Стерјо Спасе

Изразувајќи го својот македонски културен идентитет, во периодот пред Втората светска војна, кога Албанија води силна асимилаторска политика, Стерјо Спасе станува непожелен за албанските власти во Тирана. Иако романот „Зошто“, всушност, е прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забрануваат поради македонското потекло на авторот

Повод – 110 години од раѓањето на Стерјо Спасе

Деновиве, припадниците на македонскиот народ во Република Албанија го одбележуваат раѓањето на големиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе. Тој е автор на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Потекнува од Глобочани, Општина Пустец, Мала Преспа, Република Албанија.
Основно училиште завршил во родното место и во Глобочани, Мала Преспа. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан, каде што завршува Педагошка гимназија. Работи како учител во Дервичане, село во округот на Ѓирокастро, а подоцна предава во Москополе, Корча и во Тирана. Пред Втората светска војна бил соработник на познатите списанија во Тирана и во Романија, како што се „АБЦ“, „АРС“, „Бота е ре“, „Нов свет“ и др. Во овој период книжевната дејност на Стерјо Спасе е особено плодна. Тој интензивно твори и создава неколку значајни дела, меѓу кои романите „Зошто“ – 1935, „Венера“ – 1944, збирките раскази „Младински венец“ – 1934, „Во прегратките на една жена“ – 1934, „Невеста без превез“ 1944 и др. Во 1935 година во Корча го издава својот прв роман „Од живот во живот – зошто“. Во романот наречен едноставно „Зошто“, ремек-дело на неговото творештво, тој ги опишува историјата на млад интелектуалец, кој се вратил во своето родно село по завршување на обуката, и судирот со традиционалното, што го води до самоубиство. Меѓутоа, набрзо по излегувањето, актуелната власт ќе го забрани романот „Зошто“.
Изразувајќи го својот македонски културен идентитет, во периодот пред Втората светска војна, кога Албанија води силна асимилаторска политика, Стерјо Спасе станува непожелен за албанските власти во Тирана. Иако романот „Зошто“, всушност, е прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забрануваат поради македонското потекло на авторот. По ослободувањето, кога во Албанија попушта асимилаторската политика кон малцинствата, Стерјо Спасе, во 50-тите години на минатиот век се преселил во Тирана. Во еден период бил просветен инспектор, уредник на „Наша литература“, „Ноември“, „Ново училиште“ и др. Во 1960 година, тој завршил висок курс за книжевност во Институтот за јазик и книжевност „Максим Горки“.

Неговата книжевност по Втората светска војна е разновидна. Автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Напишал образовни дела, се занимавал со преводи, статии, монографии и сл. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици.
Тој е автор на десетина романи. По ослободувањето, во 1952 година, тој го издава романот „Тие не беа сами“, во кој ја опишува борбата на албанскиот селанец против беговите. Три години потоа, во 1955 година, го издава и романот „Венера повторно во селото“. Романите „Огнот“, „Смрт или слобода“, „Бунтовниците“ и други имаат историска тематика, со што Стерјо Спасе ја опишува борбата на населението во Албанија против Отоманската Империја. Во меѓувреме, Спасе пишува и за најмладите. Во 1966 година ја издава адаптацијата на епски песни за деца „Соколица“, а две години потоа и приказните за деца „Поздрави од селото“.
Исто така тој ги забележува и македонските народни песни од Преспанскиот Регион, со што зазема значајно место меѓу собирачите на македонски народни умотворби. По неговата смрт во 1989 година, како дел од македонското културно наследство, под наслов „Македонски народни песни од Мала Преспа“, во 1992 година овие песни за печат ги подготвува Благоја Стојчевски. Стерјо Спасе умира во Тирана, на 12 ноември 1989 година.
Во 2019 година, тогашниот албански претседател Илир Мета постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто“ го најавил создавањето современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа. Во неговото родно село беше пуштен во употреба Музејот на Стерјо Спасе, реконструираната училишна зграда каде што учел.


Претставници на МАЕИ положија свежо цвеќе на бистата на Стерјо Спасе во Глобочани

По повод 110 години од раѓањето на писателот Стерјо Спасе, делегација на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија кај нашиот западен сосед, положи свежо цвеќе пред бистата што се наоѓа во селото Глобочани, неговото родно место.
– Глобочани и Преспа со право се горди што на Албанија ѝ дадоа еден бесмртен писател, чии дела се не само вградени во сржта на албанската книжевност туку и ја отсликуваат значајната улога на Македонците во албанското општество. Колосот на современата албанска литература, Стерјо Спасе, преку своите дела инспирираше и едуцираше цели генерации Албанци, секогаш гордо истакнувајќи ги своите македонски корени – беше речено при посетата на неговото родно место и положувањето цвеќе. Д.Ст.