Фото: ЕПА

Судиите имаат одговорност, почнувајќи од првиот викенд, да донесат што повеќе одлуки директно на теренот и да не се потпираат на ВАР-технологијата. Она што го открив минатата сезона е дека судиите не ги носеа одлуките во дел од секундата како што правеа порано и дека се одеше на ВАР-технологијата, вели Клатенбург

ФУДБАЛ – МАРК КЛАТЕНБУРГ, ПОРАНЕШЕН ФУНКЦИОНЕР И СУДИЈА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Марк Клатенбург (49), поранешен функционер во Премиер-лигата и поранешен судија, кој ја делел правдата речиси на триста натпревари во Премиер-лигата во 13 сезони (2004-2017), а бил судија и на ФИФА, вели дека судиите имаат одговорност да се вратат на довербата во сопствените одлуки и „да не се потпираат на ВАР-технологијата“. Шефот на судиите во Премиер-лигата и главен судија Хауард Веб рече дека ќе има помалку интервенции на видеопомошник-судијата оваа сезона, со поголема поддршка за расудување на арбитарот и побрзи одлуки, оти тие сакаат да направат подобрувања во системот. Клатенбург беше назначен за судиски аналитичар на Нотингем форест во февруари, но се повлече во мај, поради фокусот на неговите критички коментари за некои судии.
– Судиите имаат одговорност, почнувајќи од првиот викенд, да носат што повеќе одлуки директно на теренот и да не се потпираат на ВАР-технологијата. Тогаш ВАР-технологијата ќе работи на многу натпревари, а не еднаш или двапати на натпревар, како што тоа го видовме минатата сезона. Она што го открив минатата сезона е дека судиите не ги носеа одлуките во дел од секундата како што правеа порано и дека се одеше на ВАР. А ВАР, пак, тогаш велеше дека не постои линија на интервенција каде што сакам да влезам, бидејќи судијата очигледно не згрешил. Значи ги добивате овие недоследности и гнев од навивачите. Најголемата порака што ја добив од изјавите на Хауард и неговиот тим е дека судиите сакаат да се вратат назад и да ги носат одлуките – рече Клатенбург за „Би-би-си спорт“.

„ЛАНИ НЕМАШЕ ДОВОЛНО ИСКУСНИ СУДИИ“

Во мај Вулверхемптон поттикна гласање за укинување на ВАР-технологијата поради зголемениот гнев и фрустрација од стандардот на судењето и влијанието на технологијата врз фудбалот минатата година. Тие го загубија гласот, но Премиер-лигата вети дека ќе ја подобри ВАР-технологијата. Сезонава врвната лига му стави поголемо значење на „повикот на судиите“ и сака ВАР-технологијата да интервенира само на субјективни одлуки, доколку тој повик е јасна и очигледна грешка. Исто така, неделава беше најавено дека Центарот за мечеви во Премиер-лигата речиси во живо на социјалната мрежа X ќе објави за навивачите објаснувања за одлуките на ВАР-технологијата.
– Мораше да се направат некои чекори напред оти она што го видовме лани беше вознемирувачко, со многу поплаки. Минатата сезона можев да го видам длабински судискиот стандард. На Хауард му беше многу тешко кога ќе загубеше искусни судии за краток временски период. Спротивно на она што го видов беа многуте добри млади судии. Можеше да се види нивниот талент. Но, како што грешат младите фудбалери, така ќе грешат и младите судии. Она што чувствував дека е потребно е тоа кога имаш млад судија, ти треба и искусен ВАР за да го поддржи. Во моментов имаме само двајца или тројца судии за најголемите натпревари – дециден е Клатенбург.

„НЕМА ПОМИРУВАЊЕ СО ГЛАВНИОТ СУДИЈА ВЕБ“

Клатенбург го отфрли секој проблем со Веб, кој оваа недела рече дека е разочаран од некои коментари на неговиот поранешен колега за време на неговиот престој на „Сити граунд“. Тој беше критикуван за неговата колумна во „Дејли мејл“, во која одлуките за поразот на Нотингем форест од Евертон (0-2), во април ги нарече „шега“. Нотингем форест сметаше дека погрешно биле отфрлени три одлуки за пенали, што предизвика контроверзна објава на социјалната мрежа X од страна на клубот, со која се доведува во прашање назначувањето за ВАР на „навивачот“ на Лутон, судијата Стјуарт Атвел. На Клатенбург му беше врачено формално предупредување од Фудбалската асоцијација на Англија за неговите коментари, додека шефот Нуно Еспирито Санто и дефанзивецот Неко Вилијамс беа казнети и предупредени за она што го кажаа по натпреварот.
– Не, нема помирување со Веб. Секогаш сум отворен ако Веб сака да зборува. Имам многу совети и многу сум искусен. Како поранешен судија, дозволено ми е да зборувам и да го дадам своето мислење. Она што го направи Хауард е признавањето дека неговите процеси не биле наместо минатата сезона и дека ќе има поголема транспарентност околу назначувањата, од каде потекнуваат луѓето, каде живеат и работат. Кога ќе закажете таков состанок, тоа секогаш може да резултира со контраефект. Тоа беше нешто што можеше и требаше да се избегне. Ја знам улогата на Хауард затоа што и самиот сум бил таму и знам колку е тешко да се биде главен судија – коментира Клатенбург.

„СУДИИТЕ ТРЕБА ДА РАБОТАТ ПОНАПОРНО“

Клатенбург рече дека не жали поради преземањето на улогата во Нотингем форест и поддржувањето на неговиот сопственик, кој сака клубот да напредува.
– Лично бев нападнат од поединци на социјалните мрежи и на телевизија и се чинеше дека тоа беше директен напад. Откако заминав, се чинеше дека престанаа тие напади. Беше добра одлука да поднесам оставка, оти го отстранив притисокот од фудбалски клуб. Фудбалската асоцијација на Англија не наплати никакво обвинение, затоа што ја вршев мојата работа за која бев вработен во „Дејли мејл“. Го знам чувството, никој не сака критики, но судиите не се имуни. Мораме да ги прифатиме критиките и единствениот начин да ги отстраниме е да настапуваме на самиот врв. Судиите се вознемирија затоа што реков дека одлуката е погрешна, тие треба да се вратат назад и да работат повеќе за да ги носат правилно одлуките. За жал, мислам дека минатата сезона немавме толку многу можности да ја пофалиме добрата работа што многу судии ја прават, оти лани имаше премногу негативни резултати – вели Клатенбург за „Би-би-си спорт“. Г.И.