Од албумот на Мирослав Масин

Мирослав Масин сѐ до својата дваесетта година, кога се вратил од војска, не ни помислувал дека сликарството ќе биде негова професија. Како ученик во основно училиште не се истакнувал посебно на часовите по ликовно, а неговото прво „ремек-дело“ е карикатура на една наставничка од ОУ“Браќа Рибар“, која ја нацртал на самата катедра, и тоа ќелава! Била толку успешно нацртана, што сите погодиле за кого станува збор

ВРЕМЕПЛОВ – Кога бев ученик: Мирослав Масин

Познатиот македонски уметник Мирослав Масин, трагајќи по сопствената индивидуалност, секогаш бара најразлични патишта во уметноста и своите визуелни пораки до публиката ги пренесува на интересен и оригинален начин.
Тој годинава одбележува два јубилеја, 60 години живот и 40 години професионален ангажман поврзан со ликовната уметност, а тоа беше повод за големата ретроспективна изложба што беше отворена на 14 мај во галеријата „Даутпашин амам“ во Скопје.
Со изложбата насловена „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт“, Мирослав Масин ја актуализираше својата животна филозофија преку своите уметнички дела. За неговата изложба беше речено дека „Масин нѐ кани во еден свет каде што боите танцуваат, емоциите зборуваат, а имагинацијата нема граници“.
Масин дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во 1988 година, откога е и член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и е еден од најзначајните македонски сликари од средната генерација. Изложувал во Македонија и во странство, а студиски престојувал во Велика Британија, Франција и во Чешка. Зад себе има голем број самостојни и групни изложби.

Се истакнувавте ли на часовите по ликовно како ученик?
– Не, воопшто. Но се сеќавам на една интересна случка, која можеби навестува каква ќе биде мојата идна професија, иако јас уште долго не бев свесен за тоа. Не знам ни зошто ни како, но еден ден на катедрата нацртав карикатура на една од моите наставнички, и тоа без коса. Цртежот беше толку успешен што сите веднаш сфатија за кого станува збор. Се разбира, требаше да бидам казнет, но бидејќи мајка ми во истото училиште во кое учев („Браќа Миладиновци“) предаваше англиски јазик, ми прогледаа низ прсти. За да ја оправда мојата карикатура, таа пред сите ме повлече за коса, најверојатно за да не ја обвинат за сега толку присутниот непотизам. Треба ли да кажувам дека меѓу децата станав вистински херој поради својата храброст.

Дали по овој инцидент почнавте да размислувате за сликарството како професија?
– Тоа се случи многу, многу подоцна. Моето училиште важеше за едно од подобрите во градот, како и гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, па бидејќи и двете училишта важеа за ВИП-образовни установи во Скопје, некако се подразбираше дека основците од „Браќа Рибар“ групно ќе го продолжат образованието во популарната скопска гимназија „Корчагин“. Па така, и јас таму завршив средно, и тоа математичка насока. По матурата, два семестра бев запишан на Градежниот факултет, а потоа заминав во војска. Е, дури откако се вратив во мене се случи некој пресврт и одлучив да се обидам на Факултетот за ликовна уметност.

А се интересиравте ли за спорт?
– Обожавав да играм кошарка и знаев да давам еден само „мој“ кош, одоздола, по тоа се издвојував од другите. Во маало често игравме баскет, на еден кош, онака, повеќе заради дружење, а одев и на пливање во клубот „Студент“.

Кои ви беа најдобри другари?
– Драган, Сучко, Арнаудовски, Бафтир, Стево, Санде… Бевме супердруштво, сега се гледаме поретко на годишнини, на некое случување, но и покрај тоа сме многу блиски.

Правевте ли лудории и какви беа последиците?
– Па, се разбира, не се вели попусто луди години за тоа време. Бевме интересна екипа ние десетина другари што израснавме заедно. А денес сите ние што своевремено правевме глупости сме вистински интелектуалци, некои дури на важни позиции и сите сме реализирани на професионален план. Никој од нас не забега во ништо, освен во својата професија.

Како се викаше вашата прва љубов?
– Мојата прва љубов беше русокосата Розе од „Браќа Рибар“ и сите машки од одделението бевме вљубени во неа. Гледано од денешна перспектива, мислам дека за таа масовна вљубеност беше виновна нејзината долга руса коса.

Кое е вашето незаборавно патување во осмолетка?
– Нема да го заборавам патувањето во Матарушка Бања, Србија, кое нашето одделение го доби како награда за покажаниот успех на еден натпревар на ниво на бивша Југославија.

Каква музика слушавте тогаш?
– Како и сите во тоа време, песните на ѕвездите на бивша Југославија: „Бело дугме“, „Рибља чорба“, „Тајм“, ЕКВ, „Партибрејкерс“, но и „Дип парпл“ и другите класици на рокенролот, ама и „народњаци“. Знаевме да испееме понекоја народна на екскурзиите.

Што нема никогаш да заборавите од училишните денови?
– Се сеќавам на малку работи, но сите што ги паметам се прекрасни. Јас сум од оние што велат дека порано беше добро, ама сега е уште подобро. А што нема никогаш да заборавам? Па… една Соња.


Подарени дела  на деца со посебни потреби
Мирослав Масин им подарил свои дела на деца со посебни потреби, поточно на Специјалната олимпијада на Македонија. Ова не е негово прво учество на хуманитарен настан, бидејќи тој секогаш прифаќа да помогне, било како единка или какао дел од некоја поширока акција.

Кај Масин на изложба и работилница

Инспирирани од ретроспективната изложба на нашиот познат уметник, четворица ученици од ОУ „Свети Климент Охридски“ од Драчево, Скопје: Андреј Радевски, Марија Тренковска, Ева Пешевска и Дарија Крстевска, сите седмоодделенци, се запознаа со Мирослав Масин. Му поставија неколку „тешки“ прашања, а потоа твореа и создадоа свои уметнички дела во националната галерија „Даутпашин амам“.