Отворена 57. Летна школа на Семинарот за македонски јазик во Охрид
Под мотото „Македонистички гордорек“, во Охрид свечено беше отворена 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на која учествуваат 65 македонисти од 17 земји. Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р Кореја, Романија, Руската Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и од Чешка ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научна конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.
– Меѓународниот семинар при УКИМ е пред нови хоризонти, развивајќи процеси на афирмација на македонистиката и лекторатите. Грижата за развој и поддршка на 11 лекторати на странските универзитети е наш и национален приоритет. Пред нас се отворање нови лекторати и возобнова на згаснатите. Од годинава ги удостојуваме врвните македонисти востанувајќи награди „воздејства“, во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научноистражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката – рече во обраќањето пред присутните директорката на Меѓународниот семинар, Кристина Николовска.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, истакна дека науката за јазикот, но и континуираната и систематска грижа за македонскиот јазик и за неговата афирмација во светот се висок приоритет и на УКИМ и на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
– Токму дејноста на Меѓународниот семинар низ неговата 57-годишна традиција и активност континуирано го афирмира македонскиот јазик како средство на духовна и жива активност. Меѓународниот семинар покрај секојдневната студиозна настава од лекторски вежби, предавања, курсеви по избор, од годинава поттикнува и уште поактивен културен живот преку палета активности, кои ја красат програмата на летната школа, а тоа се промоции, курсеви за фолклор, културно-уметнички настани, музички настани, научни екскурзии, посета на „Струшките вечери на поезијата“… Дејноста на овој семинар е висок приоритет на УКИМ, на кој се даваат максимална поддршка и афирмација, поаѓајќи од значењето на овој семинар за македонистиката, универзитетот и државата, 2024 година ја прогласивме за година на македонистиката, сметајќи дека значењето на овој семинар е многу пошироко, интернационално – посочи Ангелова.
Обраќање имаше и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова.
– Со грдост ќе кажам дека дејноста на семинарот е достоен континуитет на една величествена мисија на сесловенските просветители, на првоучителите, на културните дипломати, визионерите, светите Кирил и Методиј, чија мисија доследно ја продолжија најверните нивни ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски. Блаже Конески ја препозна мисијата на светите Кирил и Методиј. Македонскиот јазик и Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаат не само национално туку и пошироко интернационално значење. За мене семинарот е сјаен преплет на врвна наука, едукација во пракса, развој на лекторати по македонистика во светот, соработки, вмрежувања, нови проекти, но пред сѐ како и културна дипломатија. Развојот на културниот туризам како важна општествена и економска гранка, верувам дека како еден од приоритетите, навистина ќе вроди со плод – рече Силјановска-Давкова.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво се програмски приоритет на новата влада, укажувајќи дека од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори.
На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите се планира публикување на два зборника: зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот). Зборнците ќе содржат и две „Песнарки“ со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности.
Како што е најавено, на 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција, „75 за 75“, е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“.
– Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот национален идентитет и култура. Затоа чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик за доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост. Континуираното повеќедецениско одржување на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик, за исконската преокупација не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто со неговите корени, историски, јазични и други аспекти – истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Наградите „воздејства“ им беа доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД, и на Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на семинарот, а беа доделени и благодарници „синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмацијата на македонистиката. В.Д.