Фото: Пиксабеј

Решенијата засновани на природата се значително поевтини и поефикасни од технолошките одговори на климатската криза, покажува анализата на илјадници студии за ублажување на климатските промени, земајќи ги предвид јавното и приватното финансирање и ефективноста, а заклучокот е неоспорен.
Климатските решенија инспирирани од природата се економичен метод за ублажување на климатските опасности. Понатаму, решенијата инспирирани од природата не се помалку ефикасни од инженерските решенија за обновување на климата. Јавните програми се главниот извор на финансирање за климатски решенија инспирирани од природата. Според податоците од анализата, која во целост ќе биде објавена во октомври годинава, а според податоци на Европската комисија собрани за оваа студија, во ЕУ се инвестирани повеќе од 200 милиони евра во решенија инспирирани од природата во периодот помеѓу 2016 и 2020 година, а уште повеќе се планира да се инвестира преку зелениот план и фондот „Хоризонт во иднина“.

Многубројни анализи

За целите на анализата, авторката Марта Викарели и колегите прегледале повеќе од 20.000 рецензирани студии на англиски јазик, од кои 71 процент покажале дека решенијата инспирирани од природата се „конзистентно поекономичен пристап за ублажување на опасностите“. Преостанатите 24 проценти од студиите покажале дека овие решенија се профитабилни, под одредени услови.
Решенија инспирирани од природата се, на пример, одржување и повторно засадување мангрови шуми во тропските региони што ги чистат реките, ги одржуваат рибите и овозможуваат риболов. Дури 65 отсто од студиите покажале дека природните решенија секогаш се поефикасни од технолошките, 24 проценти од студиите покажале дека природните решенија се делумно поефикасни. Меѓутоа, ниту една студија не покажала дека технолошките и инженерските решенија се поефикасни од природните. Голем број природни решенија се препознаени и од националните, наднационалните и релевантните меѓународни институции.

Важноста на екосистемите

Решенијата засновани на природата ги опишуваат развојот и користењето на природата (биодиверзитет) и природните процеси за решавање различни социоеколошки прашања. Тие вклучуваат ублажување и адаптација на климатските промени, прашања за човековата безбедност, како што се безбедноста на водата и храната и намалување на ризикот од природни катастрофи. На пример, природните системи за приспособување на климатските промени може да вклучуваат природно управување со поплави, обновување на природната одбрана на крајбрежјето и обезбедување локално ладење. Целта е еластичните екосистеми да обезбедат решенија за благосостојбата на општествата и биолошката разновидност.
Решенијата инспирирани од природата ја нагласуваат одржливата употреба на природата во решавањето на поврзаните еколошки социоекономски предизвици. На тој начин се надминуваат традиционалните принципи за зачувување и управување со биолошката разновидност, со рефокусирање на дискусијата на луѓето и особено интегрирање на социјалните фактори, како што се човечката благосостојба и намалувањето на сиромаштијата, социоекономскиот развој и принципите на управување.