Проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет, Универзитет „Гоце Делчев“-Штип
- Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
- Јазикот се движи, циркулира, преминува граници, освојува нови пространства, јазикот дише и кога човекот молчи. Јазикот е поголем од сите нас, тој ќе ја надживее нашата трошност. Репликата на Мисирков („Последниот ден на Мисирков“, Ј. Плевнеш) „се прашував јас сиот мој живот, гол и бос, сакав ли да ја кренам Македонија во една торба, па останав и без неа и без силата“ е пресилна метафора за тоа што значи да се крене земјата на нозе, да стои, цврсто да гази и тогаш кога патот е камењарник, а оној што ја крева да продолжи да оди со крвави и болни стапала и да се положи себеси на жртвеникот. Останува аманетот да се издржат сите битки, простум и со крената глава
Македонскиот јазик е архивот на македонската духовна и материјална култура, тој е трезорот на вредното наследство, на архетипските слики вградени во нашата колективна меморија. Нема мали и големи мемории, вели Хегел, а би го дополниле со цитат од делото на академик Митко Маџунков, кој низ зборовите на својот лик Кирил Водочки вели: „Малите народи“ и „малите јазици“ се како скриените птици од дрвјата: и невидливи пеат. Ние не знаеме дали нивната песна ќе стане чујна и разбирлива за целиот свет, но знаеме дека духовната вредносна мерка е единствена, иста за сите. Сета литература создадена на македонски јазик е всушност нашиот отпечаток преку кој сме препознани како посебен народ на Балканот, во Европа и во светот. Македонскиот јазик е природна творба создадена од жив извор, чија штедрост не се намалила до денес. Тој природно се храни од традицијата, од живиот говор на говорителите. Токму таму, во традицијата, е коренот на нашиот македонски јазик, кој во време кога неговата стандардизација станува неопходна, добива легитимитет на официјален литературен јазик на македонскиот народ. На прашањето како да го збогатиме нашиот речник, Конески одговара: Треба да го изнајдеме и да го искористиме секое здраво и животворно зрно од нашето веќе натрупано речничко богатство. И Мисирков и Конески посакувале плодна жетва.
Денес македонскиот јазик зрачи низ трудовите на научниците, универзитетските професори и истражувачите во и надвор од македонските универзитети, институти и лекторати. Денес македонскиот јазик зрачи преку стихот, преку поезијата, прозниот говор, драмата, есеистиката, публицистиката… Опстојбата на државата и нејзиниот сигурен од кон иднината зависат од односот на нејзиниот народ кон јазикот, кон оставината, кон културата воопшто. Оттука, наша должност како интелектуалци е преку личниот пример да покажеме дека ги заслужуваме и јазикот и државата. На јазикот не му требаат празните излитени флоскули на политичарите, на јазикот не му се нужни голиот патриотизам и празниот збор споделени на социјалните мрежи. Во едно свое интервју Конески вели: Не треба шум да се крева, туку темелно да се гради! Должни сме да го чуваме и осознаваме македонското духовно и јазично наследство, не само индивидуално туку и институционално, со поддршка на државата, која секогаш и секаде е најповиканиот ктитор на духовното наследство на еден народ. Токму државата мора да ги вложи сите свои расположливи ресурси во насока на подигнување на нивото на функционирање на Катедрите за македонски јазик и книжевност на државните универзитети, да вложи во вработување на најдобрите студенти, кои како асистенти ќе се вклучат во научноистражувачката дејност на полето на јазикот и книжевноста, а со тоа ќе обезбедиме континуитет на нашите и на заложбите на претходниците. Ресорните министерства треба да обезбедат сериозни финансиски средства што ќе им бидат на располагање на истражувачите и професорите, за научни истражувања и нивна презентација во странство. Државата мора да овозможи реална примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, што подразбира стипендирање на учениците што сакаат да студираат македонистика и вработување лектори што ќе се грижат за чистотата на нашиот убав македонски јазик.
Грижата за јазикот е нашата заедничка мисија и врв на родољубието, на почитта кон татковината. Чистината на јазикот е вредност во рацете на професорите, преведувачите, лекторите, новинарите, избраните носители на функции. Нестандардните стилски решенија, големиот наплив од туѓи зборови и нивното синтаксичко приспособување, непознавањето на македонскиот акцент и слични појави се на штета на чистината на убавината на македонскиот јазик. Живееме во време на (не)култура на (не)писменост, на (не)читање на трудовите и книгите на авторитети, но и (не)читање и (не)почитување на авторите меѓу себе. Загрозен ни е јазикот, но не однадвор, туку од самите нас, несовесните говорители и пишувачи. Не залудно Конески опоменуваше дека „од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не“.
Јазикот го чуваат просветните работници со неговото правилно говорење (без разлика кој наставен предмет го предаваат), јазикот го чуваат лекторите со сериозниот пристап кон текстовите, јазикот го чуваат новинарите и сите лица што се појавуваат во медиумите во улога на водители или презентери, јазикот го чуваат научниците, лингвистите со истражувања и пишување научни трудови што ќе ѝ бидат дадени на показ на светската наука. Јазикот го чуваат професорите по предметот Македонски јазик и книжевност, универзитетските професори на катедрите за македонски јазик и книжевност со пристапот кон него, пристап што треба да ја разбуди и разгори љубовта на ученикот/студентот кон македонскиот јазик, книжевност и култура.
Секое време е време на индивидуални подвизи. Кога колективот запаѓа во летаргија, тука се поединците да ја „вознемират“ неговата рамнодушност.
Така е и со нас професорите, ние сме тие што со сопствениот индивидуален чин на љубов кон јазикот треба да покажат дека личната јазична култура се богати со читање, пишување, размислување, барање креативни решенија. Низ пасажите на македонскиот јазик мислата потајно поминува, таа разиграна и слободна мисла што ги освојува пространствата надвор од лингвистичките граници, исцртани во лингвистичките карти. Нашите духовни ракувања со претходниците и големите идеолози на македонскиот јазик се своевидни сеанси за пренесување на духовното наследство од една на друга генерација. Јазикот се движи, циркулира, преминува граници, освојува нови пространства, јазикот дише и кога човекот молчи. Јазикот е поголем од сите нас, тој ќе ја надживее нашата трошност. Репликата на Мисирков („Последниот ден на Мисирков“, Ј. Плевнеш) „се прашував јас сиот мој живот, гол и бос, сакав ли да ја кренам Македонија во една торба, па останав и без неа и без силата“ е пресилна метафора за тоа што значи да се крене земјата на нозе, да стои, цврсто да гази и тогаш кога патот е камењарник, а оној што ја крева да продолжи да оди со крвави и болни стапала и да се положи себеси на жртвеникот. Останува аманетот да се издржат сите битки, простум и со крената глава. Само толку ѝ должиме на Татковината!