По летните одмори вообичаено се прават традиционалните „зимски резерви“ од прехранбени продукти. Палетата домашни производи е многу широка, но, за жал, како што кажуваат повеќето граѓани, последниве години се прават сѐ помалку резерви зимница. Причина за тоа е растот на цената на „репроматеријалите“ за традиционалната зимница. Згора на тоа, на расходната страна на семејниот буџет натежнаа и потребите на учениците за новата учебна година, која веќе започна. И тоа беше причина голем број граѓани да издвојат значаен дел од семејниот буџет само за подготовка на учениците за на училиште, почнувајќи од неопходниот училиштен прибор до облеката и обувките за на училиште
Како да се амортизираат септемвриските трошоци, кои редовно се сериозен удар за семејниот буџет
Расте загриженоста меѓу граѓаните поради опасноста од повторно поскапување на прехранбените продукти, но и наглиот раст на трошоците во есенските месеци. Ова е период кога нашите сограѓани вообичаено се подготвуваат за почетокот на учебната гoдина, период што носи зголемени трошоци за родителите со деца на училиште, но и период кога се приготвуваат зимниците. По летните одмори вообичаено се прават „зимските резерви“, од разни ајвари и лутеници до мармалади и разни слатка. Изборот е огромен, но, за жал, како што кажуваат повеќето граѓани, последниве години се прават сѐ помалку резерви.
Новата учебна година, која веќе започна, беше причина голем број граѓани да издвојат поголем дел од семејниот буџет само за подготовка на учениците за на училиште, почнувајќи од неопходниот училиштен прибор, па до облеката и обувките за на училиште.Училишниот прибор, според поискусните родители, годинава е поскап од лани, а истиот „аларм“ беше вклучен и минатата година. Со списоци в раце, родителите набавуваа училишни материјали, од разни тетратки, блокови за цртање, боици, моливи, пенкала, до училишни ранци и друг помошен материјал, за што се потребни најмалку сто евра. Гардеробата, која е дополнителен трошок, а можеби и спортска опрема, во зависност од училиштето и децата, може да чини уште стотина евра.
Алармира растот на цените, експертите смируваат
Од друга страна, граѓаните веќе забележуваат дека низ маркетите има раст на цените на дел од прехранбените продукти, па алармираат дека стравот од повторно поскапување е голем.
– Има разлики во цените кај одредени продукти, особено во споредба со август. Од почетокот на август до денеска цените на некои млечни продукти повторно се зголемија. Доколку застанат тука, нема да биде проблем, но ако повторно се соочиме со екстремно високи цени на млечните продукти, ќе биде тешко – вели една средовечна скопјанка.
Експертите, од друга страна, смируваат. Според нив, нема знаци за нагол раст на цените на прехранбените продукти.
– Според податоците, инфлацијата се смирува, односно барем во првата половина од годината и заклучно со јули, остварувањата кај инфлацијата се во линија со очекувањата. Во следните неколку дена ќе се објави податокот за август и тогаш ќе може поконкретно да согледаме дали евентуално кај некои пазарни сегменти, па дури и кај одредени производствени групи има одредени придвижувања што може да сигнализираат дека е потребна некаква интервенција – велат аналитичарите од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Од институтот потенцираат дека секогаш треба да бидеме свесни дека промените на цените на пазарите и воопшто во маркетите се менуваат во зависност од временските периоди и понудата од локалните производители.
– Меѓутоа, мора да имаме предвид дека пазарните законитости се детерминирани и од одредени циклуси, на пример раноградинарските култури се најскапи во март и април, кога започнуваат постепено да се појавуваат на зелените пазари, па, така, и во овој период од годината се можни осцилации кај производите поврзани со учебната година, поради зголемената побарувачка. Секако, доколку се процени дека постои пазарно нарушување од поголеми размери, тогаш треба да интервенираат институциите, и преку политиките и преку инспекцискиот механизам. Но, да повториме, тоа не би требало веднаш да се поистоветува со инфлација, односно значаен пораст на вкупното ценовно ниво – знаци за такво нешто во моментот нема – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Од друга страна, земјите во нашето соседство веќе имаат различни проекти со кои го ограничуваат растот на цените на голем број производи, не само на училиштен прибор туку и на продукти за секојдневна употреба.
Па, така, Србија воведе листа „најдобра цена“, Црна Гора ограничува маржи, Грција пак ги ограничи маржите на училишната кошница. Ова се дел од мерките што земјите во регионот ги преземаат против високите цени во одбрана на стандардот на граѓаните. Од 1 септември до крајот на октомври, над 80 производи српските граѓани ќе можат да ги купат во просек за 30 проценти поевтино и ќе имаат ознака „најдобра цена“. Листата е долга и опфаќа од млеко и млечни производи, месо, овошје, зеленчук, па до средства за лична хигиена, кафе, житарки и мед…
Се воведуваат економски мерки против инфлацијата
Македонија, поточно претходната влада, воведе мерки со кои го спречи растот на цените кога имавме екстремно големи стапки на инфлација, но поради „мешањето“ во пазарната економија, тие мерки беа укинати и беше донесен Закон за забрана на нефер трговски практики, со кој се ограничува маржата на над 2.500 продукти на само 10 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски најави регулирање на цените на училишниот прибор, што и беше донесено, па сега маржата за училишниот прибор за големопродажба е пет отсто, додека за малопродажба е 10 отсто. Тој најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци, кои, како што кажа, генерираат профити и со тоа ја зголемуваат инфлацијата.
– Анализиравме увозни царински декларации и цени во малопродажба и заклучивме дека многу производи се продаваат по двојно повисоки цени од увозните. На пример, маркер се набавува по 60,1 денари, а се продава по 130 денари, набавната цена на јаглен е 68,6 денари, додека продажната 200 денари. Боиците имаат увозна цена од 69,5 денари, а се продаваат од 120 до 150 денари, кај моливите имаме набавни цени од 54,1 денари, а продажни по 120 денари. Со оваа мерка трошокот што го имаат граѓаните со почетокот на учебната година ќе се намали на половина – рече премиерот Мицкоски. Е.Р.