Во консултации со експерти и историчари, како и со добро упатени во оваа проблематика, ја анализиравме досегашната работа на комисијата за историски и образовни прашања, како и прашањето за потреба од промени на нејзиниот состав. Нашите соговорници велат дека комисијата за историски прашања од македонска страна треба да претрпи промени затоа што досегашните македонски членови не успеаја да ги заштитат македонските „црвени линии“ што беа оцртани во македонското собрание
Најавените промени во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања како повод за анализа на нејзината досегашна улога
Подолг период македонската јавност беше бранувана од активностите на т.н. македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, а во последните месеци во научните и експертските кулоари беше отворено прашањето за потребата од промена од македонска страна во мешаната историска комисија со Бугарија. Дека ќе има промени потврди и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, според кого, логично е, кога има нова влада, да има и промени во одредени институции. Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања беше формирана во согласност со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година помеѓу Македонија и Бугарија. Нејзината основна задача беше да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, но нејзините членови работеа во бурна политичка атмосфера и историјата се користеше како алатка за остварување одредени бугарски политички цели. Всушност, првичната замисла беше преку неа да се најде заеднички јазик за одредени историски настани и личности, а не да се бара заедничка историја. Таа требаше да има советодавна улога за политичарите, а не да се злоупотребува за политички цели.
Преспанскиот договор ја усложни работата на комисијата за историски прашања
Според нашите соговорници, работата на комисијата за историски и образовни прашања уште од самиот почеток беше политизирана бидејќи се измести нејзиното тежиште од историските факти кон бугарските политички желби и барања. Нејзината работа уште повеќе се усложни по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога бугарската страна ги радикализира своите барања, проблематизирајќи ја дури и придавката македонски. Во овој контекст, двајцата копретседатели на комисијата претходно потврдија дека е договорено заедничко чествување на Григор Прличев, но бугарската страна отстапи барајќи повторно да се дискутираат ликот и делото на Прличев.
Според познавачите, причината за бугарското ретерирање од заедничкото чествување на Прличев е одбивањето да се прифати неговото значење за македонската култура. Ова беше првиот момент што навестуваше дека постојат одредени политички притисоци врз работата на комисијата. Работата на комисијата беше уште повеќе политизирана од бугарска страна со постојаните изјави за непостоење на македонските историски, јазични и културни особености пред 1944 година. Сериозноста на овие искажувања е уште поочигледна во постојаното барање за „заедничка историја“ помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.
За политизирањето на историската комисија посочија и некои од македонските членови поради што ја напуштија нејзината работа. Во овој контекст, професорот Ванчо Ѓорѓиев јавно ја прекина својата соработка со комисијата истакнувајќи дека поради политички притисок одредени македонски членови направиле отстапки во полза на бугарското видување на историјата, притоа Ѓорѓиев посочи дека со овој чин биле нарушени македонските позиции втемелени на историски аргументи и дефинирани со „црвени линии“ што беа усвоени во македонското собрание.
По бугарското вето и блокирањето на Македонија на патот кон Европската Унија, работата на мултидисциплинарната експертска комисија уште повеќе се усложни и политизира. Бугарската страна постојано уценуваше дека доколку не се прифати барањето за „заедничка историја“, ветото нема да биде отстрането. Ова искажување честопати можеше да се насети во изјавите на некои од бугарските членови на споменатата комисија.
Сета одговорност падна врз македонските членови
Повеќепати експертската јавност предупреди дека Бугарија преку своите членови во комисијата настојува да го наметне своето видување за историјата, а мултиперспективноста ќе важи само за македонската страна, со што се доведува во прашање постоењето на македонската историографија и мисла. Настојувањето на Софија да ја бугаризира македонската историја и понатаму продолжи, а во тој правец беше и протоколот што овозможува европската интеграција и зачленувањето на Македонија да зависат од одлуките и препораките на македонско-бугарската историска комисија и образовни прашања до соодветните влади, односно од препораките на македонските членови до македонската влада. Познавачите неколкупати предупредуваа дека доколку до зачленувањето на Македонија во Европската Унија не се решат наметнатите спорни историски личности и настани, а препораките исклучиво ќе зависат од историската комисија, тогаш Софија повторно може да ја блокира Македонија.
Неколкупати беше нагласувано дека историската комисија ќе работи самостојно и без надворешни влијание, врз основа на научно толкување на историските извори и документи, како што е наведено и во самиот протокол. Но со оваа констатација не се согласи Никола Димитров, поранешниот македонски министер за надворешни работи. Според него, тврдењето дека историчарите ќе работат без политички притисок е крајно манипулативно и несериозно, бидејќи од нивната работа е директно поврзан напредокот на Македонија кон Европската Унија.
– На нивните раменици ќе биде целата одговорност и притисокот ќе биде неиздржлив. Бугарија успеа диктатот за историјата да го направи европски услов – нагласи Никола Димитров во својата колумна објавена во „Дојче веле“.
Нестручност на некои од членовите во комисијата
Некои од познавачите ги доведуваат во прашање и компетенциите на досегашните македонски членови во историската комисија. Д-р Наташа Котлар вели дека членовите од македонска страна во комисија не се добро упатени, ниту пак имаат знаење, стручност и познавање за македонско-бугарските односи низ историјата. Сегашните македонски членови имаат специјализирано во историски области што не се поврзани со прашања што ги разгледува комисијата, оттука тие немаат компетенции да носат одлуки и да препорачуваат за нив, нагласува Наташа Котлар. Оттука сосема природно се наметнува потребата од соодветни лица во комисијата.