По објавата за смртта на француската актерска ѕвезда Ален Делон
Францускиот актер Ален Делон почина на 88-годишна возраст, објавија неговите три деца во заедничкото соопштение за медиумите во неделата наутро, а светот на културата и политичката класа сѐ уште му оддаваат почит.
– Ален Фабиен, Анучка, Антони, како и (неговото куче) Лубо, се неизмерно тажни што го објавија заминувањето на нивниот татко – со овие зборови децата на Ален Делон ја објавија смртта на актерот, кој почина мирно во својата куќа во Души, опкружен со семејство. Објавата предизвика одглас во светот на кинематографијата, но и на политиката.
– Ален Делон играше легендарни улоги и направи светот да сонува – објави Емануел Макрон.
– Легендата ја нема – напиша пратеничката Марин Ле Пен.
– Искрен патриот и човек од десницата, Ален Делон отсекогаш бранел одредена идеја за Франција – објави претседателот на републиканците, Ерик Чиоти. Продуцентката и новинарка Лор Адлер е огорчена од ваквото присвојување на сеќавањето на Ален Делон од екстремната десница.
Сѐ почнува и завршува во Кан
Исклучително редок на филмскиот екран од крајот на 1990-тите, Ален Делон се најде на насловните страници во летото 2023 година, кога неговите три деца поднесоа жалба против неговата придружничка, Хироми Ролин, сомневајќи се за злоупотреба на слабост. Тие водеа војна преку медиумите, расправајќи за здравствената состојба на ѕвездата, која боледуваше од лимфом и имаше мозочен удар во 2019 година.
Во мај 2019 година, Делон се враќа на црвениот тепих во Кан за да добие почесна „златна палма“, за филмовите како „Полно сонце“, „Роко и неговите браќа“, „Гепард“, „Базен“, „Мелодија во подземјето“, „Мачките“, „Самурај“, „Кланот на Сицилијанците“… Инаку, сè започнува токму во Кан. Во Сен Жермен-де-Пре, младиот Ален Делон го запознава Жан-Клод Бријали, кој му нуди да го придружува на Канскиот филмски фестивал. Неговото ангелско лице не останува незабележано. Кога се враќа во Париз, станува дел од светот на кинематографијата, без некоја посебна обука за актер.
– Мојата кариера нема никаква врска со тоа што сум актер. Актер е вокација. Актер е несреќен случај. Јас сум несреќен случај. Мојот живот е несреќен случај. Мојата кариера е несреќен случај – вели Делон.
Во 1970-тите се раѓа средбата на големото платно на двајцата „ривали“ на француската кинематографија, Делон и Белмондо во Борсалино. Во текот на оваа деценија, Делон ги развива двата суштински аспекта на неговиот филмски лик: фетишизмот за облека (шапка и мантил) и професионализмот. Во 1980-тите го продолжува големиот јаз помеѓу популарните трилери и филмовите со поголема „бараност“, особено со „Нашата историја“ на Бертранд Блиер. Во 1990 година, Делон соработува со Годар како да сака да надомести за неговото „заборавање“, бидејќи во 1960-тите, ниту еден режисер на новиот бран никогаш не му доделил улога. Трифо еднаш му рекол: „Би сакал да работам со тебе, но ти ме плашиш“. Последната улога му е во „Секоја втора среќа“ (1998), во режија на Патрис Леконте, заедно со Жан-Пол Белмондо и Ванеса Паради, но филмот не го постигнува очекуваниот комерцијален успех. Следната година објавува крај на филмската кариера. Продолжува да работи на телевизија и во театар.
Самурајот е мртов
За актери од калибарот и возраста на Ален Делон, некрологот честопати се пишува предвреме, чекајќи објавување. Делон веќе си го замислувал својот некролог, како што ни кажуваат нашите колеги од „Паризиен“.
Страстен читател на дневниот весник, тој дава интервју во 2009 година во кое им се доверува на новинарите дека веќе ја има на ум насловната страница на весникот посветена на неговата смрт.
– Кога ќе заминам, замислувам насловната страница со голема фотографија и овој наслов: „Самурајот е мртов“ – им кажал тој на новинарите.
Ален Делон не се откажувал. Тој ја сакал својата насловна приказна на која ќе биде прикажан како јапонски воин. Во 2020 година се навраќа на оваа тема и им раскажува слична приказна и на новинарите на списанието „Шнок“, кои објавија издание посветено на актерот. Како што забележува „Франс инфо“: „Утре ќе умрам. Каков ќе биде вашиот наслов?“ Сите тие одговориле: „Самурајот е мртов“. Им рекол: „Совршено, се согласуваме“.
Кога ќе ги погледнеме насловните страници на понеделничките изданија на францускиот и на светскиот печат излегува дека Ален Делон бил во право кога зборувал за себе во трето лице еднина.