Фото: Пиксабеј

(Кристина Николовска: „Студии за современата македонска поезија“. Скопје, „Панили“, 2024, 318 стр.)

Коста Рацин, Блажe Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Јован Котески, Стојан Тарапуза, Даница Ручигај, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Раде Силјан, Јордан Плевнеш и Иван Џепароски. Тоа се петнаесеттемина поети што го заслужиле вниманието на Кристина Николовска како врвови на македонската поезија, во нејзината најнова книга „Студии за современата македонска поезија“. Николовска е теоретичарка на литературата, литературна критичарка, есеистка, поетеса, антологичарка, универзитетска професорка по цел спектар книжевно-теориски и културолошки дисциплини, но и интензивен проследувач на македонските книжевни појави, уште од почетокот на својата кариера. Но во последниве десетина години, го прави тоа на еден сосема свој, уникатен, специфичен и неповторлив начин – преку жанрот што самата го создаде (се сети на него), а јас го именувам како беседна критика или слово-критика. Се разбира, има капитални траги од овој жанр кај славните нејзини претходници, пред сè кај Блаже Конески и Гане Тодоровски, кои често знаеја да проговорат за опус и за поединечно дело преку беседа, а не преку класична печатена критичка интерпретација. Дури потоа беседата доживуваше печатење. Тоа се видливи траги на поврзаност со оралната народна традиција (жанровите слова и беседи, од Пејчиновиќ до Прличев) од една, и со ораторските антички жанрови од друга страна, за кои знаеме по „лектирен пат“.
Николовска, по Конески и Тодоровски, во ерата на електрониката и тиранијата на фиксираниот гутенберговски текст решава да го воскресне овој поздаборавен начин на книжевно вреднување – жив глас, беседење за литературата. Таа, со својата упорност, може да се рече, го реканонизира и реинституционализира овој жанр како културна институција, претворајќи се денес во негов речиси единствен, уникатен застапник. Имено, таа ги изговарa (ги тестира) своите беседни критики на јавно место, при јубилеи и промоции, пред да ги печати. Токму такви, живи беседења содржи оваа книга.
Интересен е патот на Николовска како критичар, од академските почетоци до беседната критика. Досега објавила 25 книги (од кои три стихозбирки), од кои 17 од областа на теоријата на книжевноста, херменевтиката, критиката и есејот. Во тие 17 книги јасно се гледаат две фази од нејзиниот развој: 1. „тврда“ академска критика со високостручен теориски вокабулар (посебно специјалистичките книги за метафората на припадност и глаголската метафора, кои се всушност магистерски и докторски труд под менторство на великанот, проф. д-р Атанас Вангелов) 2. Фаза на ослободување од формалниот сциентизам, во која вокабуларот на критиката станува разбирлив не само за академската средина. Почетокот на „омекнувањето“ на „тврдата теорија“ доаѓа во 2000 година и тој процес на припитомување на стручниот идиолект трае до денес. Од 2016 до денес, покрај литературната критика и херменевтичкиот дискурс, како редовна составка на секоја книга на Николовска се јавува и беседата, односно – беседната критика. Тој критички жанр се протега низ книгите „Светлинска“, „Сончевина“, „Словољубие“, „Химнична“, „Моќта на довиците“ (и по насловите се гледа тоа „омекнување“ на теоријата – сите наслови се симболични). Годинава, дојде и круната на таа реконституција на жанрот беседа – предметнава книга.
Со тој критичко-беседнички ангажман на Николовска, се збогати сиромашната палета на книжевната критика кај нас. Имаме и натаму академска критика, ама во отсуство на здрава, компетентна и школувана новинска критика, беседната критика на Николовска игра важна културна функција – таа ја доближува книжевноста до публиката. Што има заедничко беседната критика на Николовска со новинската? Освен функцијата – да популаризира еден автор или опус – ништо друго. Структурно гледано, беседната критика на Николовска има интензивни, НО НЕВИДЛИВИ допирни точки со науката („тврдата теорија“) и многу повидливи допири со поезијата и ораторството.

За да се разбере на кој начин теоријата кај Николовска е „скриена“, најдобро е да се прочита нејзината беседа за Блаже Конески. Кога таа говори за „скриената теорија“ кај Конески, таа всушност го опишува својот (во висока мера веќе постигнат) критички идеал. Таму читаме дека „вонсериски оригиналната авторска беседа“ е „омилен жанр на Конески“ и дека тој „речиси, невидливо го преобликува својот тип критички дискурс, во – чисто авторски, речиси белетристички, но и во моќно филозофски дискурс“. Тоа се и идеалите на Николовска. И таа сака да остави впечаток како Конески – „сериозен, длабок, упатен теоретичар на книжевноста, но и раскошен херменевтичар, кој повеќе сакаше да се изразува преку пренесени значења, (…) отколку преку екстензивни дескрипции“.
Ќе наведам еден фрагмент за да се види тоа невидливо теориско знаење, кое функционира постојано, скриено зад поетскиот стил на беседната критика: „Расте полисемија од интонацијата, од секое камче, од секоја боја. Како музичар, интерпретатор кој на дувачки инструмент, одеднаш произведува повеќе тонови! Така и поетот, прави раскошна полифонија од звуци, но звуци кои ’тежат‘ од смисла, та така полисемијата ’расте‘, така ’осеменувачки дожд‘ ја оплодува почвата-песна, и така се оплодува секое ’семе‘-поезија, кон крстопатите и водопадите значења, кон умножувањата на идните значења и толкувања… Речиси секоја оформена поетска порака на поетот, има повеќезначно ’читање‘ на сите нивоа, од фоносветот – па сѐ до мислосветот“. (истакнатото мое).
Во само четири лежерни реченици се говори прво за полисемијата (семантичко-стилски поим), па „за да се разбере“ што е тоа, таа се споредува со белетризираната слика на ситни камчиња и бои. Се говори и за звучните, фонолошко-фонетски стилски фигури, ама тие не се именуваат како метаплазми, туку за да се сфати што е тоа, се дава впечатлива слика, разбирлива за сите – поетот се споредува со свирач на дувачки инструмент, кој во исто време произведува повеќе тонови! Бидејќи, теоретски гледано, фонемите се незначенски јазични единици, а служат да создадат зборови и реченици, за таа нивна функција не се користи ниеден теоретски термин, туку нивната способност да создаваат зборови се евоцира со сликата на фрлено семе и „осеменување на песната“. Тоа е идеална поетска слика за онаа теорија што Николовска ја знае: гласовите стекнуваат значења во песната и ја збогатуваат со секундарни значења, како навистина да ја „осеменуваат“. Сите прецизни теоретски термини кај Николовска се „преведени“ во калорични поетски слики. Тоа е превод на науката во уметност. Погледнете го она место каде што Николовска говори за нивоа на песната од „фоносветот“ до „мислосветот“.

