Ексклузивно – од овој број во „Колибри“ ќе објавуваме извадоци од романот за деца на Мирјанка Ристеска-Селчанец – „Насмевка“ (1)

Драги деца, од денеска во неколку продолженија во „Колибри“ ќе можете да го прочитате романот „Насмевка“ на писателката Мирјанка Ристеска-Селчанец, кој таа ѝ го посвети на својата внука Ана.
Селчанец е македонска авторка, чие творештво има над 45 дела во сите книжевни жанрови. Родена е и цел живот живее во Прилеп, кој ѝ е вечна инспирација и најголема љубов. Нејзиното творештво е наградувано, преведувано и изведувано на театарските штици од бардовите на македонската театарска сцена.
Што вели Мирјанка за ова свое дело, нејзин подарок за најмладите читатели?
„Мој млад читателу, твојата писателка е баба на три внучиња: Марко, Кристина и Ана. Тие, како и сѐ живо на овој свет, се разликуваат еден од друг во поединости што секого од нив го прават единствен. Зашто така е со сѐ на овој свет: сѐ е уникатно, сѐ во некоја особеност, макар и најмала, се разликува од другото. Зборот ми е дека мојот Марко, кој сега има 11 години, веќе е мирно, сталожено, паметно момче, сосема различно од палавкото што ме инспирираше да ги напишам книгите: ’Приказни за Марко‘, ’Забавачето Марко‘ и ’Првачето Марко‘. Кристина, пак, на која ѝ е посветен бајко-романот ’Илин‘, сѐ уште е она паметно, сериозно и надарено девојче, со кое може да се разговара како со возрасен. Неопислива беше нејзината одушевеност кога ’Илин‘ излезе од печат и кога таа лично им подари по еден примерок на своите соученици, првоодделенци.

Сега мојата најмала внука Ана, која јас ја викам Анка, по мајка ми, е првоодделенка.
Анка е едно најобично девојче, слично на сите нејзини врснички. Таа е прваче, а пред да почне да оди на училиште, ја знаеше напамет целата азбука, читаше, пишуваше, се обидуваше да римува и да создава песнички. Анка исто така многу љуби да црта и да ги обојува своите слики во најразлични бои. Ама една боја е доминантна во сѐ што создава, па и носи, тоа е розовата боја.
И така Анка секогаш кога ќе посакаше да ѝ кажам приказна (од мојата глава – како што ги нарекува Марко) единствен услов беше: главната личност во приказната да биде некоја розова принцеза.
Се заредија приказни… Денес за розовата принцеза, и утре, и задутре… Се наполни нотесот, а секогаш насмеаната Анка почна нестрпливо да ме прашува: ’Бабо уште малку ќе завршам прво одделение, а книгата за мене уште ја нема. Што ќе им подарам на другарчињата‘?

Таа е убедена дека исто како Марко и Кристина, мора на своите другарчиња да им подари книга што баба и ѝ ја посветила нејзе. ’Ќе биде мило, ќе биде‘, постојано ѝ ветував. А ветувањата се даваат за да се исполнат.
И еве сега оваа книга е доказ дека јас го одржав дадениот збор. Ја напишав ’Насмевка‘. Ликот што го водам низ целата приказна е розовата принцеза.
Е сега зошто книгата е насловена ’Насмевка‘. Затоа што насмевката е карактеристичен белег на лицето на Анка. Би сакала тој белег да го носи цел живот.
Со љубов, нејзината баба Мирјанка“.
Ете, драги деца, се надеваме дека со нетрпение ќе го чекате секој нареден број на „Колибри“ за да прочитате што ѝ се случило на Розовата принцеза. Пишувајте ни за впечатоците, поставувајте прашања, а ние ќе ги проследиме до авторката, па таа се разбира со задоволство ќе ви одговори.


Расцвета Розовиот цвет

На една непроодна и пуста патека на Планината расцветал еден прекрасен Розов цвет. Утрото било сончево, воздухот треперел… Розовата главичка на цветот се капела во роса. Изгледало како цветот да плаче.
Капката роса одвреме-навреме, кога ќе натежнела, се лизнувала по кревкото Розово цветче и паѓала надолу, наземи. А таму, тукуречи до коренот од Розовиот цвет слатко си спиело Ежето. Зошто, пак, да не спие кога Ежето тука си живеело, кога тука било неговото легло.
И така, капките роса, една по една, како бисерчиња се ронеле околу Ежето, на неговите боцки… Кога една капка… бап! – право на носето од Ежето. Тоа се разбудило, мрднало со носето, ги истегнало ножињата што биле вкочанети од долгото спиење. Ги подотворило очите и: место да го види синото небо, со понекое облаче, како секое утро, Ежето сега здогледало нешто друго, необично. Го видело Розовиот цвет што како чадорче стоел над него и му ги крадел на Ежето галежните сончеви зраци.
„А-а-ах!“ – извикало Ежето – „Не, не, не и пак не! Жими боцкиве на мојов грб, ова не е право. Не!!!“
И Ежето почнало да го загледува Розовиот цвет од сите страни… Го доближувало своето носе до розовите ливченца на цветот, се опивало од чудесниот мирис и викало:
„Ама, како може вака? Не! Ова навистина не е право. Никако!“
Токму тогаш по непроодната патека на Планината се задала Златната лисица. Таа рано-рано тргнала кон врвот за да стигне до орловското гнездо и да ѝ украде едно јајце на Орлицата за слатко да се најаде. И, пробивајќи се низ острите џбунки, Златната лисица го слушнала гласот на Ежето:
„Не! Ова не е право! Никако!“
Кога го здогледала Ежето како со накострешени боцки се врти околу Розовиот цвет, Златната лисица го прашала:
„Хе-хе-хе… Хе-хе-хе… Што не е право Еженце? И што така смешно кружиш околу чудното цвеќенце?“
А Ежето многу возбудено ѝ одговорило:
„Отвори очи! Погледај Лисо! Ти барем најитра си на светов. Нели е чудно в пустелија ваква јас в рано утро да бидам со цветов?!“
И навистина откако добро размислила и Златната лисица се согласила дека непристапниот планински пат обраснат во коров, никако не може да биде место каде што треба да расцвета еден толку убав нежен розов цвет.
Стоеле така Ежето и Златната лисица, се гледале еден со друг, го гледале цветот, мислеле, кроеле… Кога одеднаш до носињата им допрел чудесно пријатен мирис, а и некои тивки, милозвучни зборови полни со солзи.
„Ох, ох, ох… О-о-ох!“ Несреќникот јас, овде никој нема да ми слушне глас…“
Ежето со чудење ја погледнало Златната лисица и ја прашало:
„Што рече Лисо?“
„Кој, јас?!“ – извикала Златната лисица – „Јас молчев. Ти Еже нешто шепна“.
„Ама, не!“ – одговорило Ежето. – „И јас молчев, жими боцкиве на мојот грб“.
„Ами, кој зборуваше тогаш?“ – возбудено и дури со страв прашала Златната лисица.
А Ежето, место да одговори, го продолжило прашањето:
„И… што мириса олку убаво?“

