Анализа на „Геополитика“: Како мала далекоисточна земја се обидува да си ја зајакне својата позиција на глобалната политичко-економска сцена
Првото патување на новоизбраниот виетнамски претседател То Лам по преземањето на функцијата, во кинески Гуангжу, каде што тој изминатиот викенд се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг, претставува јасен знак дека Виетнам ѝ дава приоритет на Кина во меѓународните односи, што не е невообичаено имајќи предвид дека Кина е убедливо најголемиот и најважен трговски партнер на Виетнам, пишува „Геополитика“, осврнувајќи се на значењето на средбата.
Виетнам се промовира како важен играч преку економската соработка
Виетнам ја интензивира соработката со САД во последната деценија, оставајќи ги настрана длабоките рани и трауми од Виетнамската војна, во која, во конфликтот меѓу двете земји, загинаа повеќе од четири милиони Виетнамци, повеќето од нив цивили. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дополнително ги интензивира односите меѓу Вашингтон и Ханој за да го привлече Виетнам заедно со други земји во регионот што имаат територијални спорови со Кина, како и да создаде платформа за повлекување на американските инвестиции од Кина во таа земја. Минатата година Бајден лично го посети Виетнам како прв американски претседател по завршувањето на споменатата војна.
Меѓутоа, многу брзо по посетата на Бајден, Виетнам му беше домаќин и на кинескиот лидер Си Џинпинг и со тоа јасно стави до знаење дека нема намера да учествува во американските геополитички борби против Кина, иако со задоволство ќе ги прими американските инвестиции, особено оние на полето на високата технологија.
Но имајќи предвид дека политичката реторика е една работа, а економската реалност и потребата за кинески високотехнолошки и други производи во САД е нешто сосема друго, Виетнам сега се позиционира како своевиден посредник, кој го умножува увозот на кинески производи, вклучувајќи и електрични автомобили, соларни панели, батерии итн., кои потоа се реизвезуваат во значително количество во САД, што е задоволителна формула за сите три земји. Таквата практика е од голема важност за Виетнам, кој на тој начин се промовира како сè поважен геополитички играч.
Ханој размислува за приклучување на БРИКС
Истовремено се појавија првите неофицијални информации за желбата на Виетнам да им се приклучи на групата земји БРИКС. Неодамна, по првата посета на Северна Кореја, во Виетнам пристигна и рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика остра реакција на американскиот амбасадор во Ханој, кој ги критикуваше виетнамските власти дека го угостија Путин, кој е под санкции од Западот и кој непосредно пред тоа престојуваше во Пјонгјанг, кој е под меѓународни санкции.
Но, зајакнатиот Ханој малку се грижи за ваквите обвинувања и предупредувања, свесен за својата сѐ поголема важност на глобалната геополитичка шаховска табла, но и за важноста на Русија во воено-техничката сфера (Москва е најголемиот извозник на оружје во таа земја).
Во таа смисла Виетнам се однесува слично како Индија, која не само што не сака да учествува во антикинеските потези на САД и нивните регионални сојузници и партнери (иако е членка на форматот КВАД) туку неодамна со свој воен брод, исто како и Кина со свој разурнувач, учествуваше на руската поморска парада во Санкт Петербург по повод Денот на руската морнарица. А деновиве во Њу Делхи размислуваат за воспоставување на првиот официјален курс меѓу рупијата и рубљата од руска страна, со намера за целосно заобиколување на доларот во меѓусебната трговија. Индија веќе го направи истото тоа со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во однос на меѓусебната трговија, меѓу другото и во сферата на увоз на нафта од ОАЕ.
Во контекст на геополитичките промени, се смета дека од големо значење ќе бидат претстојните американски претседателски избори, при што официјален Вашингтон е свесен дека, и покрај големите напори, работите моментално не се одвиваат според планираното, заклучува „Геополитика“. Р.С.