Пожарите во жижата на експертите
Македонија изгоре, изгореа најубавите планински предели во Македонија, национални паркови, високи четинари, ниски мали шуми, изгореа села, но има и човечки жртви. Јас како Македонец, како патриот што ја сака македонската држава, но и како поранешен началник на Криминалистичка полиција во која беше и Отсекот против пожари во СВР-Битола, сакам со свои видувања, мислења и предлози да дадам придонес да се спречи секојдневното појавување на пожарите, со кои долгорочно се уништуваат македонските добра – шумите.
Кои се најчестите причини за избувнување пожари
Пожарите најчесто настануваат на отворен и на затворен простор, а во конкретниот случај ќе зборуваме за пожари на отворен простор. За успешно да се справуваме со пожарите најпрво треба да ги откриеме, односно да ги детектираме причините за појава на пожарите.
1. Пожари на отворен простор се предизвикуваат заради бизнис, палат поединци што се занимаваат со сеча, транспорт и продажба на огревни дрва, но и чатми и греди или за правење палети. Шумите се опожаруваат, потоа се чистат и опожарените дрва се продаваат со драстично намалени цени.
2. Пожари се предизвикуваат во предели со ниски шуми, смреки и треви заради претворање на пасишта, по настанати пожари расте млада и квалитетна трева, која исклучително е добра за пасење на стоката како овци, говеда и сл. Овие пожари најчесто ги предизвикуваат сточари.
3. Пожари се предизвикуваат заради берење печурки, во конкретниот случај се работи за печурката смрчак, која е една од најквалитетните и најскапи печурки и која расте околу стеблото на опожарен стар бор, тоа значи се пали борова шума, која е најдобра, најквалитетна и најскапа, но и најкорисна од еколошки аспект.
4. Пожари што настануваат како резултат од палење стрништа, меѓи и други места обраснати со капини, трње, шипје и други некорисни растенија, а со цел чистење на одредени површини.
5. Пожари што настануваат при промена на власта, најчесто предизвикувачи се поединци од опозициските партии, кои сакаат да прикажат дека новата власт е неспособна да се справи со пожарите.
6. Пожари што настануваат како резултат на громови, најчесто настануваат од осамени стари дрва погодени од гром од кои потоа огнот се проширува, пожари што настануваат со спојување на жиците од електричната струја на бандерите при ветер.
7. Пожари што најчесто настануваат од невнимание на граѓани, фрлање догорчиња, палење огнови, скари, кои по употребата не се обезбедуваат и не се гасат, пожари што се предизвикуваат од ловци што користат петарди за бркање на дивечот – диви свињи.
8. Пожари предизвикани од пиромани, лица што уживаат да гледаат огнови, во историјата се познати кралеви што палеле градови за да уживаат, земете го примерот со палењето на Рим, Брисел и др.
Главно тие се причините за предизвикување пожари на отворен простор, а најчести мотиви се користољубие, одмазда на раскарани поединци и семејства и без мотив, односно од невнимание.
Начини за справување со пожарите
Справувањето со пожарите треба да се врши на два начина, и тоа на превентивен и репресивен план, но и двата начина треба да се бидат спроведени на организиран начин и од стручни лица. На превентивен план најпрво треба да се работи со објаснување за севкупната штета што настанува од пожарите, како на отворен така и на затворен простор, таа едукација треба да се спроведува уште во основните и во средните училишта. Потоа многу е важно чинителите, специјализираните институции како МВР на РМ, МНО, ЦУК и др. институции уште при настапување на пролетта преку средствата за јавно информирање постојано да објаснуваат дека се наближува летниот период и да ги молат граѓаните да внимаваат при движење во шумите од предизвикување пожари, да предупредуваат на забраната за палење стрништа, огнови на отворено, скари и сл., нивно гасење по користење и сл. Истовремено постојано да ги запознаваат и предупредуваат граѓаните за високите парични и затворски казни што се предвидени во Законот за заштита од пожари и Кривичниот законик за лица што предизвикале пожар, доколку се откријат и споредат до надлежните органи. На надлежните органи да им се одобрат материјални средства за да се одржуваат шумските планинарски патишта, да бидат проодни и да се користат. Овие патишта особено се важни за движење на возилата што се користат при гасење пожари, но се користат за спречување на ширењето на пожарите. Повремено е потребно на одредени растојанија да се вршат прореди на шумите на долови или гребени на кои ќе се вршат сечи и чистење на тие терени што ќе користат за прекин на опожарени шуми, тие дрва би се продавале, а средствата би се користеле наменски за противпожарни цели (претходното го знаат стручни шумарски инженери).
Многу важен сегмент за заштита од пожари се инвестициите во противпожарните државни органи, но и формирањето доброволни здруженија на граѓани за заштита од пожари. Потребна е набавка на воздушни специјализирани летала за гасење пожари, специјализирани моторни возила и на друга потребна опрема за таа намена, перманентна обука на сите лица задолжени против пожари, а најважно е раководители на тие институции да бидат лица образовани и искусни во таа област. Наедно предлагам да се обнови цивилната заштита од елементарни непогоди, тоа значи да се изготват списоци на полнолетни работоспособни граѓани, кои повремено ќе се обучуваат за заштита од пожари и од други елементарни непогоди, ќе им се даваат опрема во случај на потреба при ангажирање, храна и дневници. За вакви активности особено да бидат ангажирани невработени лица, а се работоспособни. Ваква цивилна заштита постои во Америка. Не може шуми да гасат пет-шест пожарникари, пет-шест доброволци и неколку војници, пожари треба да гасат голем број остручени лица. На крајот, потребно е полицијата, Јавното обвинителство и судовите да бидат ефикасни и брзи при постапките за лица предизвикувачи на пожарите, да им се одмеруваат притвори и високи казни, кои веднаш ќе се објавуваат преку средствата за информирање, впрочем најголемата превенција се врши преку репресија.
Петко Бурлијовски