„Координати на болката“ е своевидно продолжување на „Прости песни“, само што тоа продолжување не отиде во класичен хронолошки редослед во еден правец, туку песните во оваа книга се враќање подлабоко назад, поглед од високо за различна перспектива, раслојување во постојаната потрага по себе, вели Спасеска

Александра Спасеска, авторка

 

„Координати на болката“ е втора поетска збирка на Александра Спасеска, која во 2023 година беше добитничка на наградата „Антев златник“. Таа со својата поезија храбро ги истражува маркантните сцени, интимните релации и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на која се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Спасеска во својата збирка гради мост помеѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа говори и репрезентативно за искуствата на цели едни генерации.
Александра Спасеска е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка.
„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга.

За што зборуваат песните од книгата „Координати на болката“?
– „Координати на болката“ е мојата поетска верзија на митот за тоа како Ѓорѓија ја убива ламјата. Само што во мојата секуларна книжевна верзија ламјата се личните и колективните трауми и барањето одговори во себе и надвор од себе, навигирање меѓу интимното и општочовечкото, обидувајќи се да го најдам мирот со себе, за да можам да бидам во мир со светот околу мене. Книгата се состои од четири циклуси, четири координати на болката. Навидум, основната емоција е болката, но низ песните се надевам и читателите ќе откријат дека станува збор за цела палета емоции што ѝ претходат на болката, кои се дел од неа или настануваат како резултат на стара болка што провејува – страв, срам, копнеж, тага, љубов, радост, немир, гнев… Пишувањето на книгата беше емоционален ролеркостер, а составувањето на книгата мирна пловидба: сакав без страв да нурнам подлабоко во потеклото на емоциите со кои се справував како возрасна жена, да ги идентификувам, да ги разберам, да се соочам со нив. Само така можам да ги почувствувам вистински и да ги ставам во функција на емоционално созревање.

Во најавата стои дека со Вашата поезија градите мост помеѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом… Од каде ја црпевте инспирацијата?
– Пишувам за она што најдобро го знам и сакам подобро да го запознаам – јас. Јас во сите мои форми, облици и функции. Ние сме социјални суштества и нашите емоции и релации не се случуваат под стаклено ѕвоно или во некаков вакуум, колку и да сакаме понекогаш да се осамиме или да ги зачуваме врските од надворешниот свет. За емоциите и комуникацијата со светот најрано учиме во домот, од семејството, па потоа ги прошируваме тие видици и вештини со пријателите, колегите, партнерите… Тоа е еден постојан процес на размена. И во таа размена ние не сме само еден аспект на нашите богати битија, туку комуницираме со сите минати верзии на нас и со социјалното опкружување. Тоа што се случува околу нас неретко влијае многу повеќе на нашиот внатрешен, емотивен свет отколку обратно. Како генерација работиме на себе, се отворивме кон психотерапијата и нетрадиционалните форми на партнерства и бидување воопшто, се трудиме да си го најдеме местото во различните заедници на кои припаѓаме, да влијаеме на нив без да се изгубиме себеси. Доживеавме многу социјални немири и промени, технолошки скокови, војни, трауми, премостуваме генерациски јазови, си го бараме идентитетот во свет што забрзано се менува, сето тоа неизбежно се одразува на нашите интимни односи со семејството, пријателите, романтичните партнери. И ако јас се чувствувам така, сигурна сум дека на различни нивоа и со различен интензитет, така се чувствува цела една генерација, ако не и пошироко. Уметноста е она што постојано нè држело на чекор од лудило.

Како се создаваше „Координати на болката“?
– „Координати на болката“ е своевидно продолжување на „Прости песни“, само што тоа продолжување не отиде во класичен хронолошки редослед во еден правец, туку песните во оваа книга се враќање подлабоко назад, поглед од високо за различна перспектива, раслојување во постојаната потрага по себе. Во втората книга се најдоа и постари песни, кои не сум била подготвена да ги споделам во првенчето, како и понови песни во кои сепак комуницирам со минатите верзии на себе. Ова е содржински, а книгата како краен продукт е заеднички потфат на една прекрасна констелација креативни луѓе: уредничката Катерина Шекутковска од издавачката куќа „Илика“ ме водеше низ целиот процес, Долорес Атанасова-Лори ја напиша проникливата рецензија, уметницата Марија Конеска повторно беше задолжена за насловната илустрација, како и за илустрациите внатре во книгата, дизајнерките Ема Велковска и Марија Смилевска ѝ дадоа една модерна форма на содржината, а лекторката Татјана Б. Ефтимоска беше нежна кон моите зборотворења и употребата на дијалектни и архаични зборови и уште многу луѓе што даваат работен и енергетски придонес во целиот процес. Треба „едно село“ за да се направи книга што, се надевам, ќе го издржи тестот на времето и ќе биде координата за едно време што ние колективно сме го живееле.
Кои се Вашите замислени „координати“?
– Поезијата, како и уметноста воопшто, е отворена за интерпретација од публиката. Оставам читателите сами да ги откријат координатите на болката – моите, а попатно можеби да ги откријат и своите. Патувањето можеби нема секогаш да биде лесно, но верувам дека ќе биде трансформативно.

Кое е најголемото задоволство што доаѓа откако Вашите мисли и чувство ќе добијат корица?
– Нема поубаво чувство од тоа да направиш нешто за себе. Нешто што е твое, искрено и висцерално ти, бескомпромисно и соголено ти. Да ги најдеш луѓето што ќе те видат за она што навистина си ти, ќе сакаат да создаваат заедно со тебе, што ќе те критикуваат, ќе те бодрат, ќе се стремат заедно да бидете подобри. Луѓе со кои ќе се чувствуваш слободна да се откриваш себеси и попатно да растеш. Луѓе што се креативни, визионери, топли и грижливи. Ништо не се прави сам, особено не издавање книга, а со вистинските луѓе знам дека не сум се изгубила во процесот, туку сум се искалила во поотпорна, а истовремено поемпатична верзија на себе. Верувам дека грижата едни за други ќе нè спаси во овој хаотичен свет во кој живееме.