Тим јапонски научници тврдат дека откриле начин како да го преведат јазикот на кокошките на човечки јазик со помош на вештачка интелигенција. Истражувачите од Универзитетот во Токио, предводени од професорот Адријан Дејвид Чеок, успеаја да пронајдат систем способен да интерпретира различни емоционални состојби кај кокошките, вклучувајќи глад, страв, лутина, задоволство, возбуда и грижа, користејќи најнапредна техника со вештачка интелигенција наречена „длабоко емоционално аналитичко учење“.
Според нив, техниката се состои од сложени математички алгоритми и е способна да се приспособи на постојано променливите модели на говорот на кокошките, што значи дека со текот на времето таа станува сѐ подобра во дешифрирањето на нивниот јазик. За да го тестираат нивниот нов систем, научниците снимиле и анализирале примероци од гласови на вкупно 80 кокошки. Потоа, алгоритмот ги анализирал овие примероци за да ги поврзе вокалните модели со различни емоционални состојби на птиците. Со помош на тим од осум психолози за животни и ветеринарни хирурзи, истражувачите од Токио рекоа дека успеале да ја одредат менталната состојба на секоја единка со изненадувачки висока прецизност.
Научниците истакнуваат дека резултатот од нивниот експеримент е да се демонстрира потенцијалот на користење на техниките за вештачка интелигенција и машинското учење во препознавањето на емоционалните состојби кај кокошките врз основа на звуците што ги испуштаат. Големата веројатност за откривање на секоја емоција покажува дека овој модел успеал да открие различни емоции.
– Ова е само почеток. Се надеваме дека ќе можеме да ги приспособиме техниките за вештачка интелигенција и машинско учење и на други животни, поставувајќи ја основата за неверојатни апликации на интелигенција во различни области поврзани со животните – заклучи Чеок во изјавата за „Њујорк пост“.