Нешовски ќе биде дел од претстојната меѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, а која ќе биде отворена на 3 септември во националната галерија „Мала станица“, со почеток во 20 часот
Доротеј Нешовски, уметник
Доротеј Нешовски е интердисциплинарен македонски уметник, кој се занимава со прашањата на креативната спонтаност, социјалната инклузија, педагогијата и односот помеѓу институциите, публиката и уметникот. Во своето истражување и педагошка пракса, тој бара начини за доближување на современата уметност до децата и ја поддржува креативноста во општеството.
Нешовски ќе биде дел од претстојната меѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, а која ќе биде отворена на 3 септември во националната галерија „Мала станица“, со почеток во 20 часот. „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е меѓународен изложбен проект, кој вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и од земјите од поранешна Југославија, а е во рамките на 19-от фестивал за современи уметности АКТО.
Уметниците не можат да живеат од уметност. Тие мораат да работат неколку работи, а тоа значи дека најмалку се има време за креативност. Од една страна се очекува уметникот да создава креативни дела, од друга страна никој не се грижи за неговите егзистенцијални потреби. Како се решени овие прашања во светот?
– Точна ви е констатацијата дека уметниците не можат да живеат од уметност. Секако, работиме многу работи за да можеме да егзистираме, едноставно станавме администрација во односот на проекти што и не се така добро платени. Уморни сме да бркаме проекти, апликации, експлоатирани сме во секоја сфера на уметноста, креативноста е потиштена или станавме потиштени, воздржани во искажувањето на ставовите и мислењата. Мора да се врати гласноста на уметноста, уметноста е јазик што треба да посочува. Секако, проблемите доаѓаат од глобализацијата и корпоративноста со новите начини на комуникација. Треба да се создадат услови каде што уметникот ќе твори или, пак, државата да го стимулира развојот на уметноста со доделување простори – ателјеа во кои уметниците ќе го поминуваат времето и ќе создаваат продукција од национален интерес, ќе имаат можност да бидат подостапни за сите чинители и сервиси во уметноста. Нам ни недостигаат продукција и средства да се реализираат идеите. Но уметноста треба да е и бунтовна. Светот си има свои механизми за менаџирање во уметноста, достапни галерии и агенти што се грижат за уметниците и ги застапуваат во економскиот и општествениот развој. Буџетите за создавање им се поголеми и подостапни. Треба да се трудиме уметноста да ја наметнеме како битен фактор за развојот на една држава, да се зголеми буџетот на финансирање и да има поголеми бенефиции за уметниците. Уметноста ја имаа таа моќ да менува.
На претстојната изложба ќе се претставите со серијата цртежи со наслов „Сè надвор од уметноста е губење време“. Цртежите се настанати додека работевте на штанд за лотарија во супермаркет во Скопје. Како настанаа овие цртежи и какво беше чувството да се мине низ овој пат?
– Делата односно цртежите од „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ се направени во шопинг-мол, додека работев на штанд на лотарија, каде што имав можност како уметник да ја набљудувам околината од една друга перспектива. Цртежите се крокија или брзи цртежи, претежно од гестикулации на луѓе што ја бараат среќата. Ми беше интересно да го истражувам алгоритамот на среќата и потрагата по среќа. Па, оттаму и идејата дека секоја работа надвор од уметноста е губење време, повеќе е како извик или враќање кон креативноста и истражување на науката и уметноста, а со тоа укажува и на многу проблеми со кои се соочуваат многу уметници. Уметникот треба постојано да твори! Кога ќе се соочи со реалноста, која и не е толку светла, уметникот бара начини да опстане.
Заедно со тоа дело изложувам и уште еден друг концепт што го работев неодамна, со наслов „Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото“. Шумата во бајките и фолклорот е неизвесно место; непознат простор исполнет со препреки, а поради тоа, таа означува и простор за иницијација или трансформација преку совладување на препреките. Шумата како наративно средство и самата преставува препрека: честопати да се стигне ненадејно во шума значи дека да се изгуби патот по кој сме тргнале. Но, поради тоа, патот низ шумата претпоставува и евентуално враќање по истата линија до местото од каде што сме тргнале – овој пат променети. Патувањето низ шума во приказните честопати е некаква мнемоничка алатка; метод за забележување и паметење на изминатиот пат, сè со цел истиот тој да може повторно да се најде во кој било момент на опасност. Патувањето низ непознатите физички, ментални или метафорички предели ја вклучува опасноста (или можноста) ненадејно да се изгубиме. Оваа изгубеност може да биде ненамерна, но и свесна, а со тоа и трансформативна, искуствена и дидактичка. Слично како и во фолклорот, кај Данте шумата е почетокот, влезот, портата на едно неизбежно патување. „Да се изгуби патот низ град може да биде неинтересно и банално. Потребно е само незнаење – ништо повеќе“, вели филозофот есеист од дваесеттиот век Валтер Бенјамин. „Но, да можете да се изгубите во град – како што можете да се изгубите во шума – тоа бара сосема поинакво знаење“. Да се изгубите себеси: тоа сладострасно предавање, изгубени во прегратка, изгубени пред светот, целосно потопени во она што е присутно, така што околината полека избледува. Според зборовите на Бенјамин, да сте изгубени значи да бидете целосно присутни, а да бидете целосно присутни значи да бидете способни да бидете во неизвесност и мистерија.
Колку треба уметникот да е гласен и зошто е тоа неопходно за да се преживее?
– Уметникот треба постојано да е гласен! Комплексно е прашањето од филозофско-теоретски карактер. Уметникот е денешницата! Треба да зборува за ова време и постојано да го истражува, преиспитува, укажува, активно да се дејствува. Културата постојано е гласна, само треба да се види, разбере и да се отстапи повеќе простор да биде повидлива од секојдневните пласирања што ни ги наметнуваат медиумите и начинот на живот. Луѓето сакаат да слушнат за уметност, ги инспирира на мисла, идеја. Треба да е повеќе застапена по медиумите за да создаде една публика што ќе почитува и ќе разбере уметност.
Можам да кажам дека последниов период уметниците постојано се борат со јавниот простор, губејќи ги природните ресурси од градење и намалување на зеленилото, а со тоа и загрозување од секој можен аспект.