„Струшки вечери на поезијата“

Со традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2024 година, француски поет Жан Пјер Симеон, во црквата „Света Софија“ во Охрид, продолжи 63. издание на меѓународната поетска манифестација. Годинешниот лауреат во своето обраќање во црквата „Света Софија“ истакна дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.
– Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост. Секоја песна е потсетник на овој бескрај. Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено над сите нив е песната, која секогаш и секаде го преставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, и покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. Поезијата е, очигледно, најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото, таа е есперанто на човечката душа – рече Жан Пјер Симеон.
Лауреатот истакна дека Македонија е голем негувател на пишаниот збор.
– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние што, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата – констатираше Жан Пјер Симеон.
Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева, во својата беседа истакна дека при изборот на нов лауреат годинава сите едногласно се приклониле кон името на Жан Пјер Симеон.
– Во ова турбулентно и непредвидливо време сите сме суштински гладни за автентична и нова етика, а не само поетика. Етика, проткаена со нова надеж, нова верба, на која треба да се потпреме, бидејќи сѐ наоколу оддишува со закана од распад и обезвреднување, една комплетна и конечна апсурдност без преседан, наспроти напредокот во науката и во техниката. Никако да се смири или отстапи злокобниот Танатос, нагонот на смртта, на деструкцијата, на поништувањето на сѐ што е благородно. И токму од таа причина, при изборот на нов лауреат годинава, сите едногласно се приклонивме кон името на Жан Пјер Симеон. Поезијата на Симеон зад себе ги има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, која ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое трајно живее и опстојува власта на љубовта и убавината – истакна Шелева.
Македонскиот писател, драматург и дипломат Јордан Плевнеш истакна дека целото поетско, театарско и есеистичко дело на Симеон е крунисано во „Света Софија“.
– Вечерва, Жан Пјер Симеон, цивилизацијата на љубовта се совпаѓа со вашето бесмртно поетско дело. Вие со вашата поезија направивте интимна поетска револуција, бидејќи ги напишавте вашите книги, чие ехо се шири по меридијаните, како што се „Политика на убавината“ и „Теорија на љубовта“, и во време во кое се водат крвави војни од Украина до Газа ја напишавте бесмртната книга со наслов „Поезијата ќе го спаси светот“, а во една од вашите последни книги, која не случајно ја насловивте „Станете од гробовите“, вашата уводна песна е „Поезијата треба да владее со светот!“. Сега со тој наслов „Станете од гробовите“ ги повикуваме сите бесмртни француски поети да бидат овде со вас во „Света Софија“. И Франсоа Вијон и Шарл Бодлер и Виктор Иго и Рене Шар и Анри Мишо и чудото на француската и светската поезија Артур Рембо, за кого пред неколку години еден европски книжевен историчар потврди дека поминал низ Македонија на неговото последно патување без враќање! Сега вие сте блиску до неговите траги – истакна Плевнеш.
Поетскиот портрет заврши со композиции во изведба на македонскиот тенор Михајло Арсенски, во придружба на македонскиот пијанист Зоран Станишиќ. В.Д.


Владо Јаневски добитник на наградата „Стојан Христов“

Македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија е годинашниот добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга со поезија од иселеник, која ја доделува Агенцијата за иселеништво, а во рамките на „Струшките вечери на поезијата“.
– Поетската збирка „На грбот на неповратот“ од македонскиот поет, писател и ликовен уметник Владо Јаневски од Австралија несомнено се издвојува од преостанатите по квалитетот и поетскиот пристап, како и естетските вредности со кои се одликува. Јаневски пишува приказно и прецизно, стилски префинето, а стиховите се надоврзуваат ритмично, честопати со наративните тонови балансирајќи помеѓу личното и колективното, интимното и општочовечкото – соопшти комисијата.


Катица Ќулавкова: Радоста не доаѓа сама, таа може да ја засени тагата

Добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, за најдобра поетска книга помеѓу две фестивалски изданија, академик Катица Ќулавкова, истакна дека книгата „Небото ми е дома“ е пишувана подолго време, но е свесно устроена како целина последниве три години.
– Оваа 2024 година по вторпат ја добив наградата „Браќа Миладиновци“, сега за книгата „Небото ми е дома“. Првиот циклус од книгата „Жедби“, посветен на небесните работи, прерасна во книга. Оваа година добив внук од син ми, Марин. Има некоја нежна лична симболика во исцртувањето на овој творечки круг. Ако не друго, таа покажува дека творештвото има видлива и невидлива логика на синхроницитет со животот и биографијата на авторот. И дека радоста не доаѓа сама. И дека може да ја засени тагата – рече академик Катица Ќулавкова.
За добитничката на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, за најдобра дебитантска поетска збирка, за германската поетеса Катрин Пиц, говореше професорот Владимир Мартиновски, кој истакна дека лириката на Пиц е суштински поврзана со поетското преиспитување на настаните од секојдневјето, на деновите во кои се случило нешто вредно за паметење.
За Филипа Сара Попова, добитничката на наградата „Млада Струга“ за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор дебитант, говореше македонската поетеса Виолета Танчева-Златева, која истакна дека Попова смело ги кажува работите со нивните вистински имиња и дека отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмографка на своето време.