Фото: ЕПА

Застој во именувањето на еврокомесарите на Европската комисија

Нема бегање од бирократијата, дури и кога се обидувате да ја составите Европската комисија (ЕК). Европското издание на „Политико“ на овој начин ги коментира сложениот распоред на планирање во ЕУ и долгорочниот конфликт на интереси за номинираните еврокомесари, што ги уриваат надежите за нивно промовирање во ноември.
Сега, датумот за почеток на работата на новиот состав на ЕК најверојатно ќе биде одложен до почетокот на декември, како што изјавија осуммина европратеници и европски дипломати за „Политико“, односно малку е веројатно дека новиот тим на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ќе може да почне со работа во ноември, како што беше предвидено.
Компликуваниот внатрешен процес со распоредот на Европскиот парламент претставуваше грубо будење за бриселските бирократи, кои се враќаа од летните одмори, а почетокот на следната комисија сега е поблиску до Божиќ, велат изворите на „Политико“.

Европарламентот не брза со назначување на еврокомесарите

Изгледа дека Европскиот парламент не брза со назначување на следната група европски комесари или да ги поттикне да почнат со работа на клучните ресори, како што се конкуренцијата,одбраната и трговијата, дури и кога војната во Украина и претстојните претседателски избори во САД налагаат од извршната власт на Европската Унија да продолжи со работа.
– Оригиналната листа за сослушувањата на еврокомесарите, која се очекуваше кон крајот на месецов, беше „премногу оптимистичка“ – рече висок парламентарен функционер во ЕУ, кој, како и другите цитирани во написот, доби анонимност за да може слободно да зборува.
Тој посочи дека доцнењата делумно се должат на комплицираниот календар на патувања на европарламентот (пратениците треба да одат во Стразбур во текот на последната недела од септември и две недели од октомври).
– Сослушувањата обично се одржуваат во Брисел и нивното преместување во Стразбур би било логистички кошмар. Нема брзање – посочи високиот функционер, тврдејќи дека и европарламентот и номинираните ќе имаат корист од дополнителното време.
Тој додаде и дека „номинираните сакаат што е можно повеќе денови за подготовка“.

Дали одложувањето на формирање на владата на ЕУ е со умисла или е нов неуспех на Фон дер Лајен

Веројатното одложување е уште еден неуспех за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се бори да ја постигне својата цел за родово балансирана институција. Досега има девет номинирани жени, додека повеќе членки на ЕУ се спротивставуваат на притисокот да ги сменат своите машки кандидати за жени. Претходно неделава, на пример, словенечката влада јавно повтори дека Томаж Весел ќе остане избор на Љубљана.
Ерик Мамер, главниот портпарол на Европската комисија, рече дека останува на „Европскиот парламент да го одреди распоредот за сослушувањата“.
По изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, Брисел се надеваше дека новата комисија ќе биде формирана и ќе работи што е можно поскоро.

Сите рокови мора да бидат поместени

Формирањето нова комисија секогаш е тежок процес, бидејќи различните европски престолнини треба да ги испратат своите кандидати до Фон дер Лајен, која сега ги дели портфолијата меѓу кандидатите. Сепак, надежта беше новата комисија да се формира на 1 ноември, непосредно пред изборите во САД.
Но, тој тајминг сега изгледа практично невозможен бидејќи секој еврокомесар треба да се соочи со повеќечасовно испрашување од европратениците, а тие сослушувања веројатно нема да започнат до средината на октомври. Парламентот првично се надеваше дека ќе ги одржи сослушувањата на крајот на септември.
Тоа значи дека конечното гласање за потврда на комисијата нема да се одржи до пленарната седница на парламентот во последната недела од ноември, поместувајќи го датумот за почеток до декември во најдоброто сценарио, и тоа без да се земе предвид дека Европскиот парламент би можел да гласа против еден или повеќе комесари. Доколку кандидатот (или кандидатите) биде одбиен, државата што го номинира треба да испрати алтернатива, која треба да се соочи со испитување во европарламентот.
Следниот чекор е Фон дер Лајен да ги претстави членовите на својот нов тим и нивните портфолија пред раководството на европарламентот, што е закажано за 11 септември. Дури тогаш Европскиот парламент ќе ги одреди датумите за сослушувањата.

