Фото: „Нова Македонија“

За „објективното и научно толкување на историските настани“ од страна на комисијата за историски и образовни прашања

  • Обидот за релативизирање на Гоце Делчев е опасен и доколку се направи отстапка во однос на македонскиот великан, тоа може да послужи како најтежок преседан и отворен пат за континуираните бугарски зафати за ревизија на македонската историја. На ваквите обиди за присвојување на Гоце Делчев треба да се одговори категорично дека Македонија нема никаква намера да прави отстапки, бидејќи неговото дело е во темелите на македонската држава и идентитет. Со евентуално попуштање на неоснованите и непринципиелни бугарски барања, како во случајот со цар Самуил претходно, би дошло до одземање на македонските национални белези и до подривање на државноста
  • Бидејќи работата на комисијата за историски и образовни прашања е политизирана и злоупотребена од бугарските членови, уште од самиот почеток, македонската страна во споменатата комисија мора да внимава какви формулации прифаќа. Идните одлуки што би произлегле од споменатата комисија не треба да ги доведуваат во прашање македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., како и вековната македонска традиција за сопствена држава и независност. Впрочем, комисијата треба да работи во согласност со членот 8 од Договорот за добрососедство и пријателство и да придонесе „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори, кои се базирани на докази“, кои велат дека Гоце Делчев е националниот херој на македонскиот народ!

Во еден подолг период комисијата за историски и образовни прашања од страна на некои од бугарските членови се користи како алатка за инженеринг за нова нација и за ревидирање на македонската историја во согласност со великобугарските сфаќања. Во оваа конотација треба да се разбере и последната изјава на Драги Ѓоргиев, копретседавачот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, според кого, бугарската страна одбива да прифати дека Делчев е националниот херој на македонскиот народ и бара користење на терминот националниот херој на поколенијата, на наследниците, на граѓаните. Според добро упатени во оваа проблематика, но и на некои од поранешните членови на споменатата комисија, обидот за релативизирање на Гоце Делчев е опасно и доколку се направи отстапка во однос на македонскиот великан, тоа може да послужи како најтежок преседан и отворен пат за континуираните бугарски зафати за ревизија на македонската историја. На ваквите обиди за присвојување на Гоце Делчев треба да се одговори категорично дека Македонија нема никаква намера да прави отстапки, бидејќи неговото дело е во темелите на македонската држава и идентитет. Со евентуално попуштање на неоснованите и непринципиелни бугарски барања, како во случајот со цар Самуил претходно, би дошло до одземање на македонските национални белези и до подривање на државноста.

Комисијата се користи за инженеринг на нова нација

Драги Ѓоргиев, копретседавачот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, посочи дека работата на комисијата е во ќор-сокак поради неможноста да се дојде до договор за заедничко чествување на македонскиот великан Гоце Делчев. Конкретно бугарската страна одбива да прифати дека Делчев е националниот херој на македонскиот народ и бара користење на терминот националниот херој на поколенијата, на наследниците, на граѓаните.
Неколкумина аналитичари што се добро запознаени со оваа проблематика нагласуваат дека искажувањето на Драги Ѓоргиев е само потврда за она што пошироката македонска јавност го знае еден подолг период, односно дека официјална Софија ги злоупотребува т.н. договор за пријателство и споменатата комисија за исполнување политичка агенда што е во насока на обезличување на македонскиот народ и оформување нов национален супстрат во Македонија. Некои од бугарските членови во комисијата за историски и образовни прашања, водени од великобугарски сфаќања за македонскиот народ и Македонија, се обидуваат да спроведат инженеринг на нова нација, нација што нема свои корени во минатото, ниту пак свои национални особености.
Во еден пластичен пример во јавноста се искажа Кирил Топалов, писател, поранешен дипломат на Р Бугарија и член на комисијата за историски и образовни прашања од бугарска страна.
– Сто пати сум кажал и пак ќе повторам, ние не бараме од нив толку колку што бараше Грција. Ние бараме илјада пати помалку. Ние им признаваме државен идентитет од 75-80 години. Постои ли таква држава? Постои. Како е создадена, тоа е друго прашање – дали ја создаде Коминтерната, дали Георги Димитров му ја подари на Тито итн. Но постои таа држава и не можеме да ѝ го негираме државниот идентитет. Што бараме ние од нив? Ние им велиме: Ви признаваме државен идентитет, ви признаваме дури и дека јазикот ви е доста променет од бугарскиот дијалект, има многу србизми и зборови од западноевропските јазици и тука сме малку потолерантни. Ништо друго не бараме од нив да признаат освен дека до 1944 година сме биле еден народ со еден ист јазик, ништо друго – изјави Кирил Топалов.

Сѐ пострашни и побезобѕирни атаки за ревизија на македонската историја во согласност со великобугарските сфаќања

Уште една потврда за тешкиот шовинизам и бугарски хегемонизам за што треба да биде свесна целокупната македонска и европска јавност е искажувањето на Кирил Топалов на Бугарското национално радио (БНР).
– Ако Македонците сакаат да зборуваат со Бугарите корисно и смислено, прво треба да си го преоценат својот лажен поглед кон својата историја. Може ли дел од бугарското население, кое е дел од бегалците од Македонија, да прифати дека нивните прадедовци и дедовци биле небугари и зборувале небугарски јазик? Тоа е апсурдно! Од нив се бара само најмалото нешто – да си ги признаат историските корени, па патот ќе им биде отворен насекаде – нагласи Топалов преку Бугарското национално радио (БНР).
Во консултации со неколку поранешни членови од комисијата за историски и образовни прашања ни беше посочено дека во суштина проблемот не е само Гоце Делчев, односно дека бугарската страна преку релативизирањето на Гоце Делчев се обидува да ги релативизира сите значајни македонски историски личности од 19 век и почетокот на 20 век, како што е Даме Груев или Ѓорче Петров.
Нашите соговорници исто така ни посочија дека токму бугарското барање за чествување на Делчев како националниот херој на граѓаните е потврда дека бугарската страна сака да наметне една нова историја, поточно своето видување за историските настани, со што на најдиректен начин се потврдува дека на комисијата од бугарска страна се гледа како алатка за ревидирање на македонската историја во согласност со великобугарските сфаќања.
– Формулациите од типот дека Гоце Делчев може да биде ваков или онаков се опасни, бидејќи се доведува во прашање државотворната традиција на македонскиот народ, впрочем Првото заседание на АСНОМ е круна на вековните македонски заложби за сопствена држава и независност – вели еден од поранешните членови на комисијата за историски и образовни прашања. Д.Ст.