Во 50-тите години на минатиот век Дражо и Дуле Мартиновски од КК Вардар беа највисоките центри во Македонија. Дражо имаше импресивна кариера, во која беа вклучени не само играчки туку и функционерски моменти

ДРАГОЉУБ ЛАЗОВ-ДРАЖО (1)

Во македонската кошарка, во периодот кога таа почна да се игра и развива, тешко се наоѓаше играч висок близу два метра. Затоа до појавата на Драгољуб Лазов често се случуваше на центарските позиции да заигра некој кошаркар што одвај ја минал границата од 190 сантиметри. Тренерите на двата скопски клуба Работнички и Вардар, Стефан Тодоровски-Цефи, односно Драгољуб Лазиќ, мака мачеа да најдат кошаркар висок барем до два метра, па затоа тие беа принудени да форсираат брза игра со пониски играчи, која главно се одвиваше околу рекетот. Сепак, следејќи ги тогашните трендови, двата тренера за да имаат една петорка од два бека, две крила и еден центар, на оваа последнава позиција често го ставаа највисокиот играч во екипата. Па така, често можеше да се види некој не толку висок, но сепак највисок во „петорката“, да заигра на центарската позиција. Така беше сѐ додека на теренот, тогаш лоциран кај тениските игралишта на Југ во Градскиот парк, познатиот новинар дописник на белградски „Спорт“ Павле Дамјанов, кој остави голем белег и во боречкиот спорт, не го доведе меѓу кошаркарите на Работички и Драгољуб Лазов, кој имаше една, за македонски услови во тоа време, импресивна височина од околу два метра! Тренерот Тодоровски-Цефи, без колебање, што се вели на невидено, веднаш го прими во редовите на КК Работнички. Павле Дамјанов, пак, радосен оти открил еден нов кошаркарски талент, за евентуално Дражо да не се премисли, веднаш го одвел во фотостудиото на Ацо Ревија, за да го фотографира и да ја однесе сликата во Кошаркарскиот сојуз на Скопје, за да може да му се извади натпреварувачка книшка. Сето тоа се случило со молскавична брзина, оти искусниот новинар Дамјанов никако не сакал да го испушти највисокото момче што дотогаш го имал сретнато во Скопје!

ДОАЃАЊЕТО НА ДРАЖО МЕЃУ ДВАТА КОША

Оваа приказна ја слушнав од самиот Драгољуб Лазов, кого пред да се упокои го снимав за серијалот емисии посветени на Македонските спортски легенди, кои беа емитувани на Наша ТВ. Токму таа емисија ми помогна во целост да го опишам спортскиот пат на Лазов, кој говореше токму за неговите почетоци и кошаркарскиот живот. Преку автентични изјави ќе ги слушнете и кажувањата на Дражо, кој покрај тоа што стана репрезентативен кошаркар беше и многу познат функционер. Меѓу другото, откако заврши со активното играње, тој еден период беше претседател на КК Работнички, кога неодамна починатиот тренер Лазар Лечиќ го создаваше оној современ тим на скопјаните, потоа беше и претседател на КСМ, подоцна и член УО на КСЈ, за на крајот од функционерската кариера да биде назначен и за потпретседател на Македонскиот олимписки комитет, кој беше формиран во март 1992 година.
Еве некои интересни фрагменти од неговите кажувања во емисијата снимена во 2012 година.
– Многумина ќе се изненадат, но точно е тоа оти почитуваниот новинар Павле Дамјанов беше главен „виновник“ за моето стапнување на кошаркарскиот терен. Еден ден вртејќи се таму во Градскиот парк, кај тениските терени на ТК Југ, каде што беше лоцирано првото кошаркарско игралиште во Скопје, и тоа на црвеница, ми пријде еден човек (Павле Дамјанов), кого често го гледав таму, а за него беше карактеристично тоа што постојано доаѓаше со велосипед. Се сеќавам дури и на тоа дека едната ногавица од панталоните му беше стегната со штипка, за евентуално да не ја зафати синџирот при вртењето на педалите. Ете, тој чичко Пајо новинарот беше човекот што ме внесе во кошарката. Тој беше интересна и многу омилена личност меѓу спортистите, кој беше испратен од белградски „Спорт“ извесно време да биде нивни дописник, додека не се најде некој домашен новинар. Но, наместо тоа, неговата скопска авантура продолжи до крајот на животот. Тука се ожени и оформи семејство. Потоа, тој истиот Павле беше еден од најактивните во Боречкиот сојуз на Македонија, кој во негово и времето на познатиот боречки тренер Ристо Таков, ги даде и првите југословенски репрезентативци во борење во слободен стил – се присетуваше Дражо.
Но, приказната за Павле Дамјанов не завршува тука. Имено, тој го користеше секој натпревар на кошаркарите на Работнички за да ги потенцира квалитетите на Лазов. Тоа го забележаа и луѓето од кошаркарскиот свет во Белград, каде всушност се креираше целата стратегија за кошарката во поранешната држава. Така, читајќи ги извештаите на Павле посветени на новиот македонски талент, дознаа и селекторите на младинската репрезентација на поранешната држава, кои во 1955 година и него го вклучија во репрезентативниот состав.
– Така, благодарение на Дамјанов, станав и репрезентативец на поранешна Југославија, што ми претставуваше навистина голема чест, зашто во тоа време бев единствен Македонец во југословенскиот младински тим – така велеше Дражо.

