Критика за македонскиот филм во хрватскиот „Т портал“

Во рубриката за филмска критика на хрватскиот „Т портал“, филмската критичарка Зринка Павлиќ пишува за најновиот филм на македонскиот режисер Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“, за кој оценува дека е „жив, полн со љубов, потресен, но и хумористичен филм“.
– Кога ќе го изгледате овој прекрасен филм, ќе ви стане јасно дека сѐ во тој разговор е вистина. Да, Дита (Анамарија Маринца) и Тони (Владимир Тинтор) навистина не се сакаат како што општеството вели дека треба да се сакаат мажот и жената што стапуваат во брак. Тони навистина, во таа смисла, сака момчиња, поточно мажи, а Дита навистина ја сака мајката на Миа, Суада (Алина Сербан), и живее со неа во она што хрватските закони би го нарекле животно партнерство. Но тогаш на Суада ѝ е дијагностициран рак на панкреасот. Гледајќи дека ниту злобната болест ниту здравствениот систем, кој како Ромка не ја третира најдобро, не ѝ даваат многу долга животна прогноза, таа на смртна постела ја моли Дита кога ќе умре, таа да биде мајка на нејзините малолетни ќерки Миа (Џада Селим) и Ванеса (Мија Мустафи). Но Дита никогаш не сакала да биде мајка. И не само тоа. Македонските закони – бидејќи филмот се одвива во Скопје – не ѝ дозволуваат да ги посвои децата на Суада по нејзината смрт доколку не е мажена за маж. Тоа е местото каде што нејзиниот геј пријател Тони влегува во игра. И неговото момче Али (Самсон Селим). И некои други пријатели на постарата ќерка на Суада, Ванеса. И на моменти настанува речиси неконтролиран хаос во куќата на Дита, каде што сите живеат, се забавуваат, се караат, но секогаш и засекогаш – љубат – пишува Павлиќ.
Критичарката се осврнува на изјавата на Горан Столевски во една пригода кога вели дека на уметникот му е корисно да биде аутсајдер.

– Во исто време, тој мислел и на себе – австралиски емигрант од Македонија и геј филмаџија кого не го интересираат конвенционалните приказни или приказните за конвенционални луѓе. Затоа и во овој филм, како и во неговите претходни – „Нема да бидеш сама“ и „Од една доба“, зборува за луѓе што не се вклопуваат во општествените конвенции, еден вид аутсајдери. Филмот освои „квир лајон“ на Фестивалот во Венеција, но разновидноста на ликови во него не се однесува само на ЛГБТК-популацијата туку и на ромското расно малцинство во Македонија, како и на јазичната и културната разновидност во едно домаќинство – пишува Павлиќ.
Според неа, иако Столевски зборува за луѓе од различни раси, националности и сексуални ориентации во едно домаќинство, тој всушност се занимава со прашањето за тоа што всушност е семејство.
– Затоа што иако ликовите во овој филм стануваат семејство преку сплет на животни околности, а не преку крвните врски, тие всушност се семејство како и секое друго. Зарем секое семејство не е збир на различни луѓе чии разлики во темпераментот, животниот избор и наклонетоста предизвикуваат неред и живост што е тешко да се контролира. Она што обично нѐ прави функционални во семејствата се љубовта, одговорноста, пожртвуваноста, волјата да се грижиме еден за друг. И тоа е она што ќе нѐ научи да бидеме таа основна општествена единица, да бидеме прибежиште еден на друг од надворешниот свет, но и подготовка за него, она што нѐ учи какви треба да бидеме кон другите. И тоа ќе го научат ликовите во овој филм, како почетници во домаќинството, почетници во семејството – вели филмската критичарка на „Т портал“.
Таа заклучува дека конзервативците од сите конфесии на овие простори нѐ уверуваат дека семејства како она од филмот постојат само во „корумпираниот Запад“ и дека во нив можат да функционираат само „разбудените хипици“ на кои им е испран мозок од политичка коректност, родова идеологија и слични изрази на омраза.
– Столевски со својот филм покажува дека во реалноста луѓето ги поврзува љубовта – го завршува својот осврт Павлиќ. В.Д.