Можен конфликт на интереси кај кандидатите

Делфин Колард, заменик-портпарол на Европскиот парламент, рече дека „парламентот е подготвен да го започне процесот на сослушувања веднаш штом претседателката Фон дер Лајен ги претстави структурата и предложените ресори“.
Тој процес е комплициран. Откако ќе се потврди листата на комесари, парламентарната комисија за правни прашања (позната како ЈУРИ) треба да ги провери нивните финансиски декларации, барајќи потенцијални конфликти на интереси. Доколку се открие потенцијален проблем, кандидатот може да биде повикан на посебно сослушување и членовите на комисијата можат да го одбијат.
– Со оглед на тоа што ова е задача за проверка, имајќи го предвид конфликтот на интереси, земајќи во обѕир и дека граѓаните ќе бараат наша одговорност ако сме невешти, тогаш има смисла да имаме доволно време. Стариот распоред за кој се дискутираше ми се чинеше преамбициозен, со ризик првата фаза од скринингот на конфликтот на интереси да биде премногу површна – рече Рене Репаси, шеф на делегацијата на германските социјалисти и член на комисијата за правни работи.
Репаси, кој рече дека првично очекувал расправите да почнат до крајот на септември, призна дека Собранието ќе треба да ги започне подоцна.
Откако ќе заврши комисијата за правни прашања, другите комисии ќе ја преземат работата. Тие ќе испратат писмени прашања до номинираните, кои, пак, ќе ги достават одговорите, врз чија основа ќе се врши испитувањето во европарламентот.
– Го познавате Европскиот парламент. Нивниот календар е светиот грал – заклучува еден од изворите на „Политико“.


Европската Унија ја суспендира финансиската помош за Грузија

Усогласување со „европските стандарди“ или нема веќе финансирање

Европската Унија одлучи да ја прекине можноста за доделување грантови на локалната самоуправа во Грузија преку проектот „Креативен компас“. Оваа одлука доаѓа откако градоначалникот на Цаленжиха, единствениот грузиски град управуван од опозициски градоначалник, во јавноста публикува писмо што го добил од шефот на програмата. Имено, во него се наведува дека новите можности за финансирање во рамките на проектот моментално се суспендирани, пишува „Цивил Грузија“.
Грузија е клучна членка на програмата за Источно партнерство на ЕУ, во која се вклучени и Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Молдавија и Украина. Оваа програма е дизајнирана да им помогне на овие земји во нивниот пристап кон ЕУ, обезбедувајќи им помош во реформите и развојот. Сепак, суспензијата на средствата поради политички контроверзии може да има далекосежни последици за сите земји од Источното партнерство.
Според Гиорги Харчилава, градоначалникот на Цаленжиха, причината за суспензијата на средствата лежи во заклучоците на Европскиот совет од јуни годинава, кои ја истакнаа загриженоста за политичката ситуација во Грузија и нејзиното влијание врз помошта од ЕУ. Харчилава истакна и дека другите градоначалници на општините во Грузија кријат информации за суспендирање на средствата, што дополнително ја усложнува и онака сложената политичка ситуација.
Проектот „Креативен компас“, финансиран од ЕУ и кофинансиран од институтот „Гете“, имаше цел да поттикне одржлив развој и вработување во рамките на културните и креативните индустрии низ Грузија, со посебен фокус на индустриските и постиндустриските општини.
Сепак, актуелната политичка клима во земјата доведе до суспензија на финансирањето, како што потврди и европската делегација во Грузија. Одлуката за суспендирање на средствата доаѓа откако Грузија го усвои контроверзниот Закон за странски агенти, што предизвика загриженост во меѓународната заедница. Овој закон, заедно со низа мерки преземени од грузиската влада, доведе до замрзнување на 30 милиони евра помош наменета за грузиското министерство за одбрана. Покрај ЕУ, и САД одлучија да ја намалат финансиската помош за Грузија. Кратењата од над 95 милиони долари веќе имаа ефект врз клучните сектори како што се здравството и правдата, дополнително влошувајќи ја ситуацијата во земјата.
Грузија, која беше лидер во Источното партнерство, сега се соочува со прашањето како оваа одлука ќе влијае на нејзиниот статус и идните односи со ЕУ. Овој инцидент може да послужи и како предупредување за другите земји во регионот за важноста од усогласување со европските стандарди и вредности за да се избегнат слични последици. Р.С.