АЏИЈАТА ПРЕСУДИ

За сите скопјанчиња во тоа време најпривлечен беше фудбалот и што е интересно и боксот, додека за кошарката не се зборуваше многу. Можеби затоа, покрај височината што Господ му ја дал, Дражо не бил заинтересиран за спортот, кој според физичките предиспозиции најмногу би му одговарал. Затоа, неговиот почеток како спортист бил во фудбалот, и тоа во Работнички, кај Аџијата – таткото на браќата Јанко и Митко Луковски, кои изградија убава кариера како кошаркари.
– Еден ден Аџијата, кој беше познат по својата строгост, ме викна и ми рече: Момче од тебе очекувам да се одлучиш, ако сакаш да останеш во фудбалот, можеш да бидеш само голман, ако не го сакаш тоа, подобра барај си друг спорт. Бев разочаран, но, за среќа, во тоа време „налетав“ на Павле Дамјанов и се случи она што го кажав претходно – раскажуваше Дражо.
Така, Македонија во Драгољуб Лазов доби висок кошаркар, кој подоцна стана столб на Работнички. Тоа беше време кога заедно со него во тимот беа уште Тихомир Михајлов, познат спортски новинар, Цветан Петровски-Куко, еден од најдобрите кошаркари на Македонија, Драган Геровски-Дале, кој беше и репрезентативец на поранешна Југославија во голем ракомет, Моме Петровски, Андреевски-Шарац и уште неколкумина.
– Јас, кој во душата бев вардарец и другарував со Часлав Божиновски, фудбалер на Вардар, потоа со неговиот брат Зоран, кој беше одбојкар во истоимениот клуб, и уште со неколкумина од СД Вардар, одеднаш станав член на противничкиот „дебармаалски“ табор, на кој му припаѓаа сите клубови што функционираа во рамките на железничарското спортско друштво Работнички. Морам да напоменам оти ова за тоа време звучеше како да сум „предавник“. Но, сѐ помина, дружењето продолжи – се присетуваше Лазов на тоа време.

ПРВА ТУРНЕЈА ВО ГЕРМАНИЈА

Лазов имаше многу пријатни моменти во кошарката, но највпечатлива според неговото кажување му била турнејата во Германија.
– Како железничарски клуб имавме бесплатни билети за воз за сите дестинации по европските пруги. Тогаш во рамките на спортската соработка меѓу Југославија и СР Германија, КК Работнички беше определен од Југо СОФК-а да патува на турнир во германски Хајделберг. Тоа патување и убавините на тој град, иако подоцна имав и многу други патувања и турнеи, сепак ми останаа во најубав спомен и ме следеа целиот живот – рече Дражо и додаде една интересна епизода.
Имено, на еден натпревар ги следел и некој офицер од американската војска која во повоениот период била стационирана во Хајделберг. Веројатно со намера да им внесе малку живост и разонода на војниците, тој му предложил на водството на Работнички да одиграат еден меѓусебен натпревар. Тој меч се одиграл, а како благодарност за тоа што Работнички прифатил да игра со претставниците на американската војска, тие на скопските кошаркари им подариле неколку топки, кои за тоа време претставувале вистинско богатство.
По ова гостување во Хајделберг, Драгољуб Лазов со уште поголем ентузијазам продолжува со тренинзите, а најголемото задоволство дошло кога бил информиран оти треба да игра за југословенската репрезентација, и тоа во Скопје, на „црвеницата“ на Градскиот стадион, против селекцијата на Турција. Тоа се случило во 1955 година, а генерацијата, во која со Дражо биле и подоцна големите имиња на југословенската и европска кошарка Кораќ, Ѓуриќ, Ѓерѓа и Николиќ, ги победила Турците со 16 коша разлика.
За натамошниот дел од кариерата, како и за професионалниот живот на Драгољуб Лазов, кој по вокација беше новинар, ќе читате идниот понеделник.


ДРАГОЉУБ ЛАЗОВ

Роден: Во Скопје, во 1937 година, починал 2018 година
Кариера: КК Работнички, репрезентација на Македонија
Успеси: Член на младинската репрезентација на Југославија
Функции: Претседател на КК Работнички, претседател на КСМ, член на УО на КСЈ, потпретседател на Македонскиот олимписки комитет