Амбициозен проект на азиската држава Индонезија
Главниот град на Индонезија, Џакарта, е градот што најбрзо тоне во светот, па затоа индонезиската влада одлучи да се впушти во исклучително смел проект за изградба на нов главен град среде шума. Овој амбициозен план е наменет да биде најголемото наследство на претседателот во заминување Јоко Видодо, пренесуваат светските медиуми. Првпат најавена во 2019 година, изградбата на новиот град започна на средината на 2022 година, а наскоро треба да биде подготвен да ги пречека првите жители, кои треба да се вселат во следните неколку недели.
– Главниот град Нусантара е платното на кое се создава иднината. Не сите земји имаат шанса и можност да изградат главен град од нула – рече неодамна претседателот Видодо за време на првата седница на кабинетот на новиот град.
Џакарта, главниот град на земјата уште од холандските колонијални времиња во 17 век, е значително пренатрупана. Во исто време, покрај тоа што е градот што најбрзо тоне во светот, истовремено е и еден од најзагадените. Четириесет проценти од метрополата, која има 10,5 милиони жители, сега се под нивото на морето.
Зелен високотехнолошки град на иднината
Нусантара е замислен како зелен град со висока технологија, кој ја комбинира природата со инфраструктурата на модерна метропола. Повеќе од 60 отсто од целата нејзина територија, двојно поголема од Њујорк, се планира да бидат зелени површини, опремени со пешачки и велосипедски патеки. Но во моментов поголемиот дел од градското подрачје сѐ уште е во изградба.
Кога „Би-би-си“ неодамна ја посети локацијата, стотици, ако не и илјадници работници работеа деноноќно, брзајќи да подигнат недовршени згради, додека камионите и булдожерите креваа облаци од прашина по нерамниот пат.
Проектот е планиран во пет фази, од кои првата треба да биде завршена месецов, за да се совпадне со прославите на Денот на независноста на земјата. Сепак, овие датуми сега се поместени за крајот на годината.
– Ние сме во рамките на рокот, совршено сме во рокот. Не градиме за август. Ова е само дел од развојот, почнуваме нешто за иднината на целата држава – изјави менаџерот на инфраструктурата на Нусантара, Данис Сумадилага, за „Би-би-си Индонезија“ за време на посетата на локацијата, додавајќи дека сега се завршени речиси 90 отсто од првата фаза.
И покрај напредокот, остануваат сомнежите за одржливоста на овој амбициозен мегапроект.
Подигнувањето на целиот град ќе чини 35 милијарди долари, додека владата одвои само една петтина од таа сума и има проблем да го обезбеди остатокот преку приватни инвестиции.
За да привлече инвеститори, претседателот Видодо неодамна понуди стимулации, меѓу кои и право на користење на земјиштето до 190 години.
Во текот на изминатата година, тој им ја понуди Нусантара на неколку светски лидери, вклучувајќи и на самитот на Г20 во Индија во ноември, но досега не се постигнати поголеми договори.
– Страшно е кога се потпирате на 80 проценти од приватни инвестиции. На инвеститорите им се потребни економска одржливост и континуиран развој. Не можете да застанете на половина пат – вели Ека Перманасари, вонреден професор по урбан дизајн на универзитетот „Монаш“.
Агунг Викаксоно, заменик-раководител за планирање и инвестиции на управата во Нусантара, тврди дека неколку странски инвеститори се во различни фази на потврдување на учеството – некои, на пример, се вели дека моментално спроведуваат студии за одржливост.
– Тие сакаат да се уверат дека инфраструктурата е подготвена и дека населението затоа ќе претставува пазар за нив. Но тие таму не стојат и не чекаат, туку си ја работат својата работа – вели Викаксоно.
Неговиот тим сега нуди програма каде што владата ќе влезе во партнерство со потенцијалните инвеститори, споделувајќи го ризикот и обврзувајќи се на проектот.