„Ја-а-а-ас… Јас зборувам, јас… Несреќното цвеќе што стои пред вас…“
„Несреќното цвеќе?“ – изненадени и возбудени извикале Ежето и Златната лисица.
Убавиот Розов цвет длабоко воздивнал. Бран од сладок мирис одново ја заплиснал планинската патека по која одамна човечка нога не стапнала.
Цветот рекол:
„Не чудете се пријатели мои. Секој, дури и каменот би проговорил, ако му е тешко. А мене сега ми е најтешко, верувајте…“
„Ама, зошто? Зошто ти е толку тешко, Цвету братче? – се чудело Ежето. – „Само да можеш да видиш колку си убав…“
„И колку убаво мирисаш“ – продолжила Златната лисица. – „Што мака имаш за да ти биде толку тешко? Па дури и најтешко? Ќе ни кажеш ли зошто така се чувствуваш?“
„Е-е-ех“!“ – кимнал Цветот со своето розово главче. – „Би ви кажал…, ама се плашам да не ме разберете погрешно…“
„Како? Зошто погрешно да те разбереме?“ – се чуделе Ежето и Златната лисица.
„О-о-ох“ – се туфкал Розовиот цвет и испуштал мирисни бранови. „Немојте, не прашувајте ме, ве молам. О-о-ох!“ – и истркалал наземи неколку капки роса.
„Ама, ако, кажи….“ – го молело Ежето тажниот Цвет. А Златната лисица, веќе изнервирана од што била гладна, извикала:
„Остави го Еже, овој надуенко! Не го гледаш? Се замислува како да е од некоја кралска градина, па ние, простиве животни од Планината, не можеме да го разбереме. Пих! Вообразен еден, плачко!“ – и Златната лисица тргнала да си го најде своето орловско јајце.
Ама, на заминување го слушнала гласот на Ежето, кое било многу жалостиво:
„Немој така комшике! Не карај го Розовиот цвет. Ако треба да зборуваме како што е право, мене ми се чини оти нему местото повеќе му е во некоја кралска градина, отколку овде, во дивинава…“
„Да-а-а!!!“ – се слушнал гласот од Розовиот цвет, кој, пак, ја подигнал својата оросена главичка. – „Да. Токму така требаше да се случи. Кралскиот градинар таму требаше да го посее семето од кое јас никнав, ама…“
„Каде?“ – со неверување подзинале Ежето и Златната лисица.
„Во градината на Кралството на розите, ете каде!“ – одговорил Розовиот цвет. – Јас требаше таму да расцветам… Кралицата Мила требаше да ме помириса и да оздрави… Ама о-о-ох!“ – пак се расплакал Розовиот цвет и сосема си го скрил лицето, покривајќи го со зелени ливченца.
Ежето и Златната лисица занемеле. Ја почувствувале длабоката тага на Цветот. Ама по едно време Лисицата пак почнала да му се умилкува на Розовиот цвет. Го прашала:
„Што…, што требаше да биде потоа? Кажи убавецу, те молам“.
Иако бил очаен Цветот продолжил:
„А-а-ах… Потоа откако кралицата Мила ќе ме помирисаше, таа требаше да ја роди Розовата принцеза… Само така среќата ќе се населеше во Кралството на розите. Арно ама…“ – и Розовиот цвет пак си се завитка во ливченцата.
„Слушај ти Цвету!“ – подвикна Златната лисица. – „Ти… неоти знаеш што зборуваш! Јас право да ти кажам ништо не те разбрав: кралица, принцеза, среќа, несреќа… глупости! Ти, Цвету, иако си убав, мора да си многу глупав!“
Ама Ежето не мислело како неговата сосетка. Неговото малечко срце ја разбрало болката на Розовиот цвет и затоа милозливо му рекло:
„Мил Цвету. Ќе сакаш ли убаво, по ред, да ни раскажеш за сѐ што требало да се случи таму, во градината на Кралството на розите? А? Па потоа ние…, ако можеме нешто да ти помогнеме…“
Розовиот цвет живнал, исполнет со нова надеж. Цветот ги испуштил од себе најпријатните мириси и рекол:
„Добро. Еве, ако сакате, јас сѐ ќе ви раскажам, па…“
И Розовиот цвет ја почнал својата приказна…

(Продолжува)