Повици од меѓународни броеви упатени во секое време од денот и ноќта ги вознемируваат граѓаните на повеќе балкански држави. Но тоа е начинот на кој одредени специјализирани измамници, преку телефонски повици, извлекуваат противправна финансиска корист од своите „жртви“.
Забележано е дека повиците доаѓаат од Литванија, Чешка, Кипар или од Албанија и огромна е веројатноста дека најчесто се обиди за измама.
Едноставното одговарање на таквите повици обично не е доволно за да предизвика штета, како што наведуваат експертите, но интеракцијата со измамникот и согласувањето со неговите барања може да доведе до проблеми.
Но експертите предупредуваат на внимателност и претпазливост!
Зачестени „технолошки измами“ регистрирани на Балканот
Кратки телефонски повици што ги оставаат жртвите со висока телефонска сметка или, пак, нудат воспоставена/утврдена приказна (лажна, но многу уверлива), со цел да пристапат до нивната банкарска сметка, се забележани во рамките на телефонските измами што зачестија на Балканот.
Јавување во секоја доба од денот или ноќта, со лажно претставување како
вработени во технолошки компании
Станува збор за добропозната измама со телефонски повици во форма на т.н. фишинг, а целта е да се украдат лични информации и пари или да се постигне некоја друга форма на корист, како што е пристап до чувствителни податоци и ширење т.н. малициозен софтвер.
Измамниците доаѓаат до броеви на различни начини, па често користат социјални мрежи, јавно достапни бази на податоци или техники за автоматско бирање додека не остварат контакт или не купат списоци со контакти од трето лице што незаконски ги собрало. Тие се обидуваат да ги добијат личните податоци на жртвите и се преправаат дека работат во здравствено осигурување, праќаат лажни СМС-пораки, во кои ги наведуваат корисниците да отвораат сомнителни линкови. Покрај тоа, тие користат лажна банкарска електронска пошта со линк до лажна веб-страница.
Забележано е дека измамниците често се претставуваат како вработени во легитимни технолошки компании. Тие користат тактики за заплашување за да ги убедат жртвите дека нивните уреди имаат сериозни технички проблеми, кои бараат итно решавање. Измамниците често бараат далечински пристап до уредот под маската на „поправање“ на проблемот, кој им овозможува да инсталираат малициозен софтвер или да украдат чувствителни податоци.
Апел од експертите: Веднаш да се прекине повикот и да не се инсталира софтвер или апликации
Едноставното одговарање на таквите повици обично не е доволно за да предизвика штета, како што наведуваат експертите, но интеракцијата со измамникот и согласувањето со неговите барања може да доведе до проблеми. Се препорачува да се прекине повикот и да не се инсталира софтвер или апликации по барање на повикувачот.
Покрај блокирањето на броевите како заштита од измамниците, може да се користат апликации за филтрирање повици и пораки што автоматски ги идентификуваат и блокираат потенцијално штетните контакти. Тие апликации обезбедуваат корисни алатки за филтрирање повици и пораки и им овозможуваат на корисниците да идентификуваат и блокираат непознати повикувачи и т.н. спамови. Р.С.