Висока технологија во шумата
Новиот главен град се наоѓа на околу 12.000 километри од Џакарта, кој се наоѓа на островот Јава. Издлабен е на локација во џунглата во Источен Калимантан, Борнео, избрана поради помалиот ризик од природни катастрофи како што се поплави и земјотреси.
На картата, Нусантара е стратегиски лоцирана во географскиот центар на Индонезија. Нејзината локација беше внимателно избрана за да помогне во прераспределбата на богатството и ресурсите на огромен архипелаг (составен од 17.500 острови) и далеку од Џакарта и Јава. Најгусто населениот остров во Индонезија, Јава, сочинува 60 отсто од националната економија.
– Сето ова време развојот беше фокусиран на Јава. Значи, има нешто позитивно во преместувањето на главниот град на централна локација и подалеку од Јава – вели експертот за урбанистичко планирање Ека Перманасари.
Мегапроектот опфаќа површина од околу 2.500 квадратни километри – четири пати поголема од Џакарта и двојно поголема од Њујорк.
Екологистите изразија загриженост уште од првите идеи поврзани со проектот, напоменувајќи дека изградбата на градот ќе ѝ наштети на животната средина, дополнително намалувајќи го живеалиштето на загрозените животни како што се орангутаните и долгоносестите мајмуни.
Владата цврсто ги отфрли овие грижи, тврдејќи дека Нусантара се гради на земјиште што некогаш било плантажа со индустриски монокултурен еукалиптус, за што тие тврдат дека ќе предизвика долгорочна еколошка штета. Официјалните лица тврдат дека градот ќе се напојува исклучиво од обновливи извори на енергија и ќе биде опремен со паметно отстранување на отпадот.
Градот, кој ќе дозволи само електрични возила да се движат низ неговата територија, сака да постигне нето нула емисии до крајот на градежните работи во 2045 година. Ако се постигне тоа, ќе значи постигнување еколошката цел за животната средина 15 години пред националната цел на Индонезија.
Идни жители
Сомнежи се јавуваат и кај Индонезијците, вклучувајќи ги и идните жители на Нусантара. Планирано е во административниот град до 2045 година да бидат сместени 1,9 милион луѓе, од кои повеќето ќе бидат државни службеници и нивните семејства. Првата група, околу 10.000 државни службеници, се очекува да се пресели во Нусантара во септември.
Некои државни службеници, кои се согласија да зборуваат за „Би-би-си“ под услов да останат анонимни, изразија неволност да го сторат тоа.
– Инфраструктурата сѐ уште не е завршена. Каде ќе го испратам моето дете на училиште? Дали има достапни активности за нив, а што е со забавата – изјави еден од нив за „Би-би-си“.
Друг државен службеник, кој нема партнер и чие преместување е приоритет, се грижи дека ќе биде принуден да живее во стан со други самци.
Станбените згради што се градат во Нусантара моментално имаат само три спални, па оние без семејства ќе мора да ги делат. А домородното население што живее околу областа Нусантара тврди дека се чувствува запоставено.
Развојот на градот веќе раселува речиси 100 луѓе во близината на владината зона, а дополнителната изградба на патарини и сосема нов аеродром ги зголеми стравувањата за понатамошно преселување. Панди, кој живее во блиското село, е загрижен поради урбанизацијата што го загрозува неговиот културен идентитет.
Откако беше објавено преместувањето на главниот град во 2019 година, регентството Пенаџам Пејсер, каде што се наоѓа Нусантара, бележи постојан пораст на населението.
– Ветуваат дека ќе ни го обноват селото и ќе го претворат во туристичка зона. Но се плашам дека тоа се празни ветувања и немаме гаранции дека ќе можеме да си ги задржиме домовите – вели тој.
Според Ека Перманасари, ова е уште една причина за критики. Изградбата на високотехнолошка Нусантара може да создаде ексклузивен град за елитата, запоставувајќи го локалното население.
– Тие стануваат само набљудувачи. Тие само ги гледаат овие увезени згради и луѓе. И кога ќе изградите град што е толку препознатлив, тоа ќе создаде социоекономски диспаритет, многу слично како Џакарта – вели таа. Р.С.