Петар Поп Арсов

Деновиве се одбележуваат 156 години од раѓањето на великанот Петар Поп Арсов, кој во македонската историска меморија останува запаметен како една од најголемите македонски национални фигури. Во одредена мера, неговиот лик и дело се занемарени, но влијанието на Поп Арсов во македонското движење особено се чувствува во два сегмента, македонската национална мисла и политичката борба за слобода. Не случајно за него се вели дека е афирматор на културното и духовното издигнување на македонскиот народ, македонската самобитност и на македонскиот литературен јазик и правопис. Поп Арсов истовремено се пројавува како идеолог на македонското револуционерно движење преку ставот за целосно одделување на македонските интереси од бугарските национални и политички интереси

Повод: 156 години од раѓањето на еден од основоположниците на МРО

Ликот и делото на Петар Поп Арсов се неразделно поврзани со развојот на македонската национална и политичка мисла. Тој е личноста што беше инспиратор на идејата за отворање Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет и поборник за изградување независна македонска црква. Тој бил фанатички убеден во можноста за постоење самостојна и независна Македонија како рамноправен фактор на Балканот и огорчен противник на нејзината поделба. Треба да се нагласи дека Поп Арсов е меѓу оние македонски национални дејци, како што се Даме Груев и Крсте Петков Мисирков и др.) кои созреале на релацијата Солун – Белград – Софија. Во текот на оваа патешествие, Поп Арсов, како и голем број негови сопатници, разбрал дека ослободувањето на Македонија може да се случи само со сопствени сили, без да се бара помош од некого.
Во Софија станал еден од основачите на Македонското студентско друштво (заедно со Даме Груев, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и др.). Учествува во работата на оформувањето на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото учествувал во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и др.). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот „Лоза“, официјален орган на лозарите. Од првиот број на списанието каде што го објави и својот расказ „На Мокров“, воведе еден нов македонски фонетски правопис, каде што и за првпат ги наоѓаме и употребени и карактеристичните букви: К’, Г’, Н’, а се исфрлени двогласните букви: Ъ, Ю, Ь, a гласот Ј е предаден во I.
По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на „Лоза“, Арсов заминал за Македонија и во есента 1893 година се вработил како професор во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници, меѓу кои и Даме Груев.

Писмо од Петар Поп Арсов до Алберт Сонисен, американски новинар кој поминал неколку месеци во 1906 година со македонските комити

Во тој период меѓу потесен круг на македонски интелектуалци се појавила идејата за основање една револуционерна организација, во овие случувања активно учествувал и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шестемина основоположници на Македонската револуционерна организација.
Во текот на својата револуционерна активност извршувал повеќе функции. Бил претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 година, директор на егзархиските училишта во Штип во 1896 г. и претседател на окружниот комитет во 1896 година. По Виничката афера, првото масовно разоткривање на Внатрешната организација од османлиската власт, е обвинет за организирање востание и е осуден на 101 година од страна на специјален воен суд во 1897 година. Бил испратен во Подрум Кале, каде што бил до 1902 година, кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание, поради апсењето по Солунските атентати (во тоа време дошло до самораспуштање на Централниот комитет). Арсов станал член на ЦК на организацијата во 1904 година. Учествувал во работата на Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за задграничен претставник, а учествувал и во дејноста на организацијата сè до нејзиниот неформален расцеп.

За време на подготовките на списанието „Македонија“ двапати бил притворан како интелектуален инспиратор. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се заложил за изградување независна македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков. За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес, каде што организирал семакедонска конференција, на која тој и Димитрија Чуповски биле избрани да отпатуваат во Лондон за да го постават македонското прашање на Мировната конференција. Неговиот поглед по во ова прашање го дознаваме од реченицата: „Македонија ако ја немаше би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“. Под притисок на српската власт биле разоткриени, Чуповски се вратил во Русија, а Петар под закана за сопствениот живот пребегал во Бугарија.

Во 1914 г. во Костенец станал учител. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот и се оженил со учителката од Солунската женска егзархиска гимназија, Христина Начева. Во 1930 година се преселил во Софија (се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок), каде што останал до крајот на животот.
По прашањето за изградување македонски литературен јазик и правопис, Арсов сметал дека најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување. Ја напишал брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, под псевдонимот Вардарски, во која ја демаскирал бугарската денационализаторска политика во Македонија.
Петар Поп Арсов е единствениот основоположник на Македонската револуционерна организација (МРО) што го потпишал апелот на привременото претставништво на поранешната ВМРО, со кој се барало воспоставување на Македонија како самостојна и независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници. Решенијата на Париската мировна конференција, која всушност со мали измени ја потврдила одлуката од Букурешкиот мировен договор, биле причина за големата разочараност кај него и за повлекување од јавната политичка сцена. Д.Ст.


„На Мокров“

„На Мокров“ (расказ од животот на Македонците) е прозен расказ напишан од Петар Поп Арсов. Тој во расказот ги предава дијалектите на македонскиот јазик со карактеристичниот дијалект на Азот. Расказот е напишан со типичен лозарски правопис, кој е усовршен и е единствен таков текст објавен во „Лоза“. Поп Арсов вовел новина, која се состоела во употребата на графемите за палаталните консонанти к’ (кук’а, нек’у, к’е), г’ (мег’у, луг’е, г’аур) и н’ (кон’у). Во неговите дијалози не се наоѓа буквата л, најверојатно поради мошне ретката употреба во македонскиот јазик. Друга одлика на Поп Арсов се редовната употреба на тројниот македонски член (к’iошот, чо’еков, селово, очиве долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и). Д.Ст.