Фото: Маја Јаневска-Илиева

Речиси веќе една година, Бугарија најавува уште полиберална политика за издавањето пасоши. Од наши соговорници од Софија, презентирана ни е информацијата дека се подготвува дополнително уште посилно олеснување на процедурата за издавање бугарски пасоши, кое веќе поминало во прво читање во бугарскиот парламент. Но целиот процес моментно е во застој затоа што земјата е во правен вакуум, поради неможност да формира нова влада

Нескриените тенденции на официјална Софија во различни модалитети да ја продолжи традицијата на асимилирачки политики во регионов и особено кон Македонците, во последната деценија во голема мера се препознава со издавањето бугарски пасоши. Имено, откога Бугарија стана членка на ЕУ, нејзиниот пасош стана и „европски“ и, се разбира, истиот тој е со поголеми можности, што ги овозможува со членството во Унијата.
Трендот на издавање бугарски пасоши (главно во земјите од нејзиното соседство), започнат кога почна да станува извесно дека Бугарија (и покрај неисполнувањето на критериумите) ќе стане членка на Европската Унија, со помали или поголеми осцилации, не стивнува до денес.

Долгогодишна итро-подмолна политика на издавање бугарски пасоши

Бугарија со понуди за државјанства, покрај Македонија, сѐ повеќе нишани кон земји од регионот на Западен Балкан, кои не ѝ се во директно соседство, како Албанија и Косово, ставајќи ја привилегијата на нејзиниот пасош да биде третиран како патен документ на ЕУ, во функција на нејзините стари стратегии на национален и територијален експанзионизам.
Долгогодишната итро-подмолна политика на издавање бугарски пасоши на македонските граѓани, политички резултираше со условувачка (практично уценувачка) преговарачка рамка на ЕУ за Македонија, со која за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес за членство во Унијата се бара спроведување уставни измени со внесување бугарско малцинство во македонскиот устав. И покрај тоа што на последниот попис во Македонија од 2021 година како Бугари се изјасниле 3.504 македонски граѓани, официјална Софија во своите уцени оперира со бројката на издадени пасоши од неа на македонски граѓани, во текот на изминатите дваесетина години. Навистина, истата таа официјална Софија никогаш не ја кажа точната бројка на Македонци на кои им го доделила својот пасош (претходно, практично принудувајќи ги со изјава да се изјаснат за своето бугарско потекло), иако често се заканува дека ќе ги открие имињата (особено на македонските политичари) на тие македонски граѓани со двојно, т.е. со бугарско државјанство.

Ново олеснување на процедурите за добивање бугарски пасош како мамка

Речиси веќе една година, Бугарија најавува уште полиберална политика во издавањето пасоши. Од наши соговорници од Софија, презентирана ни е информацијата дека се подготвува дополнително олеснување на процедурата за издавање бугарски пасоши, кое веќе поминало во прво читање во бугарскиот парламент. Но целиот процес моментно е во застој затоа што земјата е во правен вакуум, поради неможност да формира нова влада. Предлог-законот уште минатата година е доставен во бугарското собрание од Радомир Чолаков и група народни претставници.
Имено, при поднесување барање за бугарско државјанство на основа на бугарско потекло (т.н. бугарски происход), ќе се укине условот „предок на апликантот да починал како бугарски државјанин“. Исклучително интересно е што Република Бугарија може за одредени лица за кои ќе смета дека се „од посебен интерес“, ќе има дискрециско право да му додели државјанство на тоа лице или кога лицето има некои „посебни заслуги“. Ова го имаат повеќето земји како можност, но критериумите за „заслужен граѓанин“ се многу високи и прецизно наведени. Во случајот со Бугарија, тоа ќе биде драстично либерализирано.
Исто така, ново е и тоа што ќе може да се поднесе барање за државјанство по однос на натурализација, а лицето ќе треба да поднесе молба за откажување од тековното државјанство. Се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување услов за тригодишен период на вонбрачна заедница, но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен – во таков случај бугарското државјанство ќе биде одземено. Планирано е лицата што се стекнале со бугарско државјанство да ги добијат уверенијата на посебна официјална церемонија.

