Фото: Приватна архива

Проф. д-р Анета Дучевска, редовна професорка на Катедрата за македонски јазик, Филолошки факултет „Блаже Конески“

  • Ако се следеле континуирано замислата и реализацијата на проектот „Бушава азбука“, кој би прераснал во, евентуално, Весела синтакса, Разиграна морфологија, Распеана лексика и сл., верувам дека денес би имале многу побогато искуство и посуштински резултати во популаризацијата на стандардниот јазик
  • Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

Темата отвора интересни поттеми поврзани со концептот стандарден јазик, од една страна, и со статусот на македонскиот стандарден јазик, од друга страна. Теоријата на стандардните јазици се појавува како посебна академска дисциплина и се занимава со теми како: јазично раслојување, стандардни и нестандардни вариетети, норма и кодификација, национален идентитет и јазичен идентитет, јазична политика, јазично планирање, јазичен пуризам и сл. Резултатите од истражувањата во оваа област се користат главно за потребите на исти или мултидисциплинарни студии и проекти. Популаризацијата, пак, на овие теми е посебна работа и на неа поретко се нафаќаат академските институции или ресорните институции на државата, од причина што за првите границите на дејствување се постигнати преку истражување и подучување, додека за вторите границите на дејствување се постигнати преку управување и извршување. Потребно е сферата на дејствување по можност да се прошири: академскиот кадар во своите ненаставни активности да вклучи објавување популарни текстови на веќе голем број достапни платформи (социјални мрежи, блогови, веб-страници) и да организира едукативни настани наменети за пошироката јавност; ресорните министерства и невладиниот сектор да креираат политики, за чие спроведување ќе обезбедат буџет и логистика. Вакви активности има и имало во минатото, само што им се губат континуитетот и ентузијазмот, па се јавуваат повремено, во зависност од идеите, креативноста и посветеноста на одделни индивидуи. На пример, ако се следеле континуирано замислата и реализацијата на проектот „Бушава азбука“, кој би прераснал во, евентуално, Весела синтакса, Разиграна морфологија, Распеана лексика и сл., верувам дека денес би имале многу побогато искуство и посуштински резултати во популаризацијата на стандардниот јазик.
Неколку збора во врска со културата и социологијата на македонскиот (стандарден) јазик.

Една од карактеристиките на јазикот е тоа што е тој тесно поврзан со културата и социологијата, пред сѐ поради улогата што ја има во општеството. Во овој поглед може да ги издвоиме дијалектите, социолектите, како сленгот и жаргонот, и функционалните стилови. Историски, ако го следиме културниот и општествениот развој на земјата, речиси правопропорционално тоа се огледува и во јазикот: од почетоците на самостојната држава во рамките на југословенската федерација (40-тите и 50-тите години на 20 век), кога основоположниците на општествениот и културен естаблишмент употребувале јазик обоен со влијанија од нивните родени говори и од нивните стекнати други јазици преку образованието, пред сѐ бугарски и српски, па до крајот на 80-тите години, кога тогашниот српско-хрватски јазик функционираше како јазик на заедницата, со сериозен статус на јазик со престиж, низ целата федерација, особено во Македонија. Интересно е да се каже дека овие влијанија не беа регистрирани во нормата, во стандардниот јазик, и останаа на ниво на социо- и идиолекти и на разговорен јазик. Всушност, стандардот има претрпено многу малку промени од времето на својата кодификација, т.е. многу строго и затворено се држи до начелата поставени во резолуциите на АСНОМ (1944) и неколку години подоцна (50-тите), со објавувањето на првите граматики, речници и правописни прескриптивни упатства. Ваквата поставеност доведе до голем расчекор во варијантноста на македонскиот јазик: од затворен ригиден и нефлексибилен стандард до богат, раскошен, разнобоен, колоритен, разговорен јазик, пред сѐ во сферата на лексиката, но и во рамките на граматиката. И, претставниците на јазичниот естаблишмент, академски институции и поединци (писатели, културни работници, академија), беа на некој начин затечени и по малку неподготвени за оваа ситуација, не наоѓајќи ефикасни начини да го следат тоа бурно развивање на македонскиот јазичен израз. Се сеќавам дека во тој период имаше многу дискусии околу јазичниот израз на младите, околу влијанијата од други јазици, но сето тоа остана само на ниво на дискусии. И потоа, со крајот на југословенската федерација и со почетокот на новата независна македонска држава, македонскиот јазик влезе во нова авантура: контактот со англискиот јазик преку директните извори како медиуми, културните домени на филмот, музиката, литературата, а најмногу со драматичниот и експресен развој на информатичката технологија, на новите комуникациски модели, воопшто, на новите парадигми на живеењето во светот во глобала. Слободата и комоцијата, лежерноста на прифаќање разни форми на јазичен израз, што им овозможува полесно и поефектно да се изразат, која ја прифатија македонските родени говорители, без притоа некој тоа да го надгледува и да го канализира, доведе до посериозни нарушувања во суштината на македонскиот јазик, неговата лексика и структура (особено кај децата во рана школска возраст), но и до симпатични креативни решенија во домените на маркетингот, дизајнот и културните индустрии генерално.

И, повторно, не знаеме што да правиме, т.е. од каде да почнеме. За среќа, од пред извесно време, проработеа механизмите на образовните и културните политики, па можеме да кажеме дека се забележуваат напори и активности во поставувањето рамнотежа меѓу она што е код, лична карта на македонскиот јазик (но, сѐ уште истиот, од пред половина век) и она што е негова жива реализација: јазикот во употреба на сите рамништа. На пример, во последно време добиваме многу поквалитетни преводи на уметничка литература од странски јазици на македонски, а државата направи нов закон за употреба на македонскиот јазик. Имаме многу работа понатаму, особено што се покажало дека законските рамки не се единствениот механизам што ќе ги унапреди состојбите во оваа сфера. Според мене, тоа што ќе помогне е посветено и континуирано надградување на она што го имаме како база. Но, благодарение на креативниот и иновативниот потенцијал кај македонските родени говорители (што го стекнале преку слободното позајмување други јазични решенија), денес гледаме употреба на дијалектите за именување на активности од секојдневниот живот, на пример, маратонот како редовна годишна манифестација: главниот, официјален, маратон се нарекува Скопски маратон, додека регионалните маратони се именуваат според дијалектот на градот во кој се одржуваат: Охрид ТрчаТ, Че трчаме (Прилеп) и сл.
Во кратки црти: креирање политики за популаризација на стандардниот јазик кај пошироката јавност и обезбедување континуитет за нивна реализација; доследност во контролата за почитување на нормата во зоните на нејзиното дејствување (образование, јавна/државна администрација, медиуми); максимално искористување на креативниот потенцијал за негување на убавиот збор, стандарден и нестандарден. Или, оформување стабилна, општоприфатена, сеопфатна голема слика, од која ќе произлезат специфичните детали за опсегот на дејствување.