Преведено на јазикот на теоријата и лингвистиката, тој „фоносвет“ е фонолошкото ниво на јазикот (асемантично, неспособно да изрази „мисла“); „мислосветот“ на Николовска одговара на теоретскиот поим „семантички позитивни нивоа на јазикот“, нивоа способни да изразат поими и мисли, од морфолошкото, преку лексичкото и синтагматското до синтактичкото. Ете така, теоријата станува невидлива: се белетризира, ама тие поетски слики се теоретски дигитално точни. Николовска е теоретичар од висок ков; со своите беседи-критики покажува дека е и голем поет, затоа што поетизацијата на теориите е најголем залак за поезијата.
И ако од Конески научила да ја „скрие теоријата“ и да ја претвори во речиси поетски дискурс, од вториот учител, Гане Тодоровски (кој е една од најголемите нејзини опсесии), научила нешто друго. Тодоровски беше мајстор за создавање неологизми во духот на македонскиот јазик. Николовска, барем во своите беседи, не сака да заостанува во таа поетска дисциплина. Нејзините беседи се полни со познатите неологизми на Гане, ама и со многу нејзини: крикобол, милодар, оригиналник, итросница, луцидник… Впрочем, таа не ја крие својата фасцинација од Ганевата јазикотворност: „Таков оригиналник на речта е Гане, таков покровител и татко на цел јазик во јазикот наш, таков непресушен, деноноќен трагач по нови искуства на речта е тој. Од неговиот поетски океан, одамна може да се состави цел речник на новороденчиња-зборови“.

Така, на дело е една интензивна Ганеподобна поетизација на овие беседни критики. Иако знае да го дезавтоматизира дискурсот на поетизираната теорија, па одеднаш (кога ќе почувствува дека вниманието на слушателите опаѓа) да стави класична фуснота и да се префрли на сувиот жаргон на теоријата, Николовска потоа повторно поетизира. И тоа на микропростор, создавајќи парономастички фигури и игри со зборови (парономазијата според Јакобсон беше првиот чекор кон поезијата). Еве една таква парономастичка фигура (сличност на зборовите според звукот, што во последица предизвикува и семантичка сродност): „Таков, полемички-жесток, љубовно амбивалентен, но и ГАЛАНТНО-ЕЛЕГАНТЕН, навидум лежерен (…) однос има поетот кон песната своја…“, вели таа. Го истакнувам ова „галантно-елегантен“ зашто едниот збор се пресликува во другиот според сличната звучна градба, па „галантен“ и „елегантен“ стануваат „цврсто врзани во едно“. А како изгледаат гласовите што се повторуваат во двата збора? Еве: ГАН во „галантно“ и ЕГАНЕ во „елегантен“. Споено во еден фонички поток тоа е ГАНЕГАНЕ. Вистинска мајсторија, скриен потпис во нејзината беседа од оној за кого пишува!
И да, Николовска пишува беседи само за оние на кои отворено им се воодушевува: беседата за неа е аксиологија, вредносен чин. Нејзините беседи се со повишена емотивна температура на текстот, полни воодушевување, ама и со скриена теориска аргументација, која го објаснува воодушевувањето. Дури и кога ги читаме печатени, тие вријат од екскламации. И она што за мене е посебно важно – сите тие печатени текстови во себе имаат, како што имаат и драмските текстови – матрица на изведбата, една вградена сценичност: правени се за да се изведат на сцена. Николовска е тука и критичар и актер и оратор – таа ја оживува таа матрица на изведбата вградена во нејзините беседни критики.

Со тоа, таа негува една извонредно ефикасна критика, која има за задача не само да се приближи делото до читателите туку да ја доближи и живата критика до нив, а не критиката да се доживува како „стручен бауч“ што го разбираат само учените.
Треба да се поздрави безрезервно овој културолошки важен напор на Николовска, особено сега кога таа и институционално, како директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, се грижи македонскиот јазик и неговите уметнички, книжевни изотопи да стигнат до што поголем број читатели и говорители. Сјајна е таа мисија, а кога нешто е сјајно, не смее да се крие под килимот на еснафското премолчување.