Бугарија не престанува со политиките на „привилегии“ за Македонци и во Албанија: Стипендии, реновирање училници во областите на Албанија каде што живеат Македонци итн.

Додека се очекува да се стабилизира внатрешната политичка состојба во земјата, односно да се избере стабилна политичка влада, Бугарија сепак не престанува со спроведување на политиката на „привилегии“ за Македонци и во Албанија, и тоа со нудење стипендии за студирање, реновирање училници во областите на Албанија каде што живеат Македонци. Како резултат на таквите „напори“, Бугарија сепак издејствува на последниот попис во Албанија, од нигде-никаде, за првпат да се појават околу 7.000 Бугари и на тој начин да тврди дека бугаризирала 7.000 тамошни Македонци. Успехот во Албанија се чини дека и понатаму ја мотивира Бугарија истата стратегија да ја примени и во Косово, со носителите на бугарски пасош од областа Гора. Изворите оттаму ни тврдат дека во моментов процедурата за добивање бугарски пасош трае само неколку месеци.

Бугарската стратегија со штанцање бугарски пасоши – искористена за противправно богатење на поединци во бугарската администрација

Издавањето бугарски државјанства е мошне контроверзна тема и во бугарското општество, но од аспект на коруптивни афери. Во 2018 година, 22 државни службеници беа приведени под сомневање дека издавале фалсификувани уверенија за бугарско потекло, што е еден од условите за добивање бугарско државјанство. Беше поднесено обвинение против тогашниот претседател на државната Агенција за Бугарите во странство и други службеници дека земале мито за издавање бугарски пасоши на луѓе што не исполнувале услови за тоа.
Две години подоцна, во 2020 година, тогашната министерка за правда Десислава Ахладова објави дека за десет години, од 2010-та до 2020-та, речиси 80 илјади македонски граѓани поднеле барање за државјанство врз основа на бугарско потекло.
Претходниот службен бугарски премиер Николај Денков побара истрага во бугарските дипломатски претставништва, поради сомнежи за нерегуларности при спроведување на процедурите за апликација за бугарско државјанство. Меѓу „осомничените“ се најде и бугарскиот конзулат во Битола.
На последниот попис во Македонија како Бугари се изјаснија 3.504 луѓе, но само 762 од резидентното население рекле дека дома зборуваат бугарски јазик.


Може ли ЕУ да го контролира и регулира издавањето европски пасоши од Бугарија?

Европската Унија треба да ги регулира процедурите на сите свои членки што им издаваат пасоши на туѓи државјани. А таква практики имаат и други држави што влегоа во ЕУ и нудеа свои пасоши, вели професорката Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.
– ЕУ може и мора да ги регулира и контролира процедурите на сите свои земји членки што им издаваат пасоши на туѓи државјани. Бугарските пасоши се практика што Бугарија не ја прави изолирано. Таква практика имаат и други држави што влегоа во ЕУ и им нудеа свои пасоши на луѓе што од прагматични, но и идеолошки причини прифатија нивни државјанства, како Романија, која како и Бугарија со своите лукративни ЕУ-пасоши го менува пресекот на населението и ја става под закана државотворноста на соседните држави. Менувањето на националната мапа на проблематични региони како Молдавија, поранешна Југославија не треба да биде практика што незабележано ќе продолжи да поминува со амин од ЕУ, која прифаќа да биде злоупотребена од своите нереформирани земји членки, кои не престануваат да играат со многу опасни политики манипулирајќи ги малцинствата, кои разбирливо посегнат по сопствена европска иднина. Но ЕУ може и мора тие експанзионистички политики да ги регулира и санкционира. А секако може да размисли и за нудење ЕУ-пасоши на земјите кандидати, како Македонија и Молдавија, за да ги пресече иредентистичките практики на своите членки – објаснува Мантон. Ј.П.