Драги деца, во неколку продолженија во „Колибри“ ќе можете да го прочитате романот „Насмевка“ на писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец, кој таа своевремено ѝ го посвети на својата внука Ана, која денес е успешна млада жена.
Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена.
Таа ни откри дека кога била осумгодишно девојче ѝ била објавена првата песничка „Врапче“ во „Колибри“, која ја чува и денес. Токму затоа ве охрабрува откако ќе го прочитате и ова второ продолжение, а секако и наредните, да ни пишете, да ѝ поставите прашања во врска со содржината, на кои таа со задоволство ќе ви одговори.

Ексклузивно во „Колибри“ објавуваме извадоци од романот за деца на Мирјанка Ристеска-Селчанец – „Насмевка“ (3)

Малечката Насмевка ги направила среќни сите што живееле во кралскиот дворец. Многу среќни, се разбира, биле таткото и кралот Милко и мајката и кралица Мила. Тие не можеле да го изнамилуваат малото розово лиценце од нивната ќеркичка, да ги изнагалат нејзините нежни раченца, стегнати во мали тупаници, како кај сите бебиња.
Секое попладне кралот Милко седнувал на клупата под разлистената липа, со надеж дека од некаде ќе долета самовилата Добринка. Ја чекал, за да ѝ ја соопшти радосната вест за раѓањето на Розовата принцеза насмевка и за да ѝ се заблагодари за помошта.
Ама, Кралот ја чекал Добринка и за нешто друго: сакал да ја замоли да му помогне да реши уште една голема мака што го снашла откако Мила ја родила Насмевка. А еве што била маката: само што се родило бебето, на мајката ѝ се одзеле нозете. Ниеден чекор не можела да направи.
По цели денови седела во својата инвалидска количка, додека нејзиното насмеано бебенце растело под грижата на дадилката.
Сега молбата на Милко била – да прооди Мила.
Ама, еден ден, наместо Добринка, на клупата до кралот Милко долетала црната пеперуга, која веднаш се претворила во злобна вештерка со црна наметка. Тоа била лошата самовила Лошка.
„Ох“ – викнал кралот кога ја видел и станал да си оди. А Лошка навредена просскала:
„Што е кралу, што бегаш, а? Не го сакаш моето друштво! Тебе повеќе ти одговара убавата Добринка. Со неа сакаш да разговараш, а? А од мене бегаш и се гнасиш. Ако, ама да знаеш кралу, јас тебе ќе ти платам за оваа навреда. Твојата Насмевка нема да го дочека петтиот роденден. И Мила никогаш нема да… Ха-ха- ха…“ – и злобно смеејќи се Лошка одлетала преправена во црна пеперуга.
Кралот Милко отпрвин многу го исплашиле зборовите на Лошка. Треперел од страв за животите на своите најмили: Насмевка и Мила. И никому ништо не му кажувал. Целиот страв си го чувал за себе.
А бебето Насмевка мирно си растело под деноноќната грижа на дадилката Цветанка. Оваа пристара жена, тетка на кралот Милко, очи не иставала од Розовата принцеза. Дишела со здивот на Насмевка, се смеела кога Насмевка била задоволна, пеела додека Насмевка заспивала….
„Нани, мило, нани… нани…
и принцеза лична стани.
Во градина штом ќе шеташ,
цветно венче ќе ти сплетам.
Ќе земам гранче бозово,
ќе скинам цветче розово.
Ти во коса ќе ги ставиш
Нани, мило, нани… наниии…“

Насмевка брзо растела. Од бебе што потсетувало на кукла, станало прекрасно девојче со розови обравчиња, зелено-кафени очиња и со долга права коса што ѝ допирала до раменцата. Дење, осветлена од сончевите зраци, косата на Розовата принцеза била како потурена со злато. Навечер, под месечинската светлина, истата коса заличувала на меко кадифе, со боја на влажен песок.
Мајка ѝ, кралицата Мила, се топела од среќа гледајќи го своето чедо. Со восхит шепотела:
„Ох, колку е убава, колку е мила нашата принцеза Насмевка. Кога се смее – како илјадници поточиња да жуборат. Кога…“ – и редела, редела….
За тоа време кралот Милко треперел до страв, сеќавајќи се на заканата од самовилата Лошка.
Дадилката Цветанка, со малата Насмевка во рацете, со радост ги следела зборовите на кралицата со кои таа го фалела своето дете. Срцето ќе ѝ искокнело од среќа на старата дадилка. Таа пеела:
„Нани, нани, злато мое,
мало славејче од тато.
Мама Мила песна пее
штом жуборливо се смееш…“
Ама еден ден дадилката Цветанка, додека бдеела над сонот на својата сакана принцеза, задремала. Си спиеле така двете, си спиеле…
Прва се разбудила Насмевка. Ги отворила очите и прво што видела била златната ѕвездичка што светела од розово-синиот таван. Го свртела погледот и си ја видела дадилката и се насмевнала – ама ништо. Очите на дадилката биле затворени. Насмевка почнала да гргори:
„На… ни… На… ни…“
Дадилката Цветанка мрзливо ги отворила очите, погледнала во креветчето завиткано со розова тантела. Здивот ѝ запрел од сликата што ја видела: Насмевка, фатена со рачињата за оградата од креветчето, застаната на своите несигурни ножиња, гледала право во неа и гргорела:
„На… ни… На… ни…“
„Ох, па ти почна да зборуваш, мило мое“ – низ радосен плач шепнала дадилката. – „Зар е ова можно, па ти мене ме викаш Нани?! Ах, колку сум среќна Господи!“
Од тој момент дадилката Цветанка го добила името Нани. На сите во кралскиот дворец им раскажала за своето ново име:
„Нани ме вика Насмевка, Нани ќе ме викате сите. Дури сум жива јас ќе се викам Нани и точка“ – им рекла.
„Добро“ – сите се согласиле и така ја викале: „Нани“.
(продолжува)