.

Казни за извоз на забранет лек

Бугарскиот закон за лекови предвидува парична казна од 25.000 до 50.000 евра за извоз на забранет производ и глоба од 50.000 до 75.000 евра за извоз на лекови што се дефицитарни, доколку истиот прекршок повторно се направи.
На крајот на минатата година, организациите за пациенти ја предупредија бугарската влада на континуиран недостиг од инсулин и други лекови за терапија на дијабетес.
Од тој момент, Владата почна „привремено“ да го забранува извозот на инсулин секој месец за да го заобиколи европското законодавство, кое забранува наметнување трајни ограничувања.
Бугарија увезува најмногу лекови од Романија преку паралелна трговија, а најмногу лекови извезува во Полска. Тековните преговори за фармацевтски пакет се фокусирани и на проблемот со недостигот од лекови, вклучувајќи ја и паралелната трговија со лекови.
Во исто време, здруженијата на увозници на лекови продолжуваат да ја обвинуваат бугарската влада дека преку административни пречки го одложува влегувањето на лековите од паралелен увоз на бугарскиот пазар.
Во некои случаи, лековите со дефицит на бугарскиот пазар чекаат повеќе од 100 дена за да им биде одредена цена и да се продаваат во аптеките, наместо автоматски да се продаваат. Р.С.


Европското јавно обвинителство истражува индиции за измама на Бугарија при проект за реновирање водоводна мрежа финансиран од ЕУ

Додека Бугарија се бори со распространетиот недостиг од вода, Европското јавно обвинителство соопшти дека истражува сомнеж за измама во проект финансиран од Европската Унија, за реконструкција на водоводната мрежа во неименувана општина.
Канцеларијата на европското јавно обвинителство во Луксембург (ЕППО), во понеделникот изјави дека запленило имот во истрагата за проект од 2,6 милиони евра, кој вклучува водоводна мрежа финансирана од ЕУ во Бугарија.
Проблематичниот проект се однесува на реконструкција на водоводната мрежа и резервоар во неименувана општина, финансиран од државниот Фонд за земјоделство на Бугарија (СФА) во рамките на Програмата за рурален развој на ЕУ, во вредност од 2,6 милиони евра.
– Истрагата откри докази за измама при извршувањето на договорот доделен на приватни компании. Јавните функционери од СФА се осомничени дека направиле измама со градоначалник и тие фирми, со цел да ја зголемат цената на изведената работа и да бидат преплатени од надлежната агенција – велат од ЕППО, додавајќи дека „се верува оти и функционерите подготвиле документација со лажни информации“.
Запленети се седум згради со површина од 1.956 квадратни метри и три возила еднакви на проценетата штета на буџетот на ЕУ.

Со измамата се погодени над 200 града и села, главно околу градовите Софија, Плевен, Хасково, Варна и Бургас

Истрагата се случува во период кога извештаите за недостиг од вода и сомневање за лошо управување со ресурсите преокупираа голем дел од вестите во Бугарија во текот на летото. Според партијата Зелено движење, погодени се над 200 града и села, главно околу градовите Софија, Плевен, Хасково, Варна и Бургас.
Во текот на викендот, граѓаните од дунавскиот град Свиштов и околните помали градови и села, протестираа против неактивноста на властите поради недостигот од вода во регионот и го блокираа патот кон Русе. На југот од земјата протестираа и луѓето што живеат во и околу зимскиот центар Чепеларе. Во Плевен, демонстрациите се закажани за 31 август.
Кризата со вода не привлече големо внимание кај локалните политичари. Ниту изјавата на ЕППО засега не е опфатена.
Министерството за регионален развој на 22 август соопшти дека високите температури и сезонската суша се виновни за недостигот, како и загубата на количества вода за пиење поради застарените мрежи за снабдување во одредени населени места и загубите при наводнување поради оштетените системи.
Во 2019 година и на почетокот на 2020 година, индустрискиот град Перник во близината на Софија беше погоден од голем недостиг од вода откако локалната брана Студена привремено пресуши. Наводите за лошо управување со средствата доведоа до апсење на тогашниот министер за животна средина и води. Р.С.


Бугарската политичка партија Преродба повика земјата да ја напушти ЕУ и да стане членка на БРИКС

Повик за референдум и за одложување на членството на Бугарија во еврозоната

Бугарската партија Преродба повика земјата да ја напушти Европската Унија и да стане членка на БРИКС. Преродба завчера во парламентот повика на референдум за одложување на членството на земјата во еврозоната најмалку до 2043 година.
И покрај поддршката од Преродба, Бугарската социјалистичка партија и популистичката партија Има таков народ (европски конзервативци и реформисти), пратениците од проевропските формации ГЕРБ (ЕПП), ПП-ДБ (Обнови, ЕПП) и МРФ (Обнови Европа) го отфрлија предлогот за поткопување на целосната интеграција на Бугарија во ЕУ.
Лидерот на партијата Преродба, Костадин Костадинов, директно повика Бугарија да ги напушти ЕУ и НАТО.
– Ако сакаме да имаме иднина, немаме место во овие агонизирачки структури, кои се ЕУ во овој формат и НАТО. Ако ЕУ не се реформира, мора да ја напуштиме бидејќи нема да умреме со неа – рече тој.
Преродба е еден од основачите на суверенистичката група во Европскиот парламент, заедно со германската Алтернатива за Германија. Новата изборна теза на Преродба е дека Бугарија треба да стане членка на БРИКС, а партијата почна да испраќа свои претставници на форумите на организацијата.
Целта на официјалните лица во Софија е Бугарија да влезе во еврозоната најдоцна до средината на идната година. Повеќето експерти тврдат дека реалниот рок е 1 јануари 2026 година поради тековната политичка криза во земјата. Според последните анкети, Бугарите се поделени околу прифаќањето на еврото, а главниот страв е од можен пораст на цените.
Пратеникот на Преродба, Цончо Ганев, рече дека бугарскиот народ треба да се праша дали сака да биде дел од еврозоната или не. Без да споменува факти за да го поткрепи своето тврдење, тој објасни дека БРИКС е побогат „клуб“ од западните земји и дека „нивната иницијатива предизвикува избезумен страв кај евроатлантските партии да излезат на